Новогодишно-божиќниот дух е празнување на животот. Тие денови се своевиден дисконтинуитет на објективната реалност во општественото живеење, кое се чини дека од година на година е сѐ повеќе политизирачки дефинирано. Но, како по обичај, на овие простори политиката целосно и индискретно се наметнува и во овие празнични мигови, па луѓето како да (не) се изненадени и кога таа ќе им го преземе, засени или украде дури и новогодишниот дух
Поради календарската разлика во славењето на Божиќ во Македонија со преостанатиот дел од светот што го прославува Рождеството Христово според грегоријанскиот календар, на 25 декември, значи пред Нова година, литерарно-метафоричното прашање за „кражба на божиќниот дух“ кај нас обично се трансформира во „новогодишен дух“. Но и во двата случаја, под тој божиќно-новогодишен дух обично се подразбира пораст на општествениот оптимизам, посакување пријателски и благородни желби на другите, (до)верба во зголемување на сопствените можности да се создаде подобар живот од тој што се живее во мигот или, едноставно кажано, позитивно размислување за среќна иднина и напредок. На општествен план, таквото расположение за подигнување на позитивниот дух вообичаено се манифестира со светкаво украсување на животниот простор, отворен и затворен, со украси прифатени како симбол на божиќно-новогодишното празнување. Всушност, новогодишно-божиќниот дух е празнување на животот. Тие денови се своевиден дисконтинуитет на објективната реалност во општественото живеење, кое се чини дека од година на година е сѐ повеќе политизирачки дефинирано. Општествата дозволија политиката целосно индискретно да им го крои секојдневието, па луѓето како да (не) се изненадени и кога таа ќе им го преземе, засени или украде дури и новогодишниот дух.
Годинава новогодишното украсување на главниот град на Македонија, Скопје, на некој начин во јавноста беше издигнато на политичко ниво и толкувано во контекст на политичките предизвици и битки што ги бие градоначалничката. И украсувањето, како и некаква новогодишна програма на плоштадите, како во Скопје, така и во повеќето други градови во Македонија, беше организирано речиси во последен момент, повторно како исполнување политичка програма. Но дека „обидите за кражба“ на новогодишниот дух не се македонски ексклузивитет сведочи и ситуацијата во главниот град на Црна Гора, Подгорица, каде што долго време се поигруваше со неизвесноста градот да остане без организирана новогодишна прослава и традиционални манифестации, поради политичка криза. Тамошниот градоначалник тврдеше дека градската управа не може да го организира тоа, бидејќи е во технички мандат. Во исто време, политичките противници го обвинуваат дека ги казнува граѓаните што гласале за промени на октомвриските избори… Како аргумент за политичко-економската манипулација со новогодишните празнувања често беше наведувано штедењето електрична енергија поради најавуваната енергетска криза, што се рефлектира, секако, и на економски план.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски, беше можеби првиот градоначалник во Македонија што одлучи да преземе „ризик“ и да ја одржи новогодишната традиција на светлечко украсување на градот, пронаоѓајќи решение што нема да биде на товар на граѓаните.
– Иако сум дел од политиката на локален план, свесен сум дека луѓето, граѓаните се уморни и преоптоварени од политиката, меѓупартиските спротивставености и како тоа влијае на нивниот секојдневен живот. За новогодишните празнувања граѓаните сакаат да се почувствуваат различно од борбата со секојдневните предизвици, да видат нешто што ќе влијае позитивно на нивното расположение. Кога се носи некоја одлука, потребни се волја и храброст за тоа, но политичарот треба одлуката да ја базира на тоа што сакаат и што им е потребно на граѓаните. Јасно беше искажано дека граѓаните на Крива Паланка се среќни и задоволни што градот е украсен, што ми укажува дека одлуката била правилна. Најдовме соодветно решение украсувањето да не биде на товар на граѓаните, што како менаџер на градот ми создава уште поголемо задоволство. Политизирањето со потребите и желбите на граѓаните не е добра политика и во локалната самоуправа не треба да се влегува во таа стапица. Во место како нашето, сограѓани сме со генерации, споделуваме живот одамна и тоа треба да остане така и во иднина. Политиката треба да биде начин да се овозможи подобар живот за сите во иднина – вели Сашо Митовски, градоначалникот на Крива Паланка.
Сепак, политиката сѐ повеќе станува сериозен предизвик за празнично-новогодишното расположение, што во секојдневието се поставува како еквивалент на надеж и верба во подобри времиња, иако сегашноста и реалноста не го ветуваат тоа.
– Бидејќи политиката кај нас е во сите пори на општественото функционирање и си поигрува со животот на луѓето како што сака, секако има доминантно влијание на нивното расположение, желби и планови, кои се неизбежна компонента на празничното новогодишно чувство. И бидејќи политиката е најголемиот виновник за инфлацијата, сиромаштијата, чувството за економска бесперспективност…, постојат доволно докази дека политиката може да биде прогласена за крадецот на новогодишниот дух. Иако украсите и светките не се сериозно ветување за исполнување на новогодишните желби, секако придонесуваат за некаква светкава празнична атмосфера. А годинава се чини дека за Нова година повеќе атмосфера има на Марс отколку во Скопје. Новогодишната атмосфера, или да ја наречеме празничен дух, повеќе е симбол на надежта. Недостигот или отсуството на тој празничен дух ја разголува и надежта, како утопија кога општеството им ги одзема можностите за развој на своите граѓани. Тоа секако не влева оптимизам, кој е толку потребен во кризни времиња, а на политиката во Македонија како да не ѝ е грижа за тоа – вели актерот, писател и политички аналитичар Сашо Тасевски.
Психологот Мирјана Стојановска-Јовановска, пак, не сака да го поврзува новогодишниот дух со надежта, туку како поттик за акција, за активно решавање на состојбите во кои политиката ги довела општеството и граѓаните.
– И покрај сите политички импликации што се накалемија на новогодишното празнување во Скопје и во Македонија, сепак забележувам дека граѓаните не се откажуваат од празничното расположение и празничниот дух. Луѓето си се организираат и си слават според своите можности и желби, само што градот (и политиката) не го следи тоа расположение. Не сакам да ги поврзувам празнувањето и новогодишниот дух со надеж. Надежта е пасивна форма на животот, кога сме пробале сѐ и ни останува да чекаме чудо. Секогаш постојат поактивни форми за носење одлуки. Политиката и политичарите настојуваат да ги доведат граѓаните во таа пасивна форма на живот, наместо да носат правилни одлуки. Тоа лесно им поаѓа од рака, кога ќе го убедат народот дека е сам виновен за тоа што му се случува и му се наметнува чувство на вина