Фото: Официјална страница на Минхенската безбедносна конференција

Минхенска безбедносна конференција

Минхенска безбедносна конференција (МСЦ) се одржа викендов, со учество на над 450 светски лидери и носители на одлуки на високо ниво, вклучувајќи шефови на држави, министри, лидери на меѓународни организации и невладини организации, како и претставници од бизнисот и од граѓанското општество.
Зајакнување на поддршката за Украина, една година од почетокот на руско- украинскиот конфликт, потребата од заштита на меѓународниот поредок и нормите на кои се темели, ревизија на безбедносната структура, стравувањата за сојуз меѓу Кина и Русија, но и потребата од стабилност во поединечните региони во светот, меѓу кои и Западен Балкан, беа дел од темите на кои се осврнаа учесниците на 59. Минхенска безбедносна конференција изминатите два дена во хотелот „Бајеришер хоф“ во Минхен.
Како што јави известувачот на МИА од Минхен, учесниците дебатираа за безбедноста во светлина на војната во Украина, но и од аспект на енергетиката, економијата, храната, водата, заштита на животната средина. Хибридните закани и сајбер-нападите имаа посебен третман на неколку панели, но опасноста од нив беше споменувана во речиси сите дискусии, во кои се правеше анализа на улогата на светските сили, САД, Велика Британија, Германија, Кина денес, како и на улогата на НАТО, ОН, ЕУ и другите меѓународни чинители во заштита на меѓународниот поредок.


Силна поддршка за Украина од Г7

Министерството за надворешни работи на Јапонија соопшти дека министрите за надворешни работи на седумте најразвиени земји во светот (Г7) на Минхенската безбедносна конференција повторно силно ја поддржаа Украина, која се бори против руската инвазија и ги повикаа другите земји да престанат да ја поддржуваат Москва. Според соопштението на јапонското министерство за надворешни работи, претставниците на Г7 ја осудија „неодговорната реторика на Русија“ поврзана со заканите на Москва за употреба на нуклеарно оружје во војната против Украина и ја означија како „недозволива“.
Министрите од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и од САД, плус Европската Унија, ги осудија „континуираните напади на Русија врз украинските цивили и основната инфраструктура“ и се согласија „да ја повикаат Москва на одговорност во согласност со меѓународното право“.
На состанокот на претставниците на земјите од Г7 присуствуваше и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, кој беше поканет од министерот за надворешни работи на Јапонија, Јошимаса Хајаши, се додава во соопштението.
Јапонија го презеде ротирачкото претседателство со групата Г7 на почетокот на оваа година.


Володимир Зеленски повика на побрза поддршка

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го одржа воведното обраќање преку видеоврска и ги повика сојузниците да ја забрзаат поддршката за неговата земја, предупредувајќи дека животите висат на конец.
– Треба да побрзаме. Потребна ни е брзина – брзина на нашите договори, брзина на нашата испорака… брзина на одлуки за ограничување на рускиот потенцијал. Нема алтернатива за брзината, бидејќи тоа е брзината од која зависи животот – им рече Зеленски на учесниците на конференцијата, нагласувајќи дека „нема алтернатива за украинската победа“.


ММФ: Украина ги исполни условите за следниот пакет поддршка

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) преговара со Украина за давање дополнителна поддршка.
– Во моментов, ја завршуваме четиримесечната програма за ангажман со украинските власти за да им помогнеме да постигнат економија во вонредни околности на војна – изјави извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева.
Таа рече дека е „многу задоволна што може да каже дека Украина покажа силни перформанси во рамките на оваа широка мониторирана програма што го отвора патот за фондот да воспостави целосна програма за Украина“.
Георгиева додаде дека ова е „важно бидејќи финансиските потреби на Украина се значајни“.
– Проценуваме дека некаде помеѓу 40 и 48 милијарди долари ќе бидат потребни за помош однадвор за земјата да функционира. И затоа е добро за фондот да биде таму за Украина – истакна таа.


