Фото: Игор Бансколиев

Актуелната состојба во која се наоѓа македонското општество всушност е најдобриот показател дека кога се прават вештачки коалиции, базирани само врз задоволување нечии етнички барања, функционалноста на државата се става под прашалник, демократијата назадува, институциите се целосно партизирани, заробени и етнички поделени

Владините коалиции по етнички клуч – сѐ помалку во допир со демократијата

Последните изјави што можеа да се слушнат деновиве од првиот човек на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, дека за нив е неприфатлива широка коалициска влада, во која би влегле двете најголеми партии од македонскиот политички блок, одново ја актуализира темата за наметнатите административни ограничувања кој со кого може да прави влада. Сега веќе анахроното, вештачко коалицирање по етнички клуч беше еден политички изум што дури и излегуваше од демократските принципи на едно општество, но беше креиран заради тогашниот безбедносен приоритет за спуштање на етничките тензии. Меѓутоа, таа политичка „ шок-терапија“ за зачувување на безбедноста на сметка на демократијата одамна застари и сега веќе тој етнички клуч ги покажува сите свои негативности и ретроградни процеси на сметка на демократскиот развој на државата. Играјќи на картата на некаква нееднаквост меѓу етничките групи, токму ДУИ беше партијата што преку Мајскиот договор, со здушна поддршка на меѓународната заедница, го наметна правилото „победник со победник“ при составувањето на секоја влада изминатите нешто повеќе од десет години, за истата таа ДУИ подоцна да отстапи од тоа непишано правило и да формираа влада со партијата од македонскиот блок што своевремено освои помалку пратеници. Сега кога интегративците почувствуваа дека електоратот е заситен од нивното 20-годишно владеење, затоа што таквите административни вештачки решенија не се совпаѓаат со владеењето на демократијата, тие повторно се враќаат на старата реторика, држејќи ги во заложништво демократските принципи.
– Создавањето на мнозинството, СДСМ-ВМРО е неприфатливо и нема да се случи затоа што војните до пред 20 години беа предизвикани токму од нееднаквоста меѓу етничките групи. Можеби има сили што мислат така, но има и прогресивни сили во оваа земја – порача Ахмети на партиски настан.
Актуелната состојба во која се наоѓа македонското општество всушност е најдобриот показател дека кога се прават непринципиелни коалиции, базирани само врз задоволување нечии етнички барања, државата тоне, демократијата назадува, институциите се целосно партизирани, заробени и етнички поделени, а граѓаните живеат во сè поголема сиромаштија и масовно ја напуштаат државата, без оглед на својата етничка припадност.

Она што е практика во сите демократски земји, тоа е слободата при составување владини коалиции преку умешноста за преговарање и договарање меѓу сите политички чинители додека не се постигне потребното мнозинство за составување влада, но императив секогаш се сличноста и усогласеноста на нивните изборни програми, за да можат како идна владејачка коалиција да одговорат на потребите на граѓаните и да работат во интерес на државата.
Затоа можеби крајно време е и во Македонија да се прекине со реториката на уцени и диктат кој со кого може да формира коалиција, туку акцентот да се стави исклучиво на потребите на граѓаните и на државата.
Со еден таков демократски пристап повеќе нема да биде важно кои партии би ја сочинувале владата, а уште помалку ќе биде важен етникумот, ако крајниот резултат бидат владини политики што обезбедуваат подобар живот за сите граѓани, ефикасна борба со корупцијата и криминалот, владеење на правото, со други зборови сеопшт просперитет и напредок на државата.
Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, е од оние што се залагаат за почитување на демократските принципи при формирањето на секоја влада.
– Македонија не може да опстане ако за албанските партии де факто постојат само два исхода од преговорите за формирање или за опстојување на владата: или ќе биде тоа што тие го бараат или влада нема да се формира или да опстојува. Тоа не е демократски пристап, но, за жал, повторно за тоа исклучиво се виновни македонските недостоинствени, лукративни, самобендисани и сервилни властољупци, кои себеси погрешно се нарекуваат политичари – смета Коцарев.
Според него, на земјава ѝ е потребно градење демократско општество со стабилен економски раст и развој за сите нејзини граѓани.
– Наместо да се бориме со ветерници, предлагам да почнеме со градење просперитетна Македонија – истакнува Коцарев и притоа се согласува дека политичкото ткиво мора да се обединува врз основа на нивните програми.
Директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, смета дека граѓанскиот модел е единствениот реален модел што може да им обезбеди подобар живот на граѓаните и дека затоа крајно време е да се прекине со уцените за тоа кој со кого ќе формира влада.

– Албанските партии инсистираат на промовирање етничка агенда, бидејќи немаат капацитет да промовираат граѓанска агенда. Членството е исклучително албанско, политиките што ги креираат се насочени исклучиво кон албанската етничка заедница, со што не придонесуваат воопшто државата да се гради врз граѓански концепт, кој е единствениот реален модел што може да направи подобар живот во земјата – вели Трошановски.
Тој изразува загриженост дека ако продолжат ваквите неумесни и арогантни изјави дека не може да има влада во која би биле двете најголеми македонски партии, ќе ја претворат Македонија во нова БиХ.
– Вака како што стојат работите сега, ние тераме кон градење држава од типот на Босна, во која постои тенденција секој етнички кантон да си има свои политички претставници, без чие дејствување не би имало шанси да функционира државата. Тоа е уцена, меѓутоа лично не верувам дека албанските политички партии се подготвени да прифатат и дека воопшто сакаат да прифатат граѓански концепт и ќе продолжат да ја играат оваа игра, без оглед што ова инсистирање е спротивно на самиот Охридски рамковен договор, спротивно на постулатите на нашиот политички систем, кој во ниту еден случај формално не обврзува никого на такво политичко однесување. Паралелизам во сите институции на етничка основа под име на некаква заштита од позитивна дискриминација е апсолутно една голема фарса 20 години по Охридскиот договор и нешто за што мора да се бориме да го промениме, оти во спротивно ќе останеме блокирани и поделени по етничка линија – заклучува Трошановски.


Дигитализирани околу пет милиони македонски ракописи од 14 и 15 век

Вчера беше претставен завршениот проект за дигитализација на картотеките на зборови на македонски јазик што му припаѓаат на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“. Станува збор за проект поддржан со буџетски средства, преку кој се овозможуваат трајно заштитување и дигитализација на околу пет милиони записи со стари македонски зборови, дијалекти и записи што се дел од нашето духовно богатство. Овие записи со изворни македонски зборови и изрази на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ датираат од периодот на 14 и 15 век. Со проектот овие записи веќе нема да се чуваат во кутии и во плакари, туку ќе се чуваат во дигитална форма, со што ќе се обезбеди нивно понатамошно зачувување како непроценливо национално богатство.