Според проф. д-р Улф Брунбауер, историчар и директор на институтот „Лајбниц“ за Источна и Југоисточна Европа, работата на мешаната комисија стана главен аргумент во обвинувањето на Бугарија дека Македонија не ги исполнила своите обврски според Договорот за пријателство и затоа не е подготвена за членство во Европската Унија. Тој потврдува дека вакво нешто не беше покриено ниту со копенхашките критериуми ниту со европските принципи и правила. Тоа значеше дека „има големи очекувања и голем притисок врз академиците испратени во комисијата“, кои практично станаа „судии во билатерален спор“ (?!)“, нагласува професорот од институтот за Источна и Југоисточна Европа
Анализа на проф. д-р Улф Брунбауер, историчар и директор на институтот „Лајбниц“ за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург, Германија
Универзитетските професори, аналитичарите и историчарите во еден подолг временски период укажуваат дека обидите на Софија да го наметне своето видување на историјата преку политизирање на мешаната комисија за историски и образовни прашања фундаментално ги нарушуваат македонско-бугарските односи. Токму овој сегмент беше предмет на особена анализа од страна на проф. д-р Улф Брунбауер, историчар и директор на институтот „Лајбниц“ за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург, Германија. Тој нагласува дека работата на мешаната комисија стана главен аргумент во обвинувањето на Бугарија дека Македонија не ги исполнила своите обврски според Договорот за пријателство и затоа не е подготвена за членство во Европската Унија. Ова беше чудно оправдување, кое не беше покриено ниту со копенхашките критериуми ниту со европските закони.
– Тоа значеше дека има големи очекувања и голем притисок врз академиците испратени во комисијата, кои практично станаа судии во билатерален спор – нагласува професорот од институтот за Источна и Југоисточна Европа.
Бугарија не ги штити слободата на мислењето и академската слобода
Проф. д-р Улф Брунбауер во својата опсежна анализа забележува дека Бугарија како држава и општество бара од македонската страна да го промени изучувањето на историјата, географијата и литературата, како и третманот на македонските историски споменици во согласност со заклучоците на заедничката експертска комисија. Според Улф Брунбауер, во „хармонизирањето“ на наставата по историја и литература, бугарската влада побара изворните текстови од 19 и 20 век во учебниците да бидат „претставени и изучени според јазичните норми во кои тие првично биле напишани, во согласност со одлуката на Советот на министри на Република Бугарија од 2019 година, односно бугарската влада.
– Се чини дека бугарската влада верувала дека државата може да диктира што им е дозволено да пишуваат на историчарите или другите творци на историјата. Толку од Бугарија што ги штити слободата на мислењето и академската слобода – нагласува Брунбауер.
Видувањето на професорот од институтот за Источна и Југоисточна Европа за ова прашање кореспондира со укажувањата на неколкумина македонски универзитетски професори и историчари. Во овој контекст, проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја истакна дека во научниот свет нема компромиси, во научниот свет има само докажување, различни ставови за да се дојде до вистината.
– Компромиси или редење во еден ред на нештата има само во политиката. Сметам дека јавноста треба да знае дека комисијата ниту може ниту ќе донесе нешто што е правилно, тоа ќе биде фалсификат, тоа ќе биде узурпација и тоа ќе биде смрт за сето она што значи слободно творење – рече Котлар-Трајкова.
Главен аргумент на историската комисија (бугарските членови) стана обвинувањето дека Македонија не ги исполнила своите обврски според Договорот за пријателство
Анализирајќи го составот, односно членовите на комисијата за историски и образовни прашања, Улф Брунбауер вели дека довербата на бугарската влада во заедничката комисија најверојатно е вкоренета во составот на членовите од бугарска страна. Според Брунбауер, македонската влада не покажа многу ентузијазам за создавањето на оваа комисија, бидејќи нејзината агенда беше поттикната од бугарската опседнатост со македонската историја. Сепак, како што вели Улф Брунбауер, се согласи со надеж дека тоа ќе помогне за нормализирање на односите меѓу двете земји.
Професорот и директор на институтот „Лајбниц“ за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург заклучува дека работата на комисијата стана главен аргумент во обвинувањето на Бугарија дека Македонија не ги исполнила своите обврски според Договорот за пријателство и затоа не се квалификувала за прием во ЕУ.
– Ова беше чудно оправдување, кое не беше покриено ниту со копенхашките критериуми ниту со европските закони. Тоа значеше дека има големи очекувања и голем притисок врз академиците испратени во комисијата, кои практично станаа судии во билатерален спор. Тоа очигледно ја попречи задачата што всушност ѝ беше доделена на комисијата, која во членот 8 од Договорот за пријателство дефинираше како да ги толкува историските настани „објективно“ врз основа на „автентични историски извори“ – нагласува Улф Брунбауер.
