Апсурдно во целата ситуација е што Македонија, која токму од меѓународните тела е оценета како земја што не само што максимално ги почитува малцинските права туку оди дури и далеку над тоа, сега треба да бара согласност од земја што не само што не почитува никакви малцински права туку воопшто не признава никакви малцинства на својата територија, барајќи изговор во својот устав
Апсурдите на ЕУ на дланка
Со прифаќањето на таканаречениот француски предлог, Македонија се стави во целосно подредена улога кон Бугарија во однос на своите евроинтеграции, а тоа ќе се потврдува во секој чекор во иднина што земјава ќе треба да го презема во рамките на пристапниот процес.
Вицепремиерот за европски прашања и преговарач со Европската Унија Бојан Маричиќ неодамна изјави дека Бугарија нема посебни барања во текот на билатералниот скрининг, но Македонија како кандидат за членство ќе мора да се консултира со неа во текот на креирањето на акцискиот план за малцинствата.
– Во рамките на патоказот за владеење на правото ќе треба да се направат и акциски планови за заштита на правата на малцинствата и заедниците со конкретни мерки за недискриминација, борба против говорот на омраза и право на образование. Овие мерки не се ексклузивни само за нас – додаде Маричиќ.
Повеќе од извесно е дека овие мерки се ексклузивни само за нас, бидејќи Софија нема да одобри никаков акциски план од страна на Македонија во кој македонската страна во планот би поставила барања за недискриминација на македонското малцинство во Бугарија, спречување на говорот на омраза од бугарска страна, а уште помалку ќе се согласи на овозможување образование на македонски јазик во деловите од Бугарија каде што има македонско малцинство. За почитување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур воопшто и не станува збор.
Со други зборови, тоа значи дека акцискиот план за малцинствата за кој Македонија треба да се консултира со Бугарија ќе биде исклучиво еднонасочен, односно ќе подразбира впишување на Бугарите во Уставот, заштита од говорот на омраза, кој повторно Софија ќе го нотира, како и овозможување право на образование на бугарски јазик.
Апсурдно во целата ситуација е што Македонија, која токму од меѓународните тела е оценета како земја што не само што максимално ги почитува малцинските права туку оди дури и далеку над тоа, сега треба да бара согласност од земја што не само што не почитува никакви малцински права туку воопшто не признава малцинства на својата територија, барајќи изговор во својот устав.
– Бугарија никогаш нема да одобри ваков двонасочен акциски план, бидејќи тие се ограничени со уставот, а ние нашиот устав го менуваме по желба на соседите. Ова е еднонасочна улица, односно само ние ќе мора да го исполнуваме тоа што ќе биде ставено во тој акциски план. Таков беше случајот и со Преспанскиот договор. Гледаме дека Грците не го имплементираат, а кај нив има и голема медиумска покриеност дека се среќни и задоволни што не го имплементираат Преспанскиот договор. Како и да се земе, ние секако ќе излеземе насамарени – вели Солза Грчева, професорка и добра познавачка на домашните политички состојби.
Таа се согласува дека грешката е направена во оној момент кога се прифати францускиот предлог, од кој сега произлегуваат обврски само за Македонија, а она што нема да ѝ се допадне на Бугарија, во секој момент Софија може да го искористи да блокира и да уценува.
– Ние не смеевме да го прифатиме францускиот предлог, бидејќи беше едностран, а Бугарите во него успеаја да ја вградат дури и декларацијата од нивното Народно собрание преку тој фамозен протокол, така што ние се ставивме во целосно подредена улога. Лично мислам дека ние треба сериозно да размислиме како Македонија да ја спасиме од Македонците, а не од соседите. Треба да ја спасиме земјата од луѓе што апсолутно се во состојба да прифатат сè само за една идеја, дека божем ќе влеземе во ЕУ, а нема да влеземе. На крајот резултатот ќе биде поразителен, а ние ќе останеме без држава, без идентитет, без ништо – констатира Грчева.
Според неа, никој во оваа земја не треба да се залажува дека со тој акциски план за малцинства, за кој треба да се консултираме со Бугарија, ќе има обврски и за Софија.
– Апсурдно е да се верува дека Бугарите ќе прифатат реципроцитет во однос на нашето малцинство таму. Некој што ви наметнува бугаризација, кој отворено ви вели дека сте Бугари, дека сте вештачки создадена нација од Тито, некој што ви вели дека јазикот ви е дериват на неговиот јазик, никогаш нема да прифати да спроведе какви било обврски во поглед на малцинствата – заклучува Грчева.
Професорката Мирјана Најчевска јасно истакнува дека Македонија со ништо не може да учи од бугарските искуства и дека своето непријателство кон земјава Бугарија го демонстрирала во минатото, а продолжува да го искажува и сега.
– Бугарија не може да ни помогне во прифаќањето на ЕУ-вредностите затоа што и самата е многу далеку од нив. Не може да ја сметаме за пријателски сосед поради непријателската историја и непријателската сегашност. Тоа се реалните параметри од кои треба да тргнеме во градењето на односите со Бугарија. Меѓутоа, таа е наш сосед и мора да најдеме начин да ги амортизираме негативните елементи со најмала можна штета за нашата држава. Најлош пристап е негирањето на негативностите и градењето илузија за добрососедски односи. Едноставно, во моментов бараме начин како да коегзистираме со непријателски комшија – наведува Најчевска.