Јавен впечаток е дека заемните односи на САД и Кина ескалираат со недоразбирања и тешки обвинувања. Токму во таквиот контекст на расправии на двете суперсили и светската јавност беше „репресирана“ од катаклизмични медиумски сензационалистички предвидувања со најава за „трета светска војна“!? Но во морето од слични информации што го плашат човештвото низ планетата, деловните статистики и економските биланси покажуваат многу различни односи меѓу двете најмоќни економии во светот
Обемот на трговската размена меѓу Кина и Америка никогаш не бил поголем
Продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу Вашингтон и Пекинг за „непријателско“ надлетување на шпионски балони. Дипломатските односи меѓу САД и Кина во моментов изгледаат тензично, поради настаните со наводните „шпионски балони“. Од почетокот на февруари, вкупно четири неидентификувани летачки објекти беа соборени од страна на американската војска над Северна Америка, а еден од нив беше соборен и над Канада.
Од друга страна, пак, и официјален Пекинг објави дека и американски балони на висока надморска височина го прелетале нејзиниот воздушен простор без дозвола повеќе од 10 пати од почетокот на јануари 2022 година. Тврдењето на Кина доаѓа откако САД претходно овој месец соборија, како што велат, кинески шпионски балон во близината на брегот на Јужна Каролина. Пекинг вели дека балонот бил цивилно истражувачко летало и го обвини Вашингтон за претерана реакција. И така, јавниот впечаток е дека заемните односи на САД и Кина ескалираат со недоразбирања и тешки обвинувања. Токму во таквиот контекст на расправии на двете суперсили јавноста беше „репресирана“ и од катаклизмични медиумски сензационалистички предвидувања со најава за „трета светска војна“!? Но во морето од слични информации што го плашат човештвото на планетата, деловните статистики и економските биланси покажуваат многу различни односи меѓу двете најмоќни економии во светот.
Америка и Кина соработници од највисок ранг, со вкупна размена од 642,33 милијарди евра
Ако се погледне од економската страна, тогаш се добива впечаток дека односите меѓу најмоќните економии во светот се на највисоко ниво!
Имено, Кинезите и Американците минатата година соработувале економски во износ од 642,33 милијарди евра. Според официјалните податоци, увозот и извозот на стоки меѓу САД и Кина во 2022 година претставува нов рекорд постигнат и покрај затегнатите дипломатски односи меѓу Вашингтон и Пекинг. САД минатата година увезле стоки од Кина во вредност од 499,51 милијарди евра.
Од друга страна, минатата година Американците потрошија повеќе пари на кинески производи, вклучувајќи кинески играчки и мобилни телефони. Порасна и извозот на американски стоки во Кина и достигна вредност од 143,12 милијарди евра. Економската и енергетската криза, кои силно се одразија и на зголемените трошоци за живот на американските граѓани, се делумно одговорни за порастот на трговијата меѓу САД и Кина.
Вашингтон и Пекинг се зависни еден од друг
Бројките за трговската размена исто така покажуваат колку Вашингтон и Пекинг се зависни еден од друг и покрај затегнатите односи меѓу двете земји, кои опстојуваат од 2018 година.
Според Дебора Елмс, основачката на Азискиот трговски центар, „Владите, компаниите и потрошувачите можеби ќе сакаат да се разделат, но во посебен свет би било тешко да се испорачаат производите по цена што компаниите и потрошувачите би биле подготвени да ја платат“.
Сепак, и покрај тензиите и речиси шестгодишната „трговска војна“ меѓу двете економски велесили, ниту едната ниту другата страна не се откажуваат од деловното партнерство и можната заработка. Војната во Украина, еден од најголемите конфликти по Втората светска војна, донесе нови предизвици за светската економија, која веќе беше започнала со кризата со ковид-пандемијата. Повеќето стоки и услуги стануваат поскапи за просечниот американски граѓанин. Тоа е една од причините за новиот трговски рекорд во односите меѓу САД и Кина.
