ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „МАКЕДОНИЈА ВО РИНГОТ“ ОД АЛЕКСАНДАР ДИМКОВСКИ
Книгата насловена „Македонија во рингот“, чиј автор е главниот и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“, Александар Димковски, беше промовирана на 30 октомври, во Клубот на љубителите на книгата при ЗП „Солидарност“ – Аеродром, во Скопје и предизвика голем интерес во јавноста. Салата беше претесна да ги прими сите љубители на пишаниот збор и почитувачи на работата и делото на авторот. Промоцијата на оваа книга наедно се совпадна и со одбележување на 74-годишнината од излегувањето на првиот број на весникот, што беше мотив повеќе за една славеничка и прекрасна атмосфера.
Настанот го отвори домаќинот и организатор на промоцијата, Васил Тоциновски, кој нагласи дека во книгата се содржани 120 уреднички колумни напишани во периодот од 2014-та па до 2018-та година, време исполнето со мноштво бурни и историски настани.
– Пишувајќи за ова дваесет и прво столетие, за ова забрзано време, во кое од миг на миг не знаеме кој со што ќе нѐ изненади, тој секогаш остро реагира и го перципира она што ни се случува и она што ние го правиме… Одамна не сум прочитал еден ваков однос, толку критичен, а толку исполнет со позитивна енергија, добронамерен, што вие, читајќи го она што не сте го направиле добро, благодарни сте што ви укажува, всушност што сте и какви треба да бидете – ќе заклучи Тоциновски.
Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски, ги опиша колумните на Димковски како четива што бараат да се читаат повеќепати и несомнено оставаат траги, не само за ова време, туку и за иднината. Тој, исто така, ја потсети публиката дека во 2005 г. тој и Димковски
го осмислиле и почнале да го издаваат прилогот „Пензионерски видици“, во весникот „Нова Македонија“, со што практично беше разбиен дотогашниот информативен мрак за оваа читателска публика.
– Во книгата „Македонија во рингот“ се откриваат вистинољубивоста, талентот и визионерството, но и храброста на авторот. Димковски не е само едноставен набљудувач на настаните и случувањата туку и активен борец против неправдата што му се нанесува на нашиот народ и на сите што живеат во Македонија. И сето тоа го прави преку своите колумни со голема инвентивност и правдољубивост – истакна Аргировски.
Иако физички не беше присутен на настанот, заради патување во странство и учество на саемот на книгата во Белград, еден од промоторите, Александар Прокопиев, испрати свое мислење што беше прочитано пред публиката.
– „Македонија во рингот“ може да се чита и како своевидно критичко сведоштво на изминатите турбулентни години и затоа уште повеќе пленат доследноста и аргументираноста на авторот и неговата храброст да ги воочи празните и лажни реторики наспроти историските и правни аргументи. Во 120-те колумни на Димковски, читателот ќе пронајде силни поттици, не само за објективна анализа на она што ни се случувало и што ни се случува, туку и за преиспитување на сопствените дилеми и ставови. Вредноста на оваа книга е што анализата на нашето општество, политика и етика ги потпира врз очевидноста на доказите, но уште повеќе во вистинитоста на реалните толкувања на суштинските, далекосежни настани – оценува Прокопиев во своите импресии за книгата.
Во продолжение на настанот, во детално аналитички и содржаен говор, пред публиката се обрати нашиот познат публицист и автор, Ефтим Клетников, кој ја спореди збирката колумни на Димковски со 1.001-та приказна на Шехерезада, каде што слушателот (читателот) постојано е во исчекување и возбуда што следува понатаму, понесен од слаткоречивоста и вештината на раскажувачот, во случајот пишувачот, односно авторот на книгата. Преку анализа на содржината на „Македонија во рингот“, Клетников ги истакна големината и важноста на Македонија како држава, македонскиот народ, неговата историја и неговата иднина.
– Авторот, ставајќи ја Македонија во епицентарот, „Македонија во рингот“, каде што ја удираат од сите страни, ја судат и осудуваат како Јозеф К. без да знае зошто, ставајќи ја Македонија како епицентар, со нејзините турбуленции, истовремено ја дијагностицира хипокризијата на онаа цивилизација, која е ариевски горда и ги открива сите нејзини аморалности. Димковски во колумните инсистира, посебно на решавање на спорот за името со правните механизми. Тој има една фасцинантна колумна, која се вика „И ние имаме своја нуклеарна опција“, мислејќи на меѓународното право – истакна Клетников.
На самиот крај на промоцијата, кон публиката се обрати и авторот, Александар Димковски, кој се осврна и на своите почетоци, историја и патешествие во новинарството и одлуката во 1993 година да се врати од Австралија за да продолжи да работи во „Нова Македонија“, на која ѝ останал верен целиот свој новинарски стаж и во најтешките времиња, односно повеќе од 25 години. Авторот не пропушти да ја истакне и неизмерната важност на вистината и големата пожртвуваност што ја бара оваа професија.
– Има една изрека, стара повеќе од еден век, која еднакво им се припишува на Бенџамин Дизраели, поранешен британски премиер и на американскиот писател Марк Твен, која вели: „Во светот постојат лаги, проклети лаги и статистика“. Веројатно вака кажаното пред еден век важи и денес, со тоа што на луѓето, на човечките судбини сѐ повеќе се гледа само како на статистика додека манипулациите, лажните вести и лагите се во подем на глобално ниво.
Наша обврска, пред сѐ, како новинари и професионалци е секогаш да се бориме и да трагаме по вистината. Јас можам да се обврзам дека и во иднина ќе се трудам да ги оправдам и кажаните зборови и позицијата што ја извршувам, и дека „Нова Македонија“ ќе остане тој светилник и на вистината и на правдата и ќе се бори за интересите на државата, на граѓаните, за интересите на целата наша популација – изјави за крај Димковски.