Фото: Игор Бансколиев

Софија го обвинува Скопје дека игра по „антиевропски руски ноти“, но ЕУ-институции аргументираат сосема спротивно

Софија смисли нови правила за регистрирање на клубот ОМО „Илинден“ – Пирин и со тоа Бугарија направи „итар политичкоправен слалом“ за избегнување за извршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во врска со македонското малцинство во Бугарија!
Токму во годишниот извештај за 2022 г., Судот во Стразбур наведува дека „Република Бугарија не ја спровела пресудата за основните човекови права на слободно здружување“, која ибединетата македонска организација „Илинден“ – Пирин не може да ја исползува и истата таа слободно формалноправно да се регистрира пред надлежните органи во Бугарија.
Во извештајот на Судот во Стразбур за 2022 година, Република Бугарија е ставена „рамо до рамо со Русија“, при што споменатата европска институција става знак за равенство за споменатите две држави (Русија и Бугарија, по споменатата основа), кои, како што наведуваат европските експерти, „донеле нови законски решенија за регистрирање здруженија“, а со тој потег „тие избегнале да ги извршат пресудите на Стразбур“?!

Софиски итроштини и избегнување одлуки на европските институции

Имено, во делот од извештајот за 2022 година на Европскиот суд во Стразбур, во кој се опишува како државите не ги спроведуваат одлуките, бугарскиот пример со ОМО „Илинден“ – Пирин е ставен како многу сличен, дури идентичен со пресуда за Русија, која исто така не е имплементирана поради тоа што и двете држави вовеле, како што се опишува, „нови законски мерки за регистрирање здружение, со што не ја извршиле пресудата на Стразбур“!
Адвокатот Тони Менкиноски, за „Нова Македонија“ потврди дека Македонците во Бугарија како малцинство досега имаат извојувано вкупно 17 судски победи против Бугарија во Стразбур. Тој го издвојува фактот дека Бугарија има рок до мај да го смени законодавството и да овозможи слободно здружување.
– Бугарија во изминатиот период постојано, на шест или девет месеци, доставува извештаи до Комитетот на министри на Советот на Европа. Таму Софија тврди дека не може да ги исполни овие услови, со изговори дека извршната власт не може да се меша во правосудството. Советот на министри беше трпелив досега, на последната сесија од минатата година, кога даде конкретен рок во кој бара од Бугарија да го смени законодавството до мај 2023 г. и да се исполнат овие пресуди! А доколку не се исполнат до мај пресудите, во септември Комитетот на министри при Советот на Европа ќе заседава и во врска со ова прашање постои опција дека за Бугарија ќе се поведе постапка за нејзино исклучување од Советот на Европа. Основна причина за тоа е што Софија не ја почитува Европската конвенција за човекови права, која е основа и темел на Советот на Европа – ни изјави адвокатот Тони Менкиноски, кој, всушност, е правниот застапник на организациите на Македонците во Бугарија во ЕСЧП во Стразбур.

Актуелната офанзива на Софија е плод на рокот со кој е притисната Бугарија да го признае македонското малцинство, а со тоа и народ

Ставот на адвокатот Тони Менкиновски е дека актуелните интензивирачки дипломатски напади од Софија се резултат на „мајскиот рок за Бугарија“.
– Има голема логика во тоа дека причината поради која Бугарија моментално е нервозна и има ваква офанзивна надворешна политика кон Македонија, всушност, е дадениот рок до мај да го смени законодавството и да овозможи слободно здружување. Менкиновски нагласува дека е пресериозно што Советот на својата сесија во есента минатата година даде конкретен рок во кој бара од Бугарија да го смени законодавството до мај 2023 г. и да се исполнат пресудите! Исто така, сериозно е предупредувањето дека „доколку не се исполнат пресудите до мај“, во септември Комитетот на министри при Советот на Европа ќе заседава и во врска со ова прашање може за Бугарија да се почне процедура за нејзино исклучување од Советот на Европа!
На сесијата во Стразбур деновиве учествуваше и поранешната македонска судијка во Европскиот суд, Мирјана Лазарова Трајковска. Таа во својот говор се осврна на правото на слободно здружување и правото на слободни собири во европските пресуди. Поранешната македонска судијка во Европскиот суд, Мирјана Лазарова Трајковска, во својот говор не ги посочи пресудите за Македонците во Бугарија, но посочи друг случај кога Бугарија преклани беше осудена затоа што го разрешиле лицето Мирослава Тодорова, која била претседателка на тамошното здружение на судии. Тодорова во 2011-та била разрешена затоа што барала реформи во бугарскиот политички и судски систем. Со тој пример, поранешната македонска судијка во Европскиот суд, Мирјана Лазарова Трајковска, уште еднаш пред европските институции посочи на недоследноста на судскиот систем во Бугарија и тешките пропусти на „правната држава и владеењето на правото“ во Бугарија, како земја-членка на ЕУ.
Бугарија со своите 25 пресуди за прекршување на човековите права од лани е во првите 10 земји каде што најмногу се прекршуваат човекови права.
Н.М.