Јани Бојаџи, режисер, продуцент, сценарист
Првата македонска крими-драма, серија инспирирана од вистински настани, „Бистра вода“, наскоро ќе има премиера на ТВ Алфа. Продуцент, сценарист и режисер на серијата е Јани Бојаџи. Почна да се снима во манастирскиот комплекс „Свети Пантелејмон“ во Горно Нерези, а се снимаше на повеќе од 50 локации во Скопје, но и низ државата. Ова е прва серија по подолго време во земјава во жанрот трилер, со сериозни драмски елементи на крими-драма.
Како се роди идејата за првата крими-драма „Бистра вода“ и зошто беа потребни 12 години да се реализира идејата?
– Како и сите идеи за филм, и оваа се роди со намера. Јас ѝ припаѓам на американската сценаристичка школа. Ги практикувам техниките на Сидни Филд. Сме се научиле дека во принцип пишувањето сценарио е занает, не уметност. Сценариото е применета технологија, а не литература. Беше тоа пред десетина години, зборувавме со Упа (Љупчо Тодоровски) дека на Македонија ѝ недостига играна продукција за телевизија и дека треба да се обидеме да направиме нешто. Океј, јас си зедов обврска да напишам сценарио што ќе треба да биде семејна драма или мелодрама, со конфликт создаден поради недоразбирање. Потоа логично се надоврза и потребата од сапуница, па ги создадовме двајцата браќа близнаци. Тоа не е доволно за да се раскажува драматично, па, според сите правила на сценаристиката, се создаде и криминалната приказна, која е поврзана со историја и езотерија. А сето тоа сме ние. Тоа е Македонија. На крајот сфативме дека и карактерите се лесни за создавање, затоа што беа насекаде околу нас. А настаните, самите се редеа еден на друг. Така се создава драма. Јас ништо не измислував, само се водев од Аристотел дека уметноста е набљудување и имитација на природата. Верувам во тоа. „Бистра вода“ е производ на набљудување на светот околу мене. Во таа фаза преостанатата работа, продукциската, Упа реши да ја движи напред заедно со Мони Дамевски. Подоцна се вклучи и кинематограферот Владимир Карпузовски и заедно собравме екипа, снимивме пилот и почнавме да бараме медиум што ќе сака да го произведува ова. Од тоа не излезе ништо. Кренавме раце по една година. Секој тргна по својот пат. Јас бев упорен и за единствениот конкурс за филмски серии што беше објавен во Агенцијата за филм направив проект и конкурирав. На тој конкурс имаше три проекти. Едниот беше „Македонија“, никогаш не се реализира, а се потрошија 2 милиони евра, вториот беше „Црвениот поет“, со 700 илјади евра потрошени ете го стои во бункер и не го емитуваат. Третиот беше „Бистра вода“ и беше одбиен, ете го сега за еден месец ќе има премиерна прва епизода. Во меѓувреме почина Упа, кој требаше да го игра Александар, улогата беше пишувана за него, жалам за таа изгубена можност, но тука е Мони, се радувам за таа добиена можност. Тагувам и се радувам во исто време.
На што алудира насловот „Бистра вода“ и од кои настани е инспирирана приказната?
– Алудира на Македонија и времето во кое живееме. „Бистра вода“ е метафора на матните води во кои живееме. Иако реално двете „банди“ во приказната се во потрага по местото на изворот, од каде што извира „Бистра вода“. Таму има голема тајна, не сакам да ја откривам сега, ќе треба гледачите сами да ја откријат. Инаку, приказната е инспирирана од вистински настани што се случиле во минатото, но се случуваат и сега. Сѐ е во заемна врска. Еден настан од 1977 година во социјализмот ќе создаде омраза помеѓу двајца другари од детство. Нивните патишта ќе се разделат. Едниот бега од комунистите и емигрира во Канада. Таму тој сам се образова и станува успешен и богат човек. Другиот останува тука. Партијата го образова и го прави богат и успешен човек. Станува тајкун што ја поседува половина Македонија. И по четириесет и пет години тие двајцата повторно ќе се сретнат. Тие и нивните деца. Ќе се сретнат за да си ги расчистат лагите и омразите создавани четириесет и пет години. Има ли поголема драма од ова? Кое од ова не го живееме ние? И нашите деца. А материјалите ги собирав живеејќи и учејќи за времето пред мене, за времето сега и за времето утре. Сето ова што јас го напишав, а сите ние го снимивме во „Бистра вода“, го знае секој Македонец што има очи да види и уши да слушне. Нели светите книги во суштина повикуваат на тоа самите да се охрабриме да гледаме и да слушаме? Така се сознава вистината. Треба само да се гледа и слуша. Ништо повеќе.
„Тука е комунизам, тоа што го започнува мафијата го довршува полицијата“… Какви прашања разработува серијата?
– Тука уште е комунизам, да, јас немам никакви илузии дека не е. Дури и дамбетер е. Така кажува младата Оливера во серијата. Погледнете кој управува со нашите животи? Потпросечни апаратчици, деца и внуци на комунистички функционери што ја приграбиле Македонија за себеси кодошејќи ги најблиските на странски држави за туѓи интереси за дела што не ги направиле. Луѓе што немаат никакви лични достигнувања. Луѓе на кои играњето со нашите животи најчесто им е прво вработување во животот. Со Македонија и ден-денес управуваат служби, кодоши, погледнете како се заминува и како се доаѓа на власт во ова земја. Со уцени, интриги, лаги и измами. Тоа се фактите. Нема како да не сме начисто дека сето ова е криминално, неморално и нечовечно. Така што, не недостига материјал во Македонија за такви приказни. Треба само храброст да се раскажат.
Тешко ли е да се зборува за она што најчесто се случува зад затворени врати?
– Не е тешко воопшто. Ако не си крадел заедно со нив, ти, твоите родители, твоите баби и дедовци, тогаш не е тешко. Зошто да е тешко? Ако не си бил дел од нивните лаги и измами, многу е лесно да се зборува за тоа. Со кундеровска леснотија го раскажав нашево живеење. Ете вака. Сценариото има повеќе од 500 страници. Ги напишав за еден месец. А има уште многу приказни што останаа ненапишани. А јас и цензурата сме стари другари. Не мислам на тоа. Мое е да го направам делото, а нивно е да го забранат. Никој не успеал да ја победи вистината. Па, нема ни овие. Ич не им го берам гревот. Нека повелат, нека нѐ цензурираат. Да видам како ќе го направат тоа? Денес цензурата е стравот од слободата. На луѓето им е страв да бидат слободни, од причина што ако си слободен, ќе треба да се грижиш за себеси, самиот ќе треба да си го спечалиш лебот. Во Македонија уметниците прифаќаат да бидат апологети и робови затоа што не се подготвени да излезат на пазарот и да си го стекнат правото на слобода низ работа, низ труд. Слободата е трудова дејност. Секој ден треба да си подготвен, како што рекол Рацин да бидеш аргат за да си слободен. Вака, ѝ служиш на власта за лепче, за таа да те храни. А јас не сум на овој свет за лепче. По друго сум дојден. Јас сум тука за слободата. А за слобода понекогаш и се гладува. Слободата не дава лепче. Ама дава нешто друго, подобро од лепче.
Со каква динамика се одвиваше снимањето?
– Целиот процес, од подготовки до постпродукција, трае десет месеци. Ние за десет месеци снимивме 18 епизоди по 50 минути, што горе-долу е околу 900 минути играна продукција. Околу десет играни филма. Во Македонија се снимаат просечно по два-три филма годишно, значи околу четири години. Тоа што Агенцијата за филм го прави во четири години со 12 милиони евра буџет ние го направиме за десет месеци со буџет помал од дебитантски игран филм. Тоа е. Ако е прашањето како е направено тоа, одговорот е едноставен: со желба, со знаење и со труд. Прво на моите најблиски соработници, а потоа на сите актери што во проектот вложија дел од своите хонорари, но што е поважно се вложија самите себеси, без ограничување и без прашање. Беше ова продукција во која се работеше дневно по дванаесет часа, понекогаш на сет беа и по дваесет актери, а никој, ама никој, ниту еднаш не го слушнав да крене глас на некого за што и да е. Беше уживање. Пливање низводно по „бистрите води“ на Вардар во слободен стил. Пливавме во љубов, во слобода и во братство.
Какви општествени промени сакате да иницирате со „Бистра вода“ и кои се вашите очекувања за серијата?
– Не мислам дека сакам да иницирам нешто. Сакам само да ја раскажам мојата приказна. Мојата и приказната на карактерите. Тоа е сѐ што сакам. Јас немам очекувања дека една серија, еден филм или која било уметност воопшто може да промени што и да е. Особено во вакви времиња. Уметноста нема цел да го промени светот. Тоа е невозможно. Но уметноста може да го покаже тој променет свет. Секој што ќе го види тој свет во некое уметничко дело има можност и да се обиде да се промени себеси и да стане дел од тој променет свет. Јас секогаш сум имал едно очекување од моите проекти – да се менувам јас, ако е можно на подобро, да се усовршувам самиот себеси и, во најдобар случај, моите соработници и другари што биле дел од тоа. Ако сум го направил тоа, тогаш сум ја остварил мојата цел. Но не кријам дека сите ние што ја правиме „Бистра вода“ имаме и цел да покажеме дека знаеме и можеме да создаваме дела, дури и ако ова адска и безумна сила на власт не ни дозволува, нѐ отфрла, не игнорира, нѐ дискриминира и онеправдува во сопствената земја да можеме еднакво со нејзините пулени, апологети и миленици да имаме пристап до средства, до услови за работа и можност да покажеме колку знаеме и колку можеме. Во таа смисла, нашата цел не е да им објаснуваме на слепци што е бело, а што снег, туку на оние што изгубиле надеж да им дадеме пример дека не можат да им застанат на патот до целта. Без разлика дали таа е лична или заедничка. Нашата цел како творци е јасна. Да имаме право на творештво, а со тоа и право на живот. Затоа што ако ти на еден уметник си му го зел правото да твори, ти си му го зел и животот. Толку е просто. Нашето творештво е нашиот живот.