САД може да соработуваат со Кина, но зошто за други земји соработката со Кина да не важи?!
И покрај острите политички несогласувања, економските односи меѓу САД и Кина не се доведени во опасност. Но оваа констатација фрла нова светлина на една неповолна позиција за други земји, кои не се толку моќни да влијаат на глобалните меѓународни политики (како САД и Кина). ЕУ дури и административно прибегна кон методи на отежнување на економските односи со Кина на други, помаку моќни земји.
Еден очигледен пример за горенаведеното доаѓа токму од нашето соседство, а се однесува на Србија.
На Србија ѝ се забележува дека премногу се потпира на инвестиции од Кина. Понатаму, Србија е често критикувана од Западот, при што се бара да воведе санкции кон Руската Федерација.
Во истиот контекст е и примерот со железарницата Смедерево, на која пред три години ѝ воведоа извозни квоти, со што се намали производството на челик во Србија. Но кога растеше светската економска криза и Европа се соочи со економски последици, како со недостиг од железо, Брисел ги заборави квотите, а српската челичарница можеше повторно да извезува, речиси непречено. Блискоста на Белград со Пекинг (и со Москва) им овозможи на српските граѓани меѓу првите да добијат вакцини против ковид-19, во време кога тие беа недостапни за помалите земји.
Со користењето на кинеските извори на финансирање, Србија успеа да направи побрз инфраструктурен развој и беа изградени многу километри модерни автопати и железници. Српските компании имаа можност да користат и поевтин руски гас.
Во услови на здравствена, а потоа и на енергетска и економска криза повеќе земји пристапија кон политиката на одржување балансирани меѓународни позиции. Соочени со недостигот од природен гас, земјите-членки од Европската Унија, како Унгарија и Бугарија, сѐ уште одржуваат блиски релации со Русија.
Но сето тоа не зависи од самите земји што се (по)малку моќни. За таквите билатерални односи, во глобален контекст, според низа соговорници, одговорни се – големите суперсили. Тие допуштаат или не допуштаат развој на билатералните односи на малите земји (и на земјите во развој) со едната или со другата голема страна.
Според нашите соговорници – аналитичари и професори, интересот на големите сили никогаш не бил спорен, а не биле спорни ниту заемните контакти за „договарање синхронизација на нивните интереси на највисоко ниво“!
Затоа, поентираат аналитичарите, воопшто не треба да залажуваат на прв поглед затегнатите меѓусебни односи на суперсилите. На втор поглед, според соговорниците, нивната соработка е многу подлабока отколку што може да се воочи на „прв поглед и впечаток“.Н.М.
До крајот на неделава, во Минхен можна средба на американскиот и кинескиот министер за надворешни работи
Динамизирање на состаноците меѓу САД и Кина во функција на надминување на недоразбирањата и продолжување на економската соработка
Откако минатата недела беше одложена планираната посета на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Кина поради настанот со кинескиот балон, се чини дека во јавноста повторно се препознаваат средби на добра волја меѓу врвни дипломати на САД и Кина. Голема е веројатноста дека веќе оваа недела, на меѓународната безбедносна конференција во Минхен меѓусебна средба ќе остварат шефовите на американската и кинеската дипломатија. Имено, Ентони Блинкен ја разгледува можноста таму да се сретне со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји. Американски функционер изјави за британски Ројтерс дека е голема веројатноста за средба меѓу Блинкен и Ванг на безбедносната конференција во Минхен, од 17 до 19 февруари.
– Како што постојано вели државниот секретар Блинкен и како што рече Ванг Ји, како што сите ѝ кажаа на Кина, ние сме отворени за дијалог кога тоа е во наш интерес и веруваме дека условите се во право сега – рече високиот функционер на американскиот Стејт департмент.
И друг американски извор потврди дека е можна средба, но сè уште нема никакви детали за агендата на средбата и темите за разговор. Повеќе аналитичари тврдат дека состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Индија во март исто така ќе биде уште една можност за плодна меѓусебна средба.