Имигрантите во Тунис (кои се населиле таму од земјите на супсахарска Африка) стравувајќи од повикување на кривична одговорност поради доселувањето во Тунис, уплашени од апсења, затворања, физичко малтретирање и протерување почнаа самоиницијативно да се враќаат во своите матични земји. Во исто време, матичните земји на тие луѓе преземаат мерки за помош на своите сограѓани
Зошто земјите на супсахарска Африка ги примаат назад своите граѓани што мигрирале во Тунис
Неколку супсахарски земји, вклучувајќи ги и Брегот на Слоновата Коска, Мали, Гвинеја и Габон, им помагаат на своите граѓани да се вратат од Тунис по контроверзните изјави и ставови од претседателот на таа земја дадени минатиот месец. Имено, претседателот на Тунис, во врска со прашањето за имиграцијата во таа северноафриканска земја изјави дека имиграцијата во Тунис е смислено сценарио за промена на демографската структура на Тунис. Во истиот контекст претседателот на Тунис смета дека учесниците во ова сценарио треба да понесат атрибут на „кривично одговорни лица“.
Затоа, имигрантите во Тунис од земјите на супсахарска Африка, стравувајќи од повикување на кривична одговорност, од апсења, затворања, физичко малтретирање и протерување, почнаа самоиницијативно да се враќаат во своите матични земји. Во исто време, матичните земји на мигрантите преземаат мерки за помош на своите сограѓани.
Расистички и заканувачки изјави на претседателот на Тунис
На состанокот на Советот за национална безбедност на Тунис на 21 февруари, претседателот на Тунис, Каис Саид, ги опиша наводните нелегални гранични премини од супсахарска Африка кон Тунис како „кривични поведенија, реализирани на почетокот на овој век, што имаат цел – промена на демографската композиција на Тунис“.
Претседателот на Тунис, Саид, исто така изјави дека континуираната нелегална имиграција има цел да ја претвори Тунис во „само африканска земја без припадност на арапскиот и муслиманскиот свет“, додавајќи дека оние зад ваквата шема се вклучени во трговијата со луѓе.
Африканската унија силно ги осуди изјавите на туниската влада, нарекувајќи ги „расистички“ и „шокантни“.
– Претседавачот ги потсетува сите земји, особено земјите-членки на Африканската унија, да ги исполнат своите обврски според меѓународното право и релевантните инструменти на Африканската унија да ги третираат сите мигранти со достоинство, од каде и да потекнуваат, да се воздржат од радикализиран говор на омраза што може да им наштетат на луѓето и да им дава приоритет на нивната безбедност и човекови права – се вели во изјавата на Африканската унија од 24 февруари.
Репатријација на граѓаните што под закана го напуштаат Тунис
Во горенаведениот контекст и околности, државата Брегот на Слоновата Коска соопшти дека 145 граѓани ќе бидат вратени назад во својата држава деновиве.
Државата Мали, исто така, најави доброволно репатријација на своите граѓани од Тунис, се вели во извештајот од четвртокот на државниот весник „Л’сезор“. Во меѓувреме, Гвинеја објави слики на Твитер на лидерот на хунтата, полковник Мамади Думбуја, како ги пречекува и поздравува гвинејските повратници на аеродромот во Конакри во саботата и минатата среда.
Амбасадата на Габон во Тунис соопшти дека многу мигранти од супсахарските земји повеќе не се чувствуваат безбедно во Тунис и понудиле да ги вратат своите граѓани, кои до недела имаат рок да се регистрираат за доброволно репатријација.
Во друг говор на 23 февруари, Саид тврди дека не постои расна дискриминација во Тунис и додава: „Нашите африкански браќа што живеат во Тунис легално“ се добредојдени во земјата.
Туниските власти уапсиле 58 африкански мигранти во петокот, откако, наводно, ја преминале границата и престојувале нелегално во земјата, објави во саботата државната новинска агенција ТАП.