Кога се зборува за сериски убијци, вообичаено се мисли на сериски убијци од посилниот пол, бидејќи криминологијата низ историјата сведочи дека нема голем број случаи во кои како сериски убијци се појавуваат жените. Сепак, тоа не значи дека таквите случаи воопшто ги нема. На пример, Балканот, како за мноштво други работи, не се вклопува во вообичаените европски текови. Една од најпознатите сериски убијци на овие простори била Србинката баба Анујка, старица од селото Владимировец кај Панчево
Серија приказни за најголемите сериски убијци на Балканот
Ана Дракшин е исклучително позната во аналите на балканската криминологија. Во Србија и во поранешна Југославија е позната како „банатска вештерка“ или уште како „баба Анујка“. Се смета дека таа е првиот сериски убиец во Југославија, а нејзината „популарност“, секако, во негативна смисла се раширила низ целиот свет.
Неколку биографски
информации за баба Анујка
Родена била во 1837 година во романското село Маловец. Татко ѝ бил имотен човек што со семејството се преселил во Владимировец кога таа имала 11 години.
Имала 20 години кога запознала млад австриски офицер, меѓутоа љубовта помеѓу нив не траела долго, по што Анујка се повлекла во самотија и престанала да се дружи. За сето тоа време таа учела јазици, медицина и хемија. Кога го запознала 20 години постариот Ди Пиштоњ, таа говорела пет јазици. Родила 11 деца, од кои само едно дочекало полнолетство. Кога останала вдовица се вратила на својата најголема љубов – хемијата.
Таа била обвинета дека била одговорна за труење на најмалку 50 луѓе, а според некои процени отрула 150, па и повеќе луѓе.
Сите тие доаѓале кај неа за да им помогне со некоја посебна вода што таа ја подготвувала и со која, наводно, им ги решавала проблемите на луѓето. Па така, луѓето што имале љубовни проблеми, проблеми со имотноправни односи оделе кај неа за помош, надевајќи се дека напитокот што таа го правела магично ќе им помогне да ги решат проблемите. Но наместо решение, таа ги труела и убивала.
Модус операнди на баба Анујка
Кога некој човек ќе дојдел за помош, прво нешто што таа го прашувала е „колку тежи тој проблем“, притоа мислејќи на телесната тежина на човекот, за да може точно да го дозира отровот во својата волшебна „водичка“ што ја давала како спас. На основа на тоа, таа можела да предвиди и за колку дена лицето што ја пие нејзината вода ќе почине како резултат на труење.
– Осмиот ден повеќе нема да имате проблеми – им велела на беспомошните луѓе што доаѓале кај неа, очекувајќи токму тој ден и да настапи смрт, а вообичаено и никогаш не грешела.
За лекот наплаќала од две до пет илјади тогашни српски динари.
Таа била сопственичка и на кафеана во која најчесто и ги наоѓала своите жртви.
Со ексхумација на телата на жртвите било откриено дека „волшебната напивка“ на баба Анујка се состоела од мали дози арсен и билни отрови.
Постојат две верзии за нејзината судбина. Според една, таа кога конечно била осудена за злоделата имала 90 години и била осудена на 15 години затвор, но била пуштена по осум години поради староста. Починала две години подоцна, кога наполнила 100 години.
Според другата верзија, таа била пуштена од затвор од страна на германските окупатори во 1941 година, по што починала во својот дом на 104 години.
Според професорот по хемија, Шимон Џармати, благодарение на кој приказната за бабата вештерка била зачувана, таа едноставно била – балкански сериски платен убиец!