Фото: Игор Бансколиев

По критиките во јавноста за пласирањето идеи што заговараат загрозување на унитарниот карактер и територијалниот интегритет на Македонија, очигледно наменети за провоцирање и предизвикување вознемиреност кај македонските граѓани, некои од актерите на „наддавањето“ со идеи за примена на косовскиот модел за заедница на општини во земјава ретерираа, изјаснувајќи се или како неразбрани во иронијата или дека тоа било, всушност, меѓупартиско „подметнување“. Сепак, (не)сериозноста на пласирањето на ваквите идеи никако не говори во прилог на конструктивноста на албанскиот политички фактор за државноста на Македонија

Албанските партии на власт се
Европејци, во опозиција – популисти и сепаратисти

Како своевидна рефлексна реакција на дел од албанскиот политички фактор, на процесите во блиското северно соседство, но и внатре кај нас, во јавноста се активираше повторно идејата – барање за заедница на албански општини во Македонија, како некаков пандан на барањето на меѓународната заедница за формирање асоцијација на српски општини во Косово. Откако беа разрешени од должност во Владата министрите и другите функционери од Алтернатива, оваа партија речиси веднаш во јавноста ја воскресна идејата за заедница на албански општини. Еднаш пуштена да се „тркала“ во јавниот простор, на оваа идеја се надоврзаа и ја надградија и претставници од Алијанса за Албанците, па и некои други албански интелектуалци.

Македонски енклави во македонска држава?!

Наративот на идејата се прошируваше и надградуваше, во смисла дека „територијалната организација по усвојувањето на Охридскиот договор создала македонски енклави на териториите каде што живеат Албанци, со српскиот метод применет во Косово, со што се нарушува албанскиот територијален континуитет во земјата“ (!?). Според оваа констатација, потребен бил „нов закон за територијална организација, со кој би се редефинирала поделбата на општинските граници, без табуа“.
На „мамката“ за заедница на албански општини се „фати“ и потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, кој е и предводник на огнената група во партијата. Тој се изјасни дека го поддржува предлогот на опозициската Алтернатива за формирање заедница на албанските општини во земјава по примерот на Косово.
– Заедницата во Косово ќе има домино-ефект во регионот, бидејќи граѓаните патуваат и споделуваат, нашите семејства се поврзани и половина се во Косово, а половина овде. Ако може Србите со 4 отсто да имаат асоцијација, тогаш тоа ќе има ефект и врз Албанците, кои се најмалку 30 отсто во Македонија и претендираат за истите права – рече Меџити.
Во своја колумна, пак, Ким Мехмети вели дека „заедницата“ е мало подметнување на албанските политичари во Македонија и дека треба да се направи „албанска република“ во Македонија, по моделот на Република Српска во Босна и Херцеговина.

Разбрани, недоразбрани идеи

По критиките во јавноста за пласирањето идеи што заговараат загрозување на унитарниот карактер и територијалниот интегритет на Македонија, очигледно наменети за провоцирање и предизвикување вознемиреност кај македонските граѓани, некои од актерите на „наддавањето“ со идеи за примена на косовскиот модел за заедница на општини во земјава ретерираа, изјаснувајќи се или како неразбрани во иронијата или дека тоа било, всушност, меѓупартиско „подметнување“. Сепак, (не)сериозноста на пласирање на ваквите идеи никако не говори во прилог на конструктивноста на албанскиот политички фактор за државноста на Македонија.
– Посегнувањето по наративот за заедница на албански општини во Македонија треба да се гледа во контекстот на желбата и борбата на албанските партии да бидат дел од власта. Граѓаните на Македонија, особено Македонците не треба да се вознемируваат од ваквите изјави. Ниту еден Албанец нема да излезе на улица за оваа идеја. Нема да излезат, прво – зашто многумина се заминати да работат во Германија, а потоа, зашто е видлива намерата дека сето тоа се говори само од коруптивни намери и цели – да се биде дел од власта и да се има можност да се краде народниот имот. Партиските елити во Македонија се корумпирани, а сите партии, и од власта и од опозицијата, се заложници на ДУИ. Од политички аспект, пандан-идејата за заедница на албански општини во Македонија, на онаа за српски општини во Косово, нема никаква симетрија и аналогија. Албанците во Македонија не треба да посакуваат статус на Србите во Косово. Албанците во Македонија се интегрирани во државата и немаат друг излез, освен да бидат дел од неа – вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии во македонската влада.

Ова, всушност, е начинот како политичарите од албанскиот блок ја сфаќаат „европеизацијата“ на Македонија

Според Тито Петковски, поранешниот претседател на македонското собрание и лидер на НСДП, поигрувањето со некаква иницијатива за заедница на албански општини во Македонија е потег на политички очајници, кои не се веќе дел од институциите власта.
– Многу е провидна како потег на очајници, желбата да се вознемири јавноста во Македонија, од Алтернатива, со идејата за заедница на албански општини, како реакција на тоа што не се веќе дел од институциите на власта. На тоа лесно се надоврзаа други претставници од албанскиот политички фактор, зашто кај нас сѐ уште е на цена поигрувањето со национализам и популизам кога ќе бидат изгубени одредени позиции. За париите од албанскиот блок, кога одат во опозиција, и понатаму е добитна карта потегнувањето на „нерешеното прашање за правата на Албанците“. Секако тоа е политички анахронизам! Не е анахронизам само поради Охридскиот договор, со кој се реши статусот на етничките заедници во Македонија (сметам дека и на штета на Македонците), туку и во услови на изградено и функционално мултиетничко општество, депласирано е и не е добро да се проблематизираат меѓуетничките односи. Посегнувањето по оваа идеја за територијално разграничување на албанските општини е обид да се спаси нешто од политичкиот углед на Алтернатива, откако замина во опозиција. Но истовремено, на најгруб начин политичарите од албанскиот блок покажаа како ја сфаќаат европеизацијата на Македонија. Ако се на власт, тогаш се конструктивен елемент за ЕУ, а ако не се, тогаш им настапуваат национализмот и популизмот – вели Тито Петковски.


Неприфатлив, несериозен, неевропски и неамерикански е предлогот за заедница на албански општини, одговори премиерот Димитар Ковачевски на новинарското прашање за идејата на партијата Алтернатива за формирање заедница на албански општини во Македонија.

Премиерот Ковачевски недвосмислено одговори на повиците за формирање заедница на албански општини во Македонија

Предлогот е неприфатлив, несериозен,
неевропски и неамерикански!

– Станува збор за несериозна идеја. Односите во нашата држава се решени со Охридскиот рамковен договор, кој го потпишаа претставници на сите политички партии – и на Македонците и на Албанците, за кој гаранција се САД и Европската Унија.
Ние овде заедно сме си ги уредиле правата како ќе живееме и како ќе напредуваме и врз основа на тоа сме станале земја-членка на НАТО, земја што преговара со ЕУ и безбедноста и стабилноста на нашата држава се на толку високо ниво изградени по 2001 година што сме земја депонент на договорите од Берлинскиот процес, кои ги потпишаа сите земји од Западен Балкан и се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи. Оттука, сметам дека таквиот предлог е неприфатлив, несериозен, неевропски и неамерикански – изјави за јавноста премиерот Ковачевски.