Фото: Игор Бансколиев

Најновите провокации на бугарски политичари што среде Скопје изразија отворени територијални претензии кон нашата држава, изјавувајќи дека Македонија е бугарска, а Скопје втора бугарска престолнина, се закана не само за македонската туку и за европската безбедност, за што мора да има соодветна институционална реакција. Секаде во светот е забрането на настан да се повикува на уривање уставен поредок и да се истакнува фашистичка иконографија. Така требаше да постапиме и ние, категорични се нашите соговорници

Флагрантни територијални претензии кон Македонија среде суверена држава

Бурни реакции кај македонската јавност предизвикаа викендов провокативните изјави дадени среде Скопје од страна на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и лидерот на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов, за време на одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Мара Бунева.
Двајцата бугарски политичари отворено од македонската престолнина изразија територијални претензии, изјавувајќи дека Македонија е бугарска, а Скопје втора бугарска престолнина, отворено ширејќи говор на омраза.
– Вечен спомен на Мара Бунева и на сите познати и незнајни херои, кои го посветија и го дадоа својот живот за каузата за слободна бугарска Македонија и обединета Бугарија… Да живее обединетата и неделива бугарска нација, од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море. Да живее бугарска Македонија. Да живее Бугарија – порача Џамбаски од центарот на Скопје.
Порака со отворени територијални претензии упати и пратеникот во бугарското Народно собрание и претседател на партијата Преродба, Костадин Костадинов.
– За жал, идеалот сѐ уште не е реализиран, идеалот – сите ние, целиот наш народ да биде обединет, а Бугарија во Мизија, Тракија и Македонија да се претвори во една држава, која ќе биде заеднички дом за сите Бугари – истакна Костадинов.
По сето ова следуваше млака реакција од македонското МНР, најмногу поради притисокот на овдешната јавност, која побара од надлежните институции веднаш да реагираат на ваквите отворени асимилаторски пораки.
– Министерството за надворешни работи со големо внимание ги следи изјавите на одредени маргинални политички фигури од Р Бугарија, чии провокации продолжуваат, без притоа да водат сметка за напорите што ги вложуваат двете држави за одржување на конструктивната соработка и позитивниот дух во билатералните односи меѓу двете држави – истакнаа од МНР.
Колку и да се обидува македонското МНР да ја маргинализира целата работа, сепак воопшто не станува збор за некакви маргинални ликови во бугарската политика, имајќи предвид дека едниот е европратеник, додека другиот претседател на партија што е во подем во Бугарија. Во таа насока вакви изјави, со кои отворено се сугерираат територијални претензии кон друга држава, асимилација и прекројување на границите, се напад не само на македонската држава туку и на безбедноста на цела Европа, која повеќепати отворено има порачано дека е против какви било поделби и прекројување на границите.

Закана и за европската безбедност

Македонија од почетокот на годината претседава со Организацијата за европска безбедност и соработка и меѓу предизвиците што ги претстави шефот на македонската дипломатија беше токму европската безбедност во светлината на руската агресија врз Украина.
Кога веќе на територијата на Европа беснее страшна војна иницирана токму поради нечии претходни територијални претензии и изјави дека Украина е руска, сличните изјави од страна на бугарски политичари среде Скопје можат да се сфатат како реална закана по европската безбедност бидејќи некој упорно ги оживува и наметнува опасните соништа и сеништа за некакви големи држави. Ако на ова се придодаде и молкот од официјална Софија по повод изјавите на Џамбаски и Костадинов, тогаш на некој начин тоа значи и премолчена согласност за пораките испратени од страна на бугарските политичари во Скопје.
Дополнително, без оглед што македонското МНР ја релативизира целата работа квалификувајќи ги Џамбаски и Костадинов како маргиналци, сепак не може да се отфрли и тезата дека зад нив, всушност, стои официјалната бугарска политика кон Македонија и дека властите во Софија играат токму на таа карта, ваквите асимилаторски пораки да ги испраќаат на секој можен начин и во секоја можна пригода.
Во таа насока повеќе од јасно е дека во бугарското барање за внесување на бугарите во македонскиот устав воопшто не станува збор за некакви малцински права, туку за отворени територијални претензии и целосна асимилација на македонскиот народ. Внесувањето на бугарското малцинство во Уставот е првиот чекор кон остварувањето на вековната бугарска цел, која лично и директно ни беше соопштена во Скопје низ устата на Џамбаски и Костадинов, „сите Бугари да живеат во една држава од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море“.
За да ги покаже Софија своите искрени намери кон Македонија, прво што треба да направи е официјално да се огради од изјавите на овие политичари, но многу повеќе ќе направи ако покаже на дело дека веќе не размислува за санстефанска Бугарија и дека во Македонија гледа сосед со кого сака да гради најблиски и најпријателски односи, врз база на заемно почитување и реципроцитет.
Тоа ќе значи бугарското Народно собрание веднаш да ја повлече спорната Декларација од 2019 година во која, всушност, се содржани ставовите што ги изнесуваат Џамбаски и Костадинов и да донесе нова декларација со која отворено ќе го признае постоењето на посебен македонски народ, со свој посебен идентитет, посебен јазик, култура, историја.

