Нервозни се и учениците и кадарот, не само поради тоа што се пролонгира времето за настава, туку и поради тоа што квалитетот не е ист, а некаде имало проблем со вклучувањето на „Тимс“. Родителите на помалите ученици, пак се изморени од трчањето да ги земат од школо и се чудат како ќе се снајдат и кој ќе ги чува децата, ако треба да учат на далечина
Во средните училишта и во дел од основните и денеска наставата почна со физичко присуство, а продолжи онлајн, откако стасаа дојави дека се поставени експлозивни експлозивни направи. Во средните училишта, во кои секој ден има дојави за бомби текот на денот и на наставниците и на учениците е таков, одат во училиште, па откако ќе се спроведе евакуација имаат час и половина до два да се вклучат онлајн. Училиштата подготвиле распоред и за учење од далечина, а наставата продолжува онаму кај што застанала. Нервозни се и учениците и кадарот, не само поради тоа што се пролонгира времето за настава, туку и поради тоа што квалитетот не е ист.
Во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје денес, по стасаната дојава за бомба, од дома продолжиле да учат и поголемите и помали одделенија.
Онлајн продолжиле и во гимназиите „Ѓорѓи Димитров“ и во „Орце Николов“.
-Онлајн-настава кај нас има цела оваа недела, зашто има дојави за бомби. Тоа е според насоките што ги добивме од Министерство за образование и наука. Наставата на далечина се одвива без проблем. Почнува час и половина до два откако ќе се евакуираат учениците и кадарот со часот на кој прекинала во училиште. Нормално е да се нервозни и учениците и наставниците, но што можеме. Имаме дополнителни распореди за настава на далечина и ги користиме – вели Митко Димовски, директор на „Орце Николов“.
Проблеми како и со ковидот
За разлика од таму, има средни училишта во кои има потешкотиии при наставата на далечина.
-Тоа се истите потешкотии што се случуваа и во пандемијата. Има деца без компјутер или интенет, има проблеми со вклучување – вели директор на средно училиште.
Во некои училишта велат дека имале проблем со вклучувањето на „Тимс“, не функционирале лозинките.
Некои од учениците од помалите одделенија во училишта во кои нема често дојави за бомби денес мораа да се вратат дома.
Кој ќе ни ги чува децата
-Јас работам во болница. За дојавата ми јавија додека бев со пациент од „Мој термин“. Морав да одам по детето. Некогаш се снаоѓам, но денес не успеав. И трчав по него, врнеше, а децата со наставничката чекаа во паркот до школото. Можеби дојавите се лажни, свесни сме за тоа, но целосно ни го пореметија животот, а влијаат и на работата. Ова ги премина сите граници. Живееме под стрес, на штрек. Ако продолжат онлајн не знам со кого ќе седи дете од второ одделение. Искрено не ми е јасно како ќе се организираме. Сите работиме, за нас со мали деца ова е сериозен проблем – вели мајка чие дете учи во училиште во Кисела вода.
Инаку, дојавите за бомби траат веќе неколку месеци. Вообичаено, дојавата за бомба речиси во сите училишта пристигнува во претпладневните часови, кога вработените и учениците се веќе во училишните објекти. Дојавата пристигнува на службените имејл-адреси на училиштата, до кои пристап имаат директорите и секретарите. Веднаш штом тие ќе ја прочитаат дојавата за бомба, започнуваат да спроведуваат евакуација по протокол.
Директорите на скопските училишта велат дека пораките што пристигнуваат вообичаено не се само известување дека во училиштето има поставено бомба. Напротив, задолжително во пораката има и реченици со вознемирувачка содржина, од која им се заледува крвта.
Наставниците и сите вработени во училиштата даваат максимум од себе за да ги спасат децата и да ги однесат на безбедно.
Проблеми со онлајн-наставата во неколку училишта
Од МОН велат дека апликацијата „Тимс“ функционира и секој ученик со своето корисничко име и лозинка може да пристапи и да го користи профилот за вклучување во онлајн-настава доколку во училиштето каде учи имало заканувачки дојави за бомби и од страна на наставниците е дадена таква насока.
-Добивме известувања од неколку училишта дека утрово имало прекин во функционирањето, односно користењето на „Тимс“ но по кратко време учениците се приклучиле со своите кориснички сметки – велат од МОН.