Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во изминатиот период се регистрирани огромен број измами во обид да се дојде до личните податоци на граѓаните. Криминалците сѐ попрецизно ги избираат методите. Тие дури користат имиња на државни институции (МВР или УЈП) за кражба на личните податоци на граѓаните. Како последно во низата измами криминалците ги користеле имињата на МВР и УЈП, со кои се надевале дека ќе ги исплашат граѓаните, па тие ќе потпаднат под нивните криминални обиди и остварување на нивната криминална цел

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДО ГРАЃАНИТЕ: ИЗМАМИ СО ЗЛОУПОТРЕБА НА ИМЕТО НА МВР И ЛОГОТО НА УЈП

Граѓаните како да се „сардисани од сите страни од измамници“. Како од рубриката „Верувале или не“, речиси илјадници случаи на обиди за измама се регистрираат од полициските власти, што е екстремно висока бројка. А таа сѐ уште расте секојдневно. Криминалците се обидуваат на секој начин да остварат заработка, а како што се докажа изминатиот период, најлесен начин за тоа е да ги мамат граѓаните преку социјалните мрежи и преку имејл, најчесто користејќи имиња на институции или, пак, повици за донации.

ИМЕЈЛОВИ ВО ИМЕ НА МВР И ЕВРОПОЛ

Уште едно предупредување до граѓаните пристигна од страна на Министерството за внатрешни работи. Како што информираат оттаму, до граѓанитe се испраќаат лажни електронски пораки во име на МВР, во обид за измама во меѓународни рамки.
Криминалците овој пат се надминале себеси. Имено, тие испраќале имејл во кој, во име на министерот за внатрешни работи и Европол, го информирале носителот на имејл-адресата дека треба да се појави на суд, бидејќи против него се водат наводни правни постапки со измислени кривични дела. Потоа, примачот на пораката се упатува да контактира со испраќачот на Вибер, со цел криминалците да дојдат до личните податоци на лицето до кое ја испратиле пораката.
– Во однос на пристигнатите пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Секторот за прекршоци, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака, која не е испратена од страна на МВР, ниту од која било институција за спроведување на законот. Притоа, во испратените имејлови, примачот на пораката се повикува да контактира со испраќачот преку линк на Вибер. Овие електронски пораки се класичен обид за измама, во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот за нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира со испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци што ќе ви бидат побарани – истакнуваат од Министерството за внатрешни работи.
Оттаму предупредуваат да не се отвораат линковите и датотеките што се испратени во прилог на имејлот.
– Предупредуваме да не ги отворате линковите и датотеките што се испратени во прилог на имејлот што доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер – велат полициските власти.
Како што информираат надлежните, овој вид измами се со меѓународен карактер, бидејќи во многу земји од регионот и во Европа пораки со вакви содржини им биле испраќани и на тамошните граѓани.

ДО ГРАЃАНИТЕ СТИГНУВААТ И ПОРАКИ ОД УЈП

Изминатиот период до граѓаните пристигнувале и СМС. Како што информираа од Управата за јавни приходи, целта на измамниците била да дојдат до личните податоци и до податоците од дебитни и кредитни картички.
Пораките биле испраќани од телефонскиот број +38979212628, со следната содржина „Извршете ја задолжителната пријава на УЈП https://ujp.mk/verifikacija“.
– Овој линк е лажен и не води кон електронска адреса на Управата за јавни приходи.
Апелираме да не се отвораат овие СМС, на кои се злоупотребува логото на УЈП, и да не се отвора линкот. Доколку, пак, некој го отвори линкот случајно, никако да не ги пополнува полињата во кои се бараат лични податоци од граѓаните – апелираат оттаму
Управата за јавни приходи вели оти ги презема сите неопходни активности за справување со конкретната ситуација.

ИЗМАМИ СО КОРИСТЕЊЕ НА СРПСКОТО МВР

На средината на минатиот месец, со предупредување излезе и Секторот за внатрешни работи – Тетово, за можни измами во кои граѓаните добиле пораки од Министерството за внатрешни работи од Република Србија. Од граѓаните на кои им биле испратени пораките било барано да контактираат со испраќачите за да не бидат регистрирани како сексуални престапници.
– Секторот за внатрешни работи – Тетово ги известува граѓаните дека во последно време до физички и правни лица од тетовско-гостиварското подрачје зачестено се испраќаат пораки од лица што во пораките им се претставуваат како наводни функционери на српското министерство за внатрешни работи и ги известуваат дека против нив се поведени наводни судски постапки за педофилија, сајбер-порнографија или други кривични дела. Покрај ова, во испратените пораки од нивните приматели се бара во рок од 72 часа да контактираат со испраќачите за да не бидат процесирани кај јавен обвинител, да не бидат регистрирани како сексуални престапници и да не бидат медиумски експонирани – истакна тогаш Марјан Јосифоски, портпарол на СВР – Тетово.
Тој нагласи граѓаните да не ги отвораат таквите пораки, а ако веќе ги отвориле, да се обратат во најблиската полициска станица за преземање соодветни мерки.

ШТО ДОКОЛКУ КОНТАКТИРАТЕ СО ИЗМАМНИЦИТЕ?

Овие и серија други измами беа забележани доста често изминатиот период. За криминалците е најважно да се дојде до личните податоци на корисниците.
Според познавачите, денес многу се лесни ваквите измами, бидејќи технологијата што ја користат граѓаните меѓусебно е поврзана.
– Вие користите една имејл-адреса на компјутер и на телефон. Со самото пристигнување на таков имејл и кликање на линкот што испраќачите го бараат, или пак со пишување на испраќачот, автоматски тие ви влегуваат во компјутерот без воопшто да бидете свесни. Користите е-банка на својот телефон, зачувувате лозинки и сето тоа е лесна работа за измамниците – вели Зоран Богоев, програмер.
Според него, најважно е да не се стапува во контакт со испраќачите и да не се клика на линковите што ви пристигнале.
– Таквите пораки најдобро е веднаш да се избришат. Доколку сепак некој наседне, криминалците ќе можат да ги користат неговите лични податоци, да имаат пристап до личните банкарски сметки, да крадат пари и сето тоа без да остават трага. Она што е најдобро е да се менуваат редовно лозинките, па можеби и да се користи оној старинскиот начин на плаќање, да плаќате лично, без да користите интернет-банкарство. Периодов на големо се правеа измами и со брзи кредити, токму поради лековерноста на граѓаните. Затоа никому не треба да му верувате, особено не на интернет – вели тој.

[email protected]