„Техниката на растегнување“, или поконкретно кажано „заобиколување на принципите на меѓународното право“, што се примени на Македонија за евроатлантските и европските интеграции, со употреба на „асиметрични билатерални договори со вградени клаузули за унилатерална автодеградација“, според повеќето меѓународноправни експерти, се чини дека се покажува и како „згодна алатка“ за други случаи, не само за нашиот. На идентичен начин како Македонија се дисциплинираат и други држави, со наметнување асиметрични договори на штета на суштински прашања за (послабите) држави, и тоа во врска со отстапки од нивната сопствена историја, култура, идентитет…
На кој начин преседаните од соседските договори на Македонија влегуваат во оптек во пошироките меѓународни односи
„Техниката на растегнување“, или поконкретно кажано „заобиколување на принципите на меѓународното право“, што се примени на Македонија за евроатлантските и европските интеграции, со употреба на „асиметрични билатерални договори со вградени клаузули за унилатерална автодеградација“, според повеќето меѓународноправни експерти, се чини дека се покажува и како „згодна алатка“ за други случаи, не само за нашиот. На идентичен начин како Македонија, се дисциплинираат и други држави, со наметнување асиметрични договори на штета на суштински прашања за (послабите) држави, и тоа во врска со отстапки од нивната сопствена историја, култура, идентитет…
На пример, францускиот претседател Макрон, како дел од решението за надминување на спорните моменти од комплексниот однос на Франција со Алжир, меѓу другото предлага идентична „техника на растегнување“ како во македонскиот случај, односно „заобиколување на принципите на меѓународното право“ со формирање комисија од историчари, кои наводно би разговарале за „злосторствата на колонизацијата без табуа“.
Макрон не гледа смисла во постапката на извинување за бруталноста на Франција во времето на колонизацијата на Алжир
Во опширното интервју објавено неодамна во еден француски медиум, Макрон ја опиша темата за француско-алжирските односи како „интимна тема за сите“, но особено „трауматична“ тема за Алжир. Но тој не гледа смисла во постапката на извинување на Франција за времето на колонизацијата на Алжир и за сите други настани од меѓусебната историја.
– Не морам да се извинувам за овие настани. Имаше војна. Со извинување, или без извинување, тоа не поправа ништо. Ние го носиме нашето минато, без разлика дали ни се допаѓа или не. Мислам дека Алжир не може да размислува за себе без врската со Франција и дека Франција повеќе не може да размислува за себе без својот однос со Алжир – кажа Макрон во интервјуто.
Макрон тврди дека извинувањето нема да реши ниту една од поплаките на Алжир. Наместо тоа, тој предложи двете земји да формираат заедничка комисија од историчари за да разговараат за „злосторствата на колонизацијата“ без табуа.
Имено, Франција го нападна Алжир во 1830 година и во следниот век ја насели северноафриканската држава со „стотици илјади бели Европејци“. Муслиманските бунтови беа задушени, а француските сили мачеа, убиваа и раселија стотици илјади локални жители. Окупацијата заврши во 1962 година, откако до 1,5 милион Алжирци беа убиени во осумгодишната војна за независност.
Пред две години Макрон го налути алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун кога ја осуди, како што рече, институционализираната „омраза кон Франција“ во поранешната колонија и праша дали „постоела алжирска нација пред француската колонизација“. Тензиите меѓу Париз и Алжир во тоа време беа засилени со француската одлука да ги укине визите за Алжирците поради одбивањето на Алжир да ги врати назад депортираните илегални имигранти. Францускиот претседател сепак го посети Алжир во август 2022, кога вети дека ќе ги „продлабочи билатералните односи… и ќе продолжи со работата за решавање на минатото“. Патувањето во земјата богата со гас, исто така, се совпадна со борбата низ цела Европа за нови извори на енергија, откако ЕУ воведе ембарго за руските фосилни горива.
За нерешавањето на некој проблем – формирај комисија
Познавачите на меѓународните односи повлекуваат паралели и аналогии на француско-алжирските односи со македонско-бугарските релации. Рефлектирано врз современите политички модалитети на градење на билатералните односи и меѓународното позиционирање на секој од гореспоменатите субјекти, нишката што, според експертите, на некој начин ги поврзува историските контексти во двата случаја би можела да се пронајде во „тенденциозноста за навреда со погазување на туѓите национални идентитети“!