Строги казни за провокаторите

И додека македонското МНР чека официјална Софија да се огради од изјавите на Џамбаски и на Костадинов, повеќе од извесно е дека бугарските политичари ќе продолжат со ваквите провокации кон Македонија и во периодот што следува, така што она што сега се наметнува како дилема во македонската јавност, тоа е како да им се стави крај на ваквите провокативни настапи од соседството.
Бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров вели дека со такви антиевропски говори нема добрососедски односи, притоа додава дека поголемиот дел од бугарското прогресивно општество не размислува така.
– Изјавите што ги слушнавме во Скопје, на кејот на Вардар, не можат да се окарактеризираат на ниту еден друг начин, освен како антиевропски и како изјави што се надвор од нормалниот добрососедски тон меѓу две држави, два народа и две општества, така што оцената е негативна – рече Владимиров.
Домашните аналитичари, пак, се на ставот дека ваквите инциденти и провокации зачестија и дека македонските институции треба да му стават крај на ваквото непримерно однесување на политичарите од соседството.
– Со изјави од типот дека вакви политичари како Џамбаски и Костадинов воопшто не се пожелни во нашата држава, ништо не правиме. Утре тие повторно ќе дојдат и ќе провоцираат со истата реторика. Сè додека официјалната бугарска политика не го смени својот однос кон Македонија, ќе ги слушаме истите говори, а ако продолжиме и натаму ништо да не преземаме, тогаш не може да се наречеме сериозна држава – велат нашите соговорници.
Според професорката Мирјана Најчевска, Ангел Џамбаски треба кривично да одговара и да се прогласи за непожелна личност во земјава.
– Ангел Џамбаски треба да биде кривично гонет врз основа на членот 319 и во секој случај во најмала мера треба да се протера и да се прогласи за персона нон грата во Македонија – смета Најчевска.
Според ставот 1 од овој член, секој оној што „со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг начин ќе предизвика или ќе разгори национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост, ќе се казни со затвор од една до пет години“.
Професорката Најчевска не се согласува со констатацијата на македонското МНР дека станува збор за политички маргиналци и дека во суштина сето ова е дел од актуелната бугарска политика кон Македонија.
– Интересно, ама ете тие маргиналците отвораат клубови со кои се велича бугарскиот фашистички окупатор во Македонија и тие маргиналци ја негираат окупацијата на Македонија од страна на тогашната бугарска власт, која е дел од фашистичките сили во Втората светска војна, и тие маргиналци успеаја да се избоксува францускиот предлог и да се внесе резолутивен услов во пристапните акти, со кој решавањето билатерален спор е предуслов за продолжување на преговорите за ЕУ-интеграција, и тие маргиналци не дозволуваат да се спроведат 14 одлуки на Европскиот суд за човекови права поврзани со правото на здружување на етничките Македонци во Бугарија, и тие маргиналци негираат постоење на македонското малцинство на територијата на Бугарија, и… браво за бугарските маргиналци. Ова бугарскиве маргиналци излегоа помоќни од нашите немаргиналци. Или само ми се чини – наведува Најчевска во својата реакција.
Политичкиот аналитичар Ивица Боцевски има поинаков пристап како да им се стави крај на провокациите што доаѓаат од бугарските политичари.
– Колку што знам јас, во светот постои и забрана за настан. Секаде во светот е забрането на настан да се повикува на уривање уставен поредок и да се истакнува фашистичка иконографија. Така требаше и ние да постапиме, едноставно да го забраниме настанот бидејќи не е во согласност со европските вредности, туку прокламира фашистички идеологии – вели Боцевски.
Според него, кога се искажуваат отворени територијални претензии и има повици за укинување на државата мора да има соодветна институционална реакција.
– Забрана на самиот настан поради говор на омраза. Ако она викендов не беше говор на омраза, не знам што е. Џамбаски повикуваше тука на уривање граници, не признава народ, така што вакви настани мора во иднина да се забранат – категоричен е Боцевски.


За Европскиот парламент, настапот на Џамбаски бил негова лична работа?!

Европскиот парламент смета дека однесувањето на европратеникот Ангел Џамбаски во центарот на Скопје по повод панихидата на Мара Бунева е негова лична работа и дека тоа на никаков начин не е поврзано со институцијата што ја претставува.
– Ова негово однесување спаѓа единствено под одговорност на пратеникот и во секој случај не ја претставува позицијата на Парламентот – велат од ЕП .
Европратеникот Џамбаски во февруари минатата година предизвика скандал со нацистички поздрав во пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур, по што беше предупреден од претседателката на ЕП, Роберта Мецола, дека може да биде строго казнет.
– Не се дозволени нацистички или фашистички поздрави и какви било знаци во оваа просторија. Ќе извршиме проверка и, доколку е така, ќе наметнеме строга казна за г. Џамбаски – рече тогаш Мецола.
Очигледно за ЕП не се дозволени фашистички поздрави само во просториите на Парламентот, но надвор од него, неговите претставници можат да ја употребуваат фашистичката иконографија, да шират говор на омраза и отворено да искажуваат територијални претензии кон соседна држава. Тоа говори само за двојните европски стандарди.