Двете мерки што од градот се имплементираа во вид на субвенции со цел исфрлање на печките на дрва како единствени загревачи на домовите, се чини дека останаа во втор план. Поскапената струја го зема данокот, па многумина се вратија на традиционалниот начин на загревање. Инвертер-климите чекаат да бидат вклучени во некои подобри времиња, а печките на пелети масовно се продаваат поради покачената цена на пелетот. Огревното дрво, во комбинација со согорување различни отпадни иверици, пресувани дрвени отпадоци, па и отпадни масла и други сомнителни материјали што согоруваат, направи Скопје да се врати повеќе чекори назад, што се однесува на заштитата на природната и животната околина
Скопје веќе неколку дена е задушено од нечист воздух. Загадувањето е екстремно, а како доминантни загадувачи, според мобилните апликации, но и според официјалната страна на Министерство за животна средина и просторно планирање, се јавуваат ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките. Состојбата е алармантна до тој степен што беа воведени и вонредни мерки, со кои се советуваше одредена категорија граѓани да останат во своите домови, а скопјани повторно се вратија на носењето заштитни маски, со надеж дека барем малку ќе ги ублажат последиците од загадувањето.
ТОЧНО СЕ ЗНААТ ПРИЧИНИТЕ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО, но за спречување на последиците нема ефикасни мерки
И покрај тоа што Скопје во март конечно доби соодветна анализа за тоа кој, како и колку загадува во метрополата, конечно решение за овој горлив проблем сѐ уште не е пронајдено.
Според анализата што беше направена во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, биомасата, транспортот и индустријата се големи загадувачи во зимските месеци, но најголем загадувач е греењето на дрва на домаќинствата во зимските периоди, додека, пак, во летните и пролетните месеци најголеми загадувачи се запалените огнови на отворено. Константни загадувачи во текот на целата година се сообраќајот, индустријата и согорувањето нафта и мазут.
Истражувањето траело од октомври 2020 година до декември минатата година, а негова главна цел било да се лоцираат причините, но и да се прикаже колкав е нивниот удел во загадувањето. Мерењата се реализирале на две локации, во Ново Лисиче и во Карпош, кои биле дел од мониторинг-мрежата, и три повремени, по две недели во секоја сезона, две во општината Ѓорче Петров (Хром и Волково) и едно во Гази Баба.
Професорот Дејан Мираковски од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кој ја презентираше студијата, истакна дека Ново Лисиче има седум главни извори на загадување – загревањето на дрва, палењето огнови на отворено, сообраќајот, индустријата, секундарните аеросоли, минералниот прав и согорувањето нафта и мазут.
И Карпош исто така има седум главни загадувачи, со таа разлика што во оваа општина поголем удел во загадувањето има индустријата за разлика од сообраќајот.
Професорот додаде и дека согорувањето од биомасата е присутно од ноември до март, односно само во зимските месеци, а налето го нема. Учеството на греењето на дрва во зима во загадувањето на воздухот е од 17 до 45 микрограми ПМ 2,5 на кубен метар во Ново Лисиче и од 12 до 30 микрограми во Карпош. Според тоа, според професорот, само затоплувањето ја надминува максималната дозволена граница од 25 микрограми ПМ 2,5 честички.
– Биомасата останува најзначаен извор на загадување во зимскиот период, со учество од 36 до 57 отсто од вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 59 отсто во Карпош. Има и други значителни извори на загадување, како што се нафтата и мазутот, минералниот прав и согорувањето на оган на отворено – рече тој.
Студијата беше финансирана од страна на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој, спроведена од Програмата за развој на Обединетите нации, а реализирана во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Што следува ЗА ОТКРИЕНИТЕ ЗАГАДУВАЧИ
Изминатите денови беа извршени над 20 вонредни инспекциски контроли на градилишта, Б-инсталации и инсталации елаборати, кои се во надлежност на Град Скопје, кај кои во две е утврдено надминување во дозволените емисии и е изречена глоба по 12.000 евра кај секој од субјектите, информираа градските власти. Контролите продолжуваат и кај стационарни места оџаци кај правни субјекти што се во градска надлежност. Градските власти започнаа со поставување апарати за мерење на ПМ 10 честици за мониторинг од 24 часа, со цел утврдување на изворите на загадување.
Сепак, се чини дека ниту овие активности нема целосно да го решат проблемот со загадувањето, кое секоја година го имаме позачестено, подолготрајно и поконцентрирано, а кое годинава е посебно големо поради енергетската сиромаштија со која се справуваат граѓаните.
