Фото: Игор Бансколиев

Во овој момент свое влијание врз формирањето на цените на енергентите имаат и природните услови, кои годинава донесоа топла зима во Европа, пренесуваат светските медиуми. Според експертите, сегашните согледувања и пониските цени на гасот и нафтата се должат пред сѐ на повеќе фактори: политички, економски и природни. Можно е да има и комбинација на сите фактори

ВЛИЈАНИЕТО НА ПОВИСОКИТЕ ТЕПЕРАТУРИ ЗА ОВОЈ ДЕЛ ОД ГОДИНАТА
ВРЗ ЕНЕРГЕТИКАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО

Релативно топлата зима и високите температури за овој период од годината им одат во прилог на граѓаните и фирмите во насока на заштеда на енергија, во екот на енергетската криза што се најавуваше. Со тоа на некој начин топлото време доаѓа како добродојден контраудар на кризата. Позитивен сигнал се и последните берзански извештаи за движењето на цената на гасот и нафтата, кои бележат надолен тренд. Во меѓувреме значаен фактор за избегнувањето на ценовниот удар врз домашните буџети на граѓаните е топлото време, кое ја намали потрошувачката на струја и на гас за затоплување. Меѓутоа, експертите од енергетската област не можат да дадат нови процени за тоа како ќе се движи цената на енергијата, затоа што во изминатиот период, од почетокот на војната во Украина, се појавија многу фактори што имаат свое влијание. Од Регулаторната комисија за енергетика ни изјавија дека редовно ги следат движењата на пазарите на гасот, нафтата и електричната енергија, но со подетални анализи за движењата на берзите ќе излезат во текот на наредната недела.
Еден од факторите за моментално пониските цени на гасот и нафтата се поволните климатски услови, кои влијаеја на неколкукратното поевтинување на енергентите. Како што објавија новинските агенции, гасот на 10 јануари вредеше 71 евро за мегават-час, што е многу пониско од историскиот рекорд од 345 евра забележан на 26 август 2022 година. Слична е состојбата и со нафтата, која од годинешниот максимум од 120 долари за барел, се намали на околу 80 долари, колку што е цената на берзите.
Енергетичарите и економистите се резервирани во давањето процени за тоа дали ниските цени за енергија ќе продолжат и во наредниот период. Во овој момент поголемо влијание врз формирањето на цените имаат природните услови, кои годинава донесоа топла зима во Европа. Со ова и резервите на природен гас и нафта во европските компании се на високо ниво, поради помалата потрошувачка. Медиумите во Европа објавија дека моменталната пополнетост на складиштата е на 83 отсто, што е многу повисоко во однос на периодот од 2016 до 2021 година. Сепак, останува неизвесноста за тоа какво време нѐ очекува во преостанатите зимски месеци, односно во февруари и март. Особено што и метеоролозите предвидуваат постудено време во следниот период.

– Живееме во турбулентни времиња, кога е тешко да се дадат процени како ќе се движат цените на енергентите. Добро е што досега имаме топла зима и нема поголема потрошувачка за затоплување на домовите. Намалувањето на температурите за пет степени може да ги смени работите во неповолна насока, што се однесува до цената на гасот и на нафтата. За давање поиздржани процени е потребно да имаме повеќе информации за тоа што се случува на глобалниот пазар и политиката што се креира на повисоко ниво. Ние како обични потрошувачи можеме само да ги следиме информациите што се пласираат во медиумите. Според сегашните согледувања, ниските цени се должат пред сѐ на повеќе фактори: политички, економски и природни. Можно е да има и комбинација на сите фактори. Основно е дека има намалена потрошувачка за енергија поради намалување и на економските активности во Европската Унија. Кога нема производство или кога тоа е намалено или кога тоа се сели во други помирни региони, како на пример во САД, имаме и помала потрошувачка на енергија, а со тоа се намалуваат и цените – ни изјави Константин Димитров, експерт од областа на енергетиката.
Во однос на Македонија за влијанието на климатските промени и енергетската состојба, како што вели Димитров, таа е иста како и во претходниот период. Имено, сушниот период и недостигот од врнежи на дожд и снег се одразија негативно на водостојот на хидроакумулациите. Резервите на јагленот за работа на трите блока на ТЕЦ-Битола се ограничени и ќе мора да се најдат дополнителни количества доколку биде ставен целосно во функција најголемиот енергетски капацитет во земјата.
Енергетичарите не се преголеми оптимисти дека е надмината енергетската криза во Европа и во светот. Пред сѐ поради намалувањето на потребите на Кина поради водењето на политиката за нулта ковид, но бидејќи оваа мерка е ублажена, побарувачката може значително да се зголеми во текот на оваа година. Во тој случај Европа би се соочила со повисоки трошоци за купување гас и други извори на енергија поради зголемената побарувачка. М.Ј.


Посевите засега безбедни, но ….

За тоа какво е влијанието на топлата зима и какви би биле ефектите врз посевите и во земјоделието побаравме мислење од Ордан Чукалиев, професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.
– Годинава покрај топла, имаме и сува зима. Моменталната состојба со климата, која е невообичаена за овој период од годината, нема да се одрази негативно на земјоделските посеви. Моите очекувања се дека има уште време за да може растенијата да ги поминат потребните фази за овој период. Очекувам да дојде до мало одложување на мразовите и на снегот, кој е потребен за некои култури, како што е пченицата. Во овој момент има доволна влажност во почвата и растенијата сѐ уште се во фаза на мирување. Но доколку продолжат ваквите високи температури, може да очекуваме и поголеми штети кај земјоделските култури и кај овошките што порано отвораат цветови и листови. Продолжувањето на зимата без мразови и снегови може да предизвика и други штети, односно да се рашират зарази и други штетници. Засега сметам дека има уште време да се зачуваат посевите – ни изјави Ордан Чукалиев, професор на Земјоделскиот факултет во Скопје.