Интензивна активност на Балканот со видливи резултати: Габриел Ескобар

Специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изминативе денови ја започна својата балканска турнеја, со цел да ги спроведе политиките што за регионот ги има поставено Стејт департментот. Некаде со поголем, некаде со помал притисок, некаде со убави зборови, но во секој случај Ескобар во целост ја оправдува својата мисија како специјален претставник на САД, за што зборуваат и конкретните заклучоци од некои до средбите. Во продолжение ви презентираме дел од резултатите поврзани со неговите посети на Србија, Косово и Црна Гора

ПРЕТСТАВНИКОТ НА СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ ГАБРИЕЛ ЕСКОБАР ВО СПЕЦИЈАЛНА МИСИЈА ВО РЕГИОНОВ

Ескобар во Србија
Специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кажа дека имал многу конструктивни разговори со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград, за француско-германскиот предлог за решавање на прашањето на Косово, и дека следната средба на преговарачите во Брисел би можела да се случи наскоро. На прашањето дали дијалогот на Белград и Приштина наскоро ќе биде обновен, Ескобар одговори дека „како прво, дијалогот никогаш не престанал“, но дека „предизвикот е тоа што стана инструмент за решавање на кризите“.
– Сакаме повторно да го вратиме на стратегиско ниво на француско-германскиот предлог. Ние мислиме дека тој предлог е добар. САД целосно го поддржуваат тој предлог и сакаме да биде добро решение за двете земји. Со други зборови, сакаме да отвори европска перспектива за двете земји, да отвори можност за поголема соработка не само со Европа туку и со регионот и САД – кажа американскиот претставник.
Американскиот дипломат зборуваше и за потенцијалните економски последици по Србија ако продолжи со актуелната политика кон санкциите против Русија и загриженоста за наводното дејствување на руската група „Вагнер“ во Србија.
– Мислам дека ќе има последици. Мислам дека му штети на имиџот на Србија како западна земја. Вистината е дека компаниите прашуваат дали е Србија под секундарни санкции, дали Србија е солиден партнер, некој на кој може да сметаат на долги патеки? Бидејќи компаниите не бараат сигурност, туку предвидливост, а ова внесува доза на непредвидливост, мојот совет е да му се придружите на Западот во имплементирањето на сите мерки и санкции за Србија да не биде исклучок во регионот – додаде Ескобар.
Според него, владата на Србија е јасна околу тврдењата за обидите на руската приватна безбедносна група „Вагнер“ да регрутира војници во Србија и треба кривично да ги гони.
– Ја имаме нивната решеност дека ќе го направат тоа. Тоа е добро – оцени Ескобар и додаде дека би било лошо за која било земја да регрутира платеници и дека во Србија тоа е нелегално.

Ескобар на Косово
Ескобар истакна дека меѓународната заедница бара од косовскиот премиер Албин Курти да ја формира Заедницата на српски општини и додаде дека тој дел од договорот ќе биде имплементиран.
– Еден човек и една партија не може да се откажат од спроведувањето правно обврзувачки точки, тоа е факт. Ние ќе го направиме тоа така што ќе најдам партнери, има многу луѓе што би сакале да видат подобри односи меѓу Србите на северот и остатокот на земјата – кажа Ескобар.
Тој кажа и дека формирањето на ЗСО и преговорите за француско-германскиот предлог „не се целосно поврзани“.
– ЗСО е постојна обврска и мора да се имплементира. Француско-германскиот предлог е навистина добар предлог, кој на двете земји им овозможува напредок кон одржлив мир. И на тоа симултано ќе работиме и потребни ни се двете нешта – изјави Ескобар.

Ескобар за Црна Гора
Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, предупредува дека Црна Гора е блиску до институционален колапс. Тој посочи на „многу можни последици“ доколку Црна Гора не ја реши повеќемесечната длабока политичка и институционална криза.
– Црна Гора е во многу длабока криза. Блиску е до институционален колапс каков што речиси не сум видел во ниту една земја. Нема влада. Две влади паднаа и нема напредок во формирањето друга. Тие немаат кворум во Уставниот суд што би можел да потврди нови избори – рече Ескобар.
Тој потсети дека мандатот на претседателот Мило Ѓукановиќ истекува напролет и дека претседателката на Парламентот на Црна Гора, Данијела Ѓуровиќ, неодамна распиша претседателски избори за 19 март.
– Може да се случи да немаат претседател да им го довери мандатот, да немаат влада што ќе оди напред и Уставниот суд да ги одобри сите одлуки и да ги потврди изборните резултати – предупредува Ескобар.
Тој во интервју за Гласот на Америка потенцира дека главна задача е веднаш да се пополнат испразнетите места во Уставниот суд, „а потоа да се оди на избори“.
– Тие треба да почнат со Уставниот суд. И надвор од тоа, веруваме, и анкетите покажуваат дека огромното мнозинство граѓани сакаат нови избори. И оттука треба да почнат – објасни тој.
Ескобар, повикувајќи се на мислењето на Венецијанската комисија, нагласи дека секоја идеја дека „Уставот се менува со просто мнозинство“ е многу опасна.
– Веќе кажавме дека не сме сигурни дека тоа ќе биде уставно валидна влада. Не сме сигурни дека би можеле да се потпреме на одлуките на таква влада. Ги охрабривме да не го прават тоа – рече тој.

Подготвил: Mарјан Велевски