Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдува и отсликува посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив ја воведовме рубриката Датуми за паметење, преку која секој месец издвојуваме настани поврзани со македонската историја и со истакнати македонски дејци
Датуми за паметење во јануари
1 јануари 1909 година – Во Битола излезе првиот број на весникот „Работничка искра“, како орган на македонските социјалисти. Прв уредник на весникот беше Васил Главинов.
1 јануари 1941 година – Починал Петар Поп Арсов, македонски национален херој, филолог, револуционер, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација (МРО), долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на МРО и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“.
2 јануари 1946 година – Македонските политички затвореници од затворот „Касандра“ во Грција упатија апел до владите на СССР, на Велика Британија и на САД, во кој, меѓу другото, се вели: „Во сегашните историски денови, ние припадниците на македонскиот народ во Егејска Македонија, кои се боревме против другите окупатори и нивните слуги, принудени сме сега и на политичко поле да водиме тешка борба против грчката реакција…“
3 јануари 1945 година – Во Скопје започнало да излегува првото детско списание на македонски јазик во Македонија, „Пионер“. Неговите први уредници биле писателот Славко Јаневски и професорот Јонче Јосифовски.
4 јануари 1943 година – Умира Мирче Ацев, македонски комунист, антифашист, учесник во НОВ. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година.
4 јануари 1943 година – Умира Страшо Пинџур, македонски комунист, учесник во НОБ. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија што го добиле тоа одликување.
5 јануари 1909 година – Излегол последниот број на весникот „Единство“, уредуван од Димитар Влахов. Почнал да излегува на 27 септември 1908 година, три дена по обидот за атентат врз Јане Сандански и два дена по планираниот, но неодржан конгрес на МОРО. Се печател во Солун. Вкупно имал 25 броја, а ги изразувал ставовите на реформската струја, првенствено на струмичаните околу Христо Чернопеев.
5 јануари 911 година – Починал Свети Наум Охридски Чудотворец, еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета.
6 јануари 1945 година – Во Скопје во присуство на околу 1.000 делегати на македонската младина од Егејска и од Пиринска Македонија, потоа претставници на советската, бугарската, грчката, албанската, српската, хрватската, словенечката и на црногорската младина, како и претставници на англиската мисија, започна со работа Вториот конгрес на Антифашистичката младина на Македонија (НОМСМ). Конгресот ја анализира состојбата во организацијата, донесе низа заклучоци и постави нови задачи. Исто така, беше упатен проглас до младината на Македонија, повикувајќи ја на нови постигнувања.
10 јануари 1897 година – Роден е Методија Шаторов-Шарло, македонски комунист и национален деец. Како една од водечките личности на ВМРО (Обединета), а потоа и како водач на комунистичкото движење во Македонија, Шарло се залагал за самостојна и обединета држава на македонскиот народ. Покрај тоа, во архивите на некогашната Коминтерна се откриени документи, според кои, Методија Шаторов постојано се изјаснувал како Македонец.
29 јануари 1992 година – Починал Иван Дојчинов, македонски комунист, борец во Шпанската граѓанска војна, учесник во НОВ, а по војната репресиран како информбировец. Дојчинов бил член на Главниот штаб на НОВ на Македонија и учествува на Првото и Второто заседание на АСНОМ. Бил носител на „Партизанска споменица 1941“.
30 јануари 1944 година – На планината Кожуф, генералштабот на НОВ и партизанските одреди на Македонија и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ одржуваат советување. Одлучено е што поскоро да се изберат делегати од сите народни одбори од Македонија и да се забрза со подготовките за свикување на АСНОМ.
30 јануари 1830 година – Роден е Григор Прличев, истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од 19 век. Поетската творба „Сердарот“ се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот го дал овој творец. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија на романтизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката називот Втор Хомер. Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото есеј „Чувај се себеси“. Тоа се комплементарни книжевни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на „Сердарот“.
31 јануари 1945 година – Со решението број 581 на Президиумот на АСНОМ е основан Македонскиот народен театар, кој ја прикажа првата драмска претстава на 3 април истата година. Тоа беше драмската претстава „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, а во режија на Димитар Костаров. Д.Ст.