Двете мерки што се имплементираа од градот во вид на субвенции со цел исфрлање на печките на дрва како единствени загревачи на домовите, се чини дека останаа во втор план. Поскапената струја го зема данокот, па многумина се вратија на традиционалниот начин на загревање. Инвертер-климите чекаат да бидат вклучени во некои подобри времиња, а печките на пелети масовно се продаваат поради покачената цена на пелетот.
Огревното дрво, во комбинација со согорување различни отпадни иверици, пресувани дрвени отпадоци, па и отпадни масла и други сомнителни материјали што согоруваат, направија Скопје да се врати повеќе чекори назад, што се однесува на заштита на природната и животната околина.
И како последица на тоа, Скопје потона во магла, која од Водно се гледаше како распослан чаршаф што го проголтал градот во зимски сон. Додека жителите на погорните населени места во Скопје, како Ракотинци, Сопиште, Булачани и другите места уживаа во сонце, жителите во урбаниот дел дишеа екстремно високи концентрации на ПМ-честички.
НЕКОЈ ЗАТВОРЕН ДОМА, НЕКОЈ „УЖИВА“ НА ЗАБАВИ НА ОТВОРЕНО
Граѓаните се разочарани, иако во голема мера имаат удел во загадувањето, поради начините на кои ги загреваат своите домови, но сепак има и такви на кои загадениот воздух не им пречи.
Покрај тоа што Владата донесе мерки со кои за одредена категорија граѓани се препорачува да останат во своите домови и да бидат ослободени од работните обврски, се препорача и да не се организираат настани на отворено. Иронијата да биде поголема, новогодишни настани има насекаде, и тоа на отворено, а она што придонесува за зголемување на иронијата е фактот што посетеноста на овие настани е огромна и покрај животозагрозувачката концентрација на ПМ-честичките.
Токму затоа, екипа на „Нова Македонија“ спроведе анкета на случајни минувачи, за тоа што мислат граѓаните за загадувањето. Посетивме еден од новогодишните базари, каде што посетителите беа претежно млади луѓе што одлучиле да се забавуваат. На нашето прашање зошто се на отворено иако има активна препорака да не се престојува долго време надвор, младите велат дека мора да се живее и на загаден воздух.
– Коронавирусот долго време нѐ изолираше. Не можеме вечно да бидеме затворени дома. Ако не можеш против, приклучи сѐ – низ насмевка ни одговори младата Маја, која со своето друштво се забавуваше на вечерната забава.
Со сличен став беа и посетителите на градскиот плоштад. Велат дека сега се претпразнични денови кога децата најмногу сакаат да шетаат покрај украсената елка и да се сликаат со Дедо Мраз.
– Тоа е што е, не можеме да смениме ништо и затоа се адаптиравме на ситуацијата. Како што можете да видите сите носиме заштитни маски, со цел да го доживееме новогодишниот амбиент во Скопје – вели мајка на две малолетни деца.
Сепак, многумина се и разочарани од ситуацијата. Некои од граѓаните со деца што екипата на нашиот весник ги запраша, а кои се најдоа на отворено, велат дека излегле надвор само затоа што биле принудени.
– Не можам, а да не кажам дека сум разочарана. Ситуацијата е ваква со години, не е ова некоја нова состојба, па сите да се чудиме. Ние изминатите денови имавме екстремно загадување на воздухот. И што се презема од страна на надлежните? Баш ништо, освен неодамнешните препораки за седење дома, и тоа за одредена категорија граѓани, не за сите, иако толку високите концентрации на ПМ-честички се животозагрозувачки. Не можам да сфатам како никој ништо не презема од надлежните, иако и тие како и ние го дишат истиот воздух – вели Марина Соколова, жителка на скопски Аеродром.
За Павлина Стојановска, мајка на две малолетни деца под шестгодишна возраст, ова што се прави е еднакво на геноцид.
– Имам две мали деца што хронично кашлаат откако почнаа зимата и пониските температури. Однесени секаде на лекар, од педијатри, алерголози, пулмолози. Завршивме со кортикостероидна терапија што секојдневно мора да ја примаат. Докторката ни вели дека загадувањето има огромен удел во нивната состојба и ни препорача да не се движиме на отворено, а дома да користиме прочистувачи на воздух. Јас и сопругот не сме со големи плати. Со кои пари да купам прочистувач од 30-40 и повеќе илјади денари? Можеби најдобро ќе биде наместо субвенции за клима-уреди, велосипеди и други работи, да се субвенционираат прочистувачи на воздух и да може секое семејство да си купи за да се заштити од лошите ефекти од загадувањето – вели таа.