Србија

Интересна низа настани во нашето соседство се случуваат деновиве во врска со процесот на регулирање на билатералните односи меѓу Белград и Приштина, со посредство на Брисел. Имено, по обелоденување на европскиот план за Косово, Белград експресно излезе со свој став во јавноста, кој го презентира претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Подготвени сме да работиме на имплементација на многу работи од европскиот план за Косово, но дадовме и една јасна и голема забелешка – дека нема разговори за меѓусебно признавање, признавање, ниту за членство на Косово во ОН. Тоа им го кажав на (францускиот претседател Емануел) Макрон и (германскиот канцелар Олаф) Шолц во Минхен и на сите големи лидери, (специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалогот Косово – Србија Мирослав) Лајчак и (високиот претставник на ЕУ Жозеп) Борел го знаат тоа и неколкупати го повторив тоа. Станува збор за тоа дека не сакам и не можам да разговарам за меѓусебно признавање, признавање и влез на Косово во ОН – изјави за јавноста во специјалното обраќање претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за јавниот сервис РТС.
Тој посочи дека е свесен оти „99,99 отсто од Албанците се за независно Косово“ и дека „таму ништо нема да се промени“, но нагласи дека „никогаш нема да има друга војна“. Нагласи и дека сака да „направи рационални компромиси за да се живее нормално“ со Албанците.
На прашањето каков простор за маневрирање постои со оглед на тоа што европскиот план, кој го поддржуваат и САД, предвидува дека Србија нема да се спротивстави на приемот на Косово во меѓународните организации и дали тоа подразбира и прием во ОН, Вучиќ рече дека „шансите тука нешто да се промени се никакви“.
– Сега треба да направиме план за имплементација и патоказ, да видиме што ќе примениме, но нема да спроведам членство во ОН или нешто слично. Подготвен сум да преговарам за сѐ друго, но нема да го потпишам – повтори Вучиќ.
Тој наведе дека во рамките на планот ќе се работи на регулирање на царинските односи и печатите, слободата на проток на стоки, капитал, услуги и други животни проблеми. Дел од имплементацијата на планот ќе бидат посебни права и екстериторијалност за СПЦ на Косово, каде што е официјалното седиште на поглаварот на СПЦ.
За обврската на Приштина од бриселскиот договор од 2013 година да формира заедница на српски општини (ЗСО), која ја поддржуваат и САД и ЕУ, а е клучен предуслов Белград да почне да го спроведува планот, тој рече дека „никаде во бриселскиот договор не е предвидено независно Косово, а ЗСО е многу предвидено“, но Курти одбива да го спроведе. Вучиќ изрази уверување дека Косово нема наскоро да формира ЗСО, „можеби за неколку месеци, можеби многу подолго“, додавајќи дека ќе може да се почне да се зборува за други работи и за спроведување на планот дури кога Приштина ќе го стори тоа.
Во врска со разговорите во Брисел и заклучоците од нив, се огласи и Стејт департментот на САД.
– САД ги поздравуваат разговорите во Брисел како дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина со поддршка на Европската Унија, одржани на 27 февруари, и силно го поддржуваат процесот на нормализација на односите меѓу двете страни – изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Тој посочи дека напредокот кон формирањето заедница на српските општини е сè уште клучен за градење на иднината на Косово „како суверена, мултиетничка и независна земја интегрирана во евроатлантските структури“.
Притоа, тој оцени дека договорот за анексот за имплементација е суштински за нормализација во согласност со предлогот на ЕУ.
Прајс додаде дека средбата во Брисел била добар чекор напред, но дека останува уште многу напорна работа.

Подготвил: Mарјан Велевски