Фото: НМ/Илустрација

Жителите на Автокоманда во текот на изминатите неколку денови на протест го изразија своето незадоволство откако им беше сменет доставувaчот на топлинска енергија, без, како што велат, нивно одобрение. Тие закажаа нов протест во вторник од 18 часот, откако добија дозвола од МВР.

Жителите на Автокоманда во текот на денешниот ден имаа состанок со претставници на ЕСМ, со цел да се вратат на стариот начин на греење, кога нивните радијатори беа топли 24-часовно, меѓутоа информираат дека не бил постигнат договор.

– Владата стои на Одлуката за менување на снабдувачот и топловодно греење од 6 часот наутро до 22 часот навечер. Нашиот отпор продолжува и следува радикализација на протестите. Закажуваме голем граѓански протест во вторник од 18 часот, со блокада на булеварот Александар Македонски – се вели во една од групите на социјалните мрежи, во која членуваат токму жителите на оваа скопска населба.

Да потсетиме, тие беа револтирани затоа што без нивно одобрение им беше сменет доставувачот на топлинска енергија, со измени и во самото греење, односно, наместо дотогашните 24 часа топлинска енергија во нивните домови, сега тие ќе имаат топли радијатори седум часа помалку, односно од шест часот наутро до 22 часот навечер.

Во нивните протести кои ги реализираа на плоштадот „Коцка“, ги поддржа и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој исто така побара од надлежните да излезат со соодветно решение кое ќе одговори на потребите на неговите сограѓани.

Според надлежните, во моментот се работи на оптимизација на трошоците на системот за централно греење, што е во интерес на потрошувачите.

– Од 1.2.2023 година, во согласност со одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, „ЕСМ дистрибуција на топлина“ ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда, општина Гази Баба. Заради оптимизирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата система за централно греење што функционираат одделно во согласност со лиценците: „ЕСМ енергетика“ и системот што го сочинуваат „ЕСМ дистрибуција“, „ЕСМ производство“ и „ЕСМ снабдување“, извршено е одделување на мрежа што се наоѓа во населбата Автокоманда од „ЕСМ енергетика“ и нејзино спојување со мрежата што ја управува „ЕСМ дистрибуција“ и овие две мрежи се сега една функционална целина – информира Александра Маројевиќ, помошничка на директорот за производство од АД ЕСМ.

Според неа, во согласност со Законот за енергетика, „ЕСМ дистрибуција на топлина“, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, има склучено договор со „ЕСМ снабдување со топлина“ за продажба на топлинска енергија наменета за потребите на потрошувачите и токму затоа жителите на Автокоманда се потрошувачи на „ЕСМ снабдување“.