– На прв поглед не е видлива корелација во прашањата на современите односи меѓу Франција и Алжир со оние на Македонија и Бугарија, иако и во двете теми е вклучен подлабок историски контекст. Идејата за заедничка историска комисија меѓу Франција и Алжир, која ја предлага францускиот претседател Макрон, мислам дека повеќе е во функција на онаа максима „ако сакаш да одложиш решавање на некој проблем – формирај комисија“. Односите меѓу Франција и Алжир се интензивни и сложени. Тоа се истовремено односи на соработка и на конфронтација. Периодот на колонизација на Алжир од страна на Франција е темно петно во односите меѓу двете земји, веројатно исто како и периодот на деколонизација и протерувањето на Французите од Алжир… Предлогот на францускиот претседател за заедничка историска комисија меѓу двете земји го гледам како иницијатива со студени глави да се расчистуваат тие прашања меѓу Франција и Алжир, без да се обременуваат актуелните односи. За разлика од идејата за решавање на историските прашања, настрана од современите политички односи, во случајот со историската комисија меѓу Македонија и Бугарија, сведоци сме дека тие се злоупотребуваат како уцена за актуелни политички интереси, иако спротивни на современите принципи на функционирање на меѓународната политика. Некои прашања секако треба да се затворат, но општествата не се подготвени за тоа. Ќе се затворат кога ќе им дојде времето. Но нишката што може да се препознае како сличност при споредбата на двата билатерални случаја во кои се вклучува идеја за историска комисија е фактот дека е опасен потенцијалот во нив за погазување на туѓиот идентитет. Газењето на туѓиот национален идентитет секогаш е опасна провокација во меѓународните односи – вели поранешниот македонски амбасадор Ивица Боцевски.
Македонија како „полигон за експериментирање“ на нови меѓународно-
политички хибриди
Препознавањето на симптоматичната сличност на некои случувања на меѓународната политичка сцена, со ситуации и настани од динамичните и контроверзни политички собитија во македонска надворешна и внатрешна политика во последниве пет-шест години, остава простор за размислување и преиспитување на теориите за Македонија како „полигон за експериментирање“ на нови политички модалитети.
– Она што е извесно е дека тие направија преседани со меѓународната политика и право, кои потоа полесно се применуваат како практика во меѓународните односи. Притоа не се размислува какви консеквенции може да предизвикаат таквите преседани на носење решенија со прекршување и игнорирање на меѓународното право, кои имплицираат дека непримерното однесување на моќните лидери и држави може да биде неказниво.
Во политичките науки два и два не е секогаш четири. На час по математика да, но ова се процеси чии последици се гледаат дури по неколку децении, а некогаш и подолго. Овие договори се штетни, избрзани, нестручни и во конфликт со судски одлуки и меѓународни стандарди и принципи, но не и нечиј експеримент. Нивната опасност е што се преседан и самото нивно постоење е доволно за лесно да се злоупотребат во друга геостратегиска констелација од нелиберални моќници што би го искористиле секој аргумент да ги оправдаат своите империјалистички амбиции и наративи. Jас со години предупредувам на последиците од нашето потчинето и послушничко поведение и од неспособноста да се најдат дипломатски решенија во согласност со заложбите, принципите и документите на ООН, ОБСЕ и Советот на Европа, зашто прекршувањето и игнорирањето на меѓународното право имплицираат дека непримерното однесување на помоќните може да биде неказниво и дека помалку моќните треба да си ја наведнат главата. Затоа ме плашат изјави како таа на Макрон. Ако европските демократии не најдат сили за справување со минатото и јавно не ги именуваат неправдите во својот двор, како ќе ги подучуваат аспирантите што сакат да станат зрели демократии? Во еден пригоден текст за темава, во книга чиј уредник е еден мој многу драг пријател и соработник Вилијам Зартман, Келман вели:„Решавањето конфликти не подразбира дека неправдите и историските трауми се заборавени и се воспоставила хармонија во односите. Едноставно подразбира почнување процес што ќе ги третира клучните потреби и стравови и ќе воспостави долготрајни механизми за соочување со нив“. Ако заборавиме да ги признаваме грешките, било наши или направени во наше име, и полесно ни е да калкулираме со лингвистика отколку да почнеме процеси на залекување и помирување, тоа значи дека сме се откажале од вербата во владеењето на правото, во способноста на судовите што ќе ги казнат воените злосторници, во систем што ќе ги заштити жртвите на насилство. Сме си ја подвиткале опашката и сме прифатиле дека моќните можат да ги газат помалите. Тоа е полесно, но краткотрајно. Во таков свет, Путин нема да мора да одговара и да ѝ се извини на Украина за агресијата и сите злосторства, а замислата за таква можност може само да им даде сила на насилниците и оние што со оружје и убиства посегнуваат по општествени промени. Извинувањето, иако е тешко, е сепак само симболика ако не е проследено со казнивост и промена во општественото однесување – вели Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори.