Радожда е старо село и се верува дека постои уште од 10 век. Со сигурност може да се тврди дека постоело во средновековниот период, а тоа се потврдува од неколку извори. Меѓу нив е т.н. Душановата повелба од 1342 до 1345 година кога селото било подарено на црквата „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид, а се споменува под името Радобужда. Во опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 г. се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа.
Се наоѓа на западниот брег на Охридско Езеро, крај македонско-албанската граница. Сместено е во југозападниот дел на Општина Струга, чиј атар се допира до државната гранична линија и брегот на Охридско Езеро. Сместено е во подножјето на карпест гребен што се спушта од планината Јабланица. Селото е рамничарско и расположено на надморска височина од 700 до 725 метри. Се верува дека близината на езерото како важен извор на храна ги натерала селаните да се преселат на брегот и тука да ја формираат новата населба. Како најстари семејства се Шеќероски, Солакоски, Пејоски, Скрчески, Кутаноски.
Иако нема одговарачки природни услови, селото има варошки налик, односно изглед на мало гратче. До крајот на Втората светска војна Радожда била од типот на мала селска населба со куќите збиени на куп во подножјето на варовничкиот отсек, меѓутоа во поново време населбата е изградена крај самиот брег на Охридско Езеро во правецот север – југ, во должина од 1.000 метри и на тој начин добивајќи низински тип и доста модерни и големи куќи.
Називите на потезите во рамките на селскиот атар се следните: Ќафасан, Завој, Лаз, Преслоп, Истоци, Босештина, Нојница, Млака, Шиклица, Кошјо, Дуко-Рид, Мал лаз, Љогумно, Локов, Локоска Краста, Кајмакчалан, Евли, Горна и Долна Поповница, Лештев, Брегој, Тумба, Тудерен, Осој, Јабланово, Пештев, Аралица, Селиште, Богоројца, Краста, Пескојна, Горно и Долно Ливадиште, Елен Камен.
Селото е богато со културни и природни знаменитости. Има седум цркви, од кои централна е селската црква „Свети Никола“, која е изградена во 18 век. Други цркви се најстарата пештерска црква „Свети Арангел Михаил“, која е од 14 век, и поновите „Св. Петка“, „Св. Недела“, „Св. Среда“, „Св. Илија“ и „Св. Богородица“. Понова знаменитост е 22 метри високиот крст што се наоѓа на влезот во селото.
Друга важна знаменитост е зачуваниот дел на патот Виа Егнација. Тој минувал преку подалечните јужни предели преку Албанија и Македонија, бидејќи поблиските биле преку зима завеани и со тоа непроодни. Зачувани се делови од поплочениот пат што селаните го викаат калдрма. Од природните реткости најважно е самото езеро, кое, според староста, е едно од најстарите во светот. Друга реткост е карпата што се наднесува над селото, која е висока околу 70-80 метри и долга околу 300 метри.
Пештерска црква од доцниот среден век во атарот на Радожда
„Св. Арангел“ (позната и како пештерска црква) датира од доцниот среден век во атарот на селото Радожда, Македонија. На околу 300 метри западно од селото, на тешко пристапен терен, во карпите има црква посветена на „Св. Арангел“, во која се зачувани два слоја на фрескоживопис од 17 до 18 век.
На една фреска на која е претставен Св. Архангел Михаил е насликана кон крајот на 13 век. Фреската е со претстава на сцена од циклусот на Архангел Михаил – „Чудото во Хона“. Архангел Михаил е претставен во местото Хона, неговото светилиште, како отвора низ карпите цепнатина во која ќе се изгубат матните води на паганите упатени кон исцелителниот извор на светецот. Оваа ретка сцена од Радожда се вбројува меѓу најстарите претстави на „Чудото во Хона“ во ѕидното сликарство на целокупната христијанска уметност.
Пат од римско време во Радожда
Во атарот на селото Радожда може да се забележи и т.н. калдрма, односно пат од римско време. Се наоѓа на 300 метри западно од селото, на падините на Јабланица и води кон преминот Ќафасан. Трасата е поплочена со камени блокови и грижливо изведени рабови, а ширината изнесува 2,5-3 метри. Патот е зачуван и видлив во должина од 100 метри со прекини (31; 4; 19; 19; 21 метар), а потоа се губи во густото зеленило на планината.