Проектот за нафтовод меѓу Бургас (во Бугарија) и Александрополис (во Грција) се реанимира! Него официјално го оживеаја бугарскиот министер за енергетика Росен Христов и неговиот грчки колега Костас Скрекас по неколкумесечни преговори
Руски нафтовод оживеан од Бугарија и Грција
Деновиве двајца министри од Бугарија и Грција, всушност бугарскиот министер за енергетика Росен Христов и неговиот грчки колега Костас Скрекас, потпишаа договор за создавање работна група од двете земји за проучување на можностите за спроведување на проектот.
И бугарскиот претседател Румен Радев исто така беше во Грција при потпишувањето на договорот, при што се сретна со својата колешка Катерина Сакеларопулу, како и со премиерот Киријакос Мицотакис.
– Нафтоводот Александрополис – Бургас е од стратегиско значење за Бугарија, бидејќи ѝ дава можност за вистинска диверзификација и алтернативно снабдување со неруска нафта на рафинеријата во Бургас, најголемата на Балканот – истакна Радев на средбата со Мицотакис.
Според него, „нафтоводот ќе ги зголеми безбедноста и ефикасноста на снабдувањето бидејќи ги избегнува долгото чекање и ризикот танкери да минуваат низ теснецот на Црно Море“. Нафтоводот треба да испорачува нафта до руската рафинерија во Бургас, која потоа пак може да биде испорачана со танкери до пристаништата во Егејско Море. На долг рок, таа има цел целосно да го замени увозот на руска сурова нафта по морски пат, особено како што има Бугарија до 2024 година, пред да истече нејзиното сегашно ослободување од ембаргото на ЕУ за руската нафта.
И „Лукоил“ го поддржа проектот за изградба на нафтоводот, но локалните жители на Поморие, Бугарија, го запреа со референдум
На крајот од минатата година руската нафтена компанија „Лукоил“ силно ја поддржа идејата за продолжување на работата на проектот за изградба на нафтоводот. „Лукоил“ тврди дека „проектот може да помогне да се замени руската нафта што моментално се увезува со танкери преку пристаништето Розенец“.
Пред неколку години проектот беше дизајниран да ја донесе руската нафта во Егејот, заобиколувајќи го Босфорот, но тој никогаш не оживеа, бидејќи беше запрен со референдум реализиран од еколошки мотиви.
Овој пат проектот е дизајниран да донесе нафта од Блискиот Исток и други извори, преку грчкото пристаниште во Егејско Море, до бугарскиот пристаништен град Бургас на Црно Море, каде што се наоѓа единствената бугарска рафинерија, сопственост на „Лукоил“.
Пред да биде обновен, проектот Александрополис – Бургас беше дел од таканаречениот „гранслем“ на рускиот енергетски проект во Бугарија, во кој беа вклучени и нуклеарната централа Белене и гасоводот Јужен тек. АЕЦ Белене нема да се гради, но со испораката на реакторите се разговараше за нивно користење за нова нуклеарна единица во АЕ Козлодуј.
Во меѓувреме стана јасно дека некои од жителите на градот Поморие се подготвени да организираат нов референдум – против изградбата на нафтоводот.
– Насоката Александрополис – Бургас не е лоша, но за идејата сѐ уште никој не знае ништо. Очекуваме повеќе информации – коментира за бугарските медиуми Тодор Георгиев од националното здружение „Бугарско Црно Море“, кое ги застапува интересите на дел од хотелиерството.
Георгиев потсети дека во 2009 година општината Поморие го собрала потребниот број гласови против изградбата на нафтоводот Александрополис – Бургас.
– Во тоа време се очекуваше руски танкери да истоварат нафта во заливот, а заливот да стане нафтен залив. Поморијците успеаја да им се спротивстават на три земји – Русија, Бугарија и Грција, и ние го прекинавме проектот. Трасата ќе минува низ голем број заштитени територии, но жителите на Поморие сфатија дека Бугарија мора да обезбеди независни извори на енергија – рече Георгиев.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, ја работи работата на руската
компанија „Лукоил“?!
– Одлично е што овој проект ја заобиколува маршрутата на танкерите преку Босфор, каде што се собираат многу високи патарини. Но, прво, рафинеријата „Лукоил“ во Бургас мораше да се национализира и да стане бугарска – само така може да се гарантира дека ќе има намалување на цените за бугарските потрошувачи. Затоа што сега излезе дека претседателот Румен Радев ја работи работата на руската компанија „Лукоил“. Бојко Борисов (бивш премиер) влезе во историјата како државник што изгради гасовод за „Газпром“, а Румен Радев ќе остане како човек што изгради нафтовод за „Лукоил“ – изјави експертот за енергија Красимир Манов.
Според поранешниот извршен директор на Бугарскиот енергетски холдинг и нуклеарната централа Козлодуј, Валентин Николов, постојат стравувања дека овој нафтовод во одреден момент може повторно да стане Бургас – Александрополис и да започне да транспортира руска нафта.
– Ние мора да ја ограничиме таквата опција, бидејќи ако се промени геополитичката ситуација, Русија во секој случај ќе покаже интерес за овој нафтовод – рече Николов.
На крајот вреди да се спомене и информацијата дека Бугарија е подготвена да соработува со Грција за големиот проект за трансфер на зелена енергија од Северна Африка и Блискиот Исток, преку Грција, во Европа. За тоа беше разговарано и на гореспоменатата средба, меѓу бугарскиот министер за енергетика Росен Христов и неговиот грчки колега Костас изминативе денови.
Подготвил: Mарјан Велевски