Шолц ги повикува сојузниците да испратат тенкови во Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави на конференцијата дека „ревизионизмот“ на Путин нема да надвладее и ги повика сојузниците што се во позиција да го сторат тоа, да испратат борбени тенкови во Украина.
– Оние што можат да испратат такви борбени тенкови навистина треба да го сторат тоа сега – рече Шолц.
Во јануари, Германија одобри извоз на борбени тенкови „леопард 2“ во Украина од нејзините сопствени резерви, како и од третите сојузници.
Германскиот канцелар рече дека неговата земја ќе обезбеди поддршка со обука, набавки и логистика.
Во ставот што го споделија другите говорници, Шолц беше на мислење дека војната во Украина нема да заврши наскоро.
– Мислам дека е мудро да се подготвиме за долга војна – рече Шолц на конференцијата.


Макрон: Не е време за дијалог

Францускиот претседател Емануел Макрон излезе на говорницата по германскиот лидер и рече дека треба да има подготвеност за „одолжен конфликт“ во Украина, а истовремено ги повика членките на ЕУ да инвестираат значително во трошоците за одбрана.
– Ние апсолутно треба да ја интензивираме нашата поддршка и нашите напори за отпорот на украинскиот народ и неговата армија и да им помогнеме да започнат контраофанзива, која сама по себе може да дозволи кредибилни преговори, определени од Украина, нејзините власти и нејзиниот народ – рече Макрон.
Францускиот претседател исто така рече дека не е време за обид за дијалог со Русија бидејќи таа ги засили непријателствата на истокот на Украина.
– Не е време за дијалог затоа што имаме Русија што избра војна, која избра да ја интензивира војната и која избра да оди дотаму што ќе изврши воени злосторства и да ја нападне цивилната инфраструктура – рече Макрон.


Ванг Ји: Кина ќе претстави мировна иницијатива за Украина

Кина соопшти ќе претстави мировна иницијатива за ставање крај на едногодишната војна во Украина, заснована на дијалог меѓу завојуваните страни и почитување на територијалниот интегритет.
– Кина нема да стои настрана или да долева масло на огнот. Ќе продолжиме да повикуваме на мир и дијалог – изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на безбедносна конференција во Минхен и најави дека Пекинг ќе претстави предлог за политичко решение на украинската криза врз основа на принципите на Повелбата на ОН.
Без да прецизира на кого се мисли, Ванг рече дека има „сили што не сакаат преговорите да успеат и војната да заврши“ и оти санкциите не ги решаваат конфликтите меѓу земјите.
– Мора да му дадеме шанса на мирот. Предлагам сите да почнат да размислуваат сталожено, особено пријателите во Европа, за тоа што можеме да направиме за да ја запреме оваа војна – нагласи тој.
Досега Кина не го осуди рускиот напад врз Украина, но ги означи САД и НАТО како виновници за војната што започна со руската инвазија на 24 февруари 2022 година.


Сунак: Вооружете ја Украина сега

Британскиот премиер Риши Сунак им порача на светските лидери дека сега мора да ја вооружат Украина и да се зафатат со зајакнување на нејзината долгорочна иднина против понатамошна руска агресија. Британскиот премиер, во својот говор на Минхенската безбедносна конференција, имаше двојна порака за Западот. Тој рече дека на Украина ѝ е потребна воена поддршка од сојузниците за да се спротивстави на секоја пролетна офанзива на трупите на рускиот претседател Владимир Путин. Но тој тврди дека Западот, исто така, мора да започне да ги поставува темелите за зајакнување на безбедноста на Киев на долг рок.
Тој на самитот во Баварија рече дека има потреба веднаш да се „зајакнат“ вооружените сили на Киев и да се „удвои“ поддршката на Западот за неговата одбрана од инвазијата на Русија. Сунак ги наведе обезбедувањето тенкови од страна на Велика Британија и одлуката на неговата администрација да започне со обука на украински пилоти да управуваат со борбени авиони според НАТО-стандардите како пример за тоа како Британија ја игра својата улога.
Но осврнувајќи се на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, во јули, тој ги повика другите западни лидери да се посветат на обезбедување „капацитети на НАТО“ за вооружените сили на Украина за да ги обезбедат нејзините граници во иднина.


Блинкен: Инцидентот со балонот не смее да се повтори

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на средба со шефот на кинеската дипломатија, Ванг Ји, му порачал дека не смее да се повтори повредата на воздушниот простор на САД, мислејќи на инцидентот кога Соединетите Американски Држави соборија кинески воздушен балон, за кој постои сомнеж дека имал цел шпионажа, пред две недели.
Блинкен и Ји се сретнаа во Минхен, на меѓународната безбедносна конференција. Средбата што се одржа во саботата, 18 февруари, е прва средба на високо ниво меѓу двете земји по инцидентот со балонот.
Блинкен претходно овој месец го откажа патувањето во Пекинг поради инцидентот со балонот, кој стана сериозна точка на расправија меѓу двете земји.
Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји, пак, ги повтори критиките на Пекинг кон САД за соборувањето на балонот. Пекинг тврди дека соборениот балон во САД бил користен главно за метеоролошки истражувања, кој излетал од курсот поради силните ветрови и имал ограничени способности за самоуправување.
Ванг Ји го повтори ова и во говорот на конференцијата и ги обвини САД за кршење на меѓународните правни норми со уништување на објектот со проектилот истрелан од борбен авион.
– Овие акции не покажуваат дека САД се големи и силни, токму спротивното – рече Ји.
Тој, исто така, ги обвини САД дека го ограничуваат економскиот напредок на Кина и бараат начини да го ограничат нејзиниот понатамошен развој.
– Она на што се надеваме од САД е прагматичен и позитивен пристап кон Кина што ќе ни овозможи да работиме заедно – нагласи Ванг.


Интензивна активност на македонскиот премиер на безбедносна конференција во Минхен

Премиерот Димитар Ковачевски ја предводеше македонската делегација на Минхенската безбедносна конференција и имаше богата активност. Покрај многубројните билатерални средби со високи претставници на земјите учеснички, како и средбите на маргините на конференцијата, тој учествуваше и на панел-дискусија посветена на европската интеграција на земјите од Западниот Балкан. Според официјалното соопштение од кабинетот на премиерот, на маргините на Минхенската безбедносна конференција тој имал средби со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, со германскиот канцелар Олаф Шолц, со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со доскорашната претседавачка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
Во рамките на МСЦ, премиерот Ковачевски учествуваше на затворена панел-дискусија посветена на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Заедно со други лидери и високи претставници од регионот, претставници на невладината и академската заедница, учесниците разговараа за предизвиците и можностите на евроинтеграцискиот пат.
– Срдечна средба со претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен. Уште еднаш ја потенциравме важноста Северна Македонија што побрзо да стане членка на ЕУ. Нашите пријатели од ЕУ нѐ поддржуваат и помагаат во реформските процеси на земјата. Европскиот пат на земјите од Западен Балкан е важен за стабилност на регионот, безбеден и просперитетен живот, што нашите граѓани го заслужуваат – објави Ковачевски на својот фејсбук-профил.
На средбата, пак, со германскиот канцелар Олаф Шолц била потенцирана недвосмислената поддршка на Берлин за европскиот пат на нашата земја.
– Дискутиравме за неопходноста од забрзување на евроинтегративните процеси, кои се важни за безбедноста и стабилноста на регионот. Германија е наш безрезервен поддржувач и значаен партнер при интегрирањето на нашата држава во ЕУ – напиша Ковачевски.
По панелот „Алијансата и подалеку од неа: партнерства за Европската безбедност“, премиерот имал кратка средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
– НАТО е обединето како никогаш досега во поддршката на Украина и ќе ја поддржува сè додека е потребно. Во оваа насока беа пораките на панелот. По обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му пренесов дека С. Македонија е целосно посветена во градењето на партнерства за одржување на безбедноста во Европа и секако на Западен Балкан – посочува Ковачевски.
Тој во Минхен го проследи и панелот „САД во светот“, на кој се обрати американската потпретседателка Камала Харис.