Франција

Речиси милион луѓе присуствуваа на саботните протести низ Франција против реформите во пензискиот систем, со кои старосната граница за пензионирање се зголемува од 62 на 64 години. Според француското министерство за внатрешни работи, 963.000 лица учествувале во демонстрациите низ земјата, а 93.000 во Париз, додека од синдикатите тврдат дека во главниот град протестирале 500.000 луѓе.
Протестите во Париз биле главно мирни, иако делумно нарушени со помали судири, при што полициските сили употребиле солзавец и шок-бомби во обид да растераат дел од порадикалните демонстранти.
Ова беше четврти пат синдикатите да се мобилизираат против плановите на центристичката влада да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Повеќе од еден милион луѓе излегоа на улиците во национални штрајкови за време на двата претходни протести. Минатиот вторник на протестите учествуваа 750.000 луѓе. Контроверзната реформа веќе една недела е тема на жестока расправа во парламентот.
Многу луѓе во Франција што не плаќале во пензискиот систем доволно долго за целосна пензија веќе работат по 62-годишна возраст. Во многу професии со напорна физичка работа, луѓето ретко се способни физички да работат подолго време, велат противниците на реформата. Освен тоа, како што додаваат тие, работниците сакаат да можат да уживаат во заслуженото пензионирање и да не го искористуваат своето здравје целосно на работа.
Претседателот Емануел Макрон ја оправдува реформата со заканувачки дефицит во пензискиот фонд. Со оглед на тоа што населението старее, вработените би морале да плаќаат сè поголем број пензионери со своите придонеси.
– За да се одржи нивото на пензиите стабилно, населението би требало да работи уште малку – тврди тој.
Критичарите фрлаат сомнеж во пресметките на владата и бараат државата да најде други средства за балансирање на пензискиот систем. Но владата не сака да ја заостри само старосната граница за пензионирање. Ќе се забрза зголемувањето на стажот за целосно пензионирање, што беше одлучено пред неколку години. Дополнително, владата сака да ги укине индивидуалните пензиски системи со поволности за одредени професионални групи. Минималната пензија треба да се зголеми на околу 1.200 евра.
Реформата на пензискиот систем се смета за еден од најважните проекти на Макрон. За време на пандемијата на коронавирусот, првиот обид за спроведување реформата беше прекинат. И покрај ограничувањата поради вирусот, уште тогаш имаше масовни протести и штрајкови. Неколку претседатели пред Макрон се обидоа да го реформираат францускиот пензиски систем со различен степен на успех – за сите нив беа сигурни широки протести и штрајкови.