Според Брунбауер, комисијата е создадена по моделот на билатералните комисии на историчари формирани меѓу други земји со тешко заедничко минато. Најважни примери се оние меѓу Сојузна Република Германија и земјите што беа нападнати и окупирани од Германија за време на Втората светска војна. Главната разлика е во тоа што овие комисии се занимаваат со германската окупација и воените злосторства, холокаустот и геноцидот и повоената одмазда, како што е протерувањето на германските малцинства. Во случајот со Бугарија и Македонија, според анализата на Брунбауер, комисијата треба реши такви земјотресни проблеми како што е прашањето дали Гоце Делчев бил Бугарин или Македонец.
– Ваквите прашања ретко создаваат иновативни истражувања, наместо тоа имаат тенденција да предизвикаат анахрони контроверзии за националниот карактер на настаните што се случиле долго пред да се измислат нациите – заклучува германскиот професор во својата анализа.
Бугарија не научно, туку политички „инвестираше“ во комисијата
Проф. д-р Улф Брунбауер во својата анализа вели дека самиот состав на комисијата кажува многу, односно повеќето од македонските членови се од помладата генерација и се првенствено истражувачи, додека кај бугарските членови е видливо дека четворица од седуммина служеле во дипломатската служба, а уште еден бил ректор на Универзитетот во Софија.
– Шефот на бугарската страна, Ангел Димитров, е роден во 1945 година и работеше на историјата на бугарското „национално прашање“ во Бугарската академија на науките уште од 70-тите години на 20 век, односно во времето кога кулминира националкомунизмот. Од 1994 до 2001 година ја извршуваше функцијата бугарски амбасадор во Скопје – нагласува Брунбауер.
Според Улф Брунбауер, друг бугарски член, Наум Кајчев, исто така имал дипломатска функција во Македонија, како генерален конзул во Битола (2007 – 2010). Момчил Методиев, историчар на Новиот бугарски универзитет во Софија и специјалист за историја на православната црква за време на комунизмот, зад себе има десетгодишен ангажман во Министерството за надворешни работи. Кирил Топалов (роден во 1943 година), чие семејство доаѓа од Македонија во Бугарија, е научник и писател, кој беше бугарски амбасадор во Атина од 1998 до 2002 година, а подоцна и во Ватикан.
– Се чини дека македонските членови главно беа избрани поради нивните академски заслуги, додека бугарските членови беа избрани затоа што имаат политички багаж во политиката – нагласува Брунбауер.
Преочигледно е дека бугарската страна не ги сака историската вистина и факти
Анализата и ставовите на Улф Брунбауер од институтот за Источна и Југоисточна Европа во Регенсбург за работата и составот на комисијата за историски и образовни прашања се особено значајни од неколку аспекти. Ние би се задржале на политизирањето на комисијата од страна на Бугарија, политизирање што ја проблематизира работата на комисијата и ги оддалечува двете страни од договор. Ова е особено видливо во неподготвеноста на бугарската страна за компромисни решенија и нејзините барања до македонските членови да се прифати бугарското толкување на историјата. Дека бугарската страна, односно бугарската влада, не е подготвена за решенија постигнати со заемни отстапки покажува и примерот околу Григор Прличев, преродбеник и деец од 19 век. Драги Георгиев и Ангел Димитров, членови на комисијата од двете страни, во заедничка изјава пред медиумите изјавија дека комисијата постигнала согласност за заедничко чествување од двете држави.
Исто така во препораката на комисијата до македонската и бугарската влада за Прличев можеме да прочитаме дека тој е еден од главните протагонисти за еманципација од грчкото културно и духовно влијание во Македонија. Како учител и писател тој има значаен придонес за развојот на бугарската култура. Прличев е важен и за современата македонска култура.
– Тој е фигура што е поврзана со Република Бугарија и Република Македонија и ја олицетворува идејата за општ поглед на бугарското културно наследство – се вели во препораката на комисијата за историски и образовни прашања до двете влади.
И покрај договорот за заедничко чествување на Григор Прличев, како значајна личност за бугарската и македонската култура, што е евидентно од изјавите на претставниците на комисијата, како и од самата препорака до двете влади, бугарската страна одбива да го спроведе договореното. Според познавачите со кои се консултиравме, причините за ова најверојатно се наоѓаат во потпишувањето на Преспанскиот договор, односно во одбивањето за прифаќање на македонската придавка од бугарска страна во сите официјални документи, по потпишувањето на споменатиот договор, како и во постојаното барање за употреба на придавката северномакедонска или сверномакедонци.
Ова е уште еден пример дека бугарската страна не сака да постигне компромис и настојува да ги наметне своите видувања преку уцени и блокирања на Македонија. Во овој контекст треба да се разбере и искажувањето на проф. д-р Улф Брунбауер – бугарската влада верува дека може да диктира како да се пишува историјата. Д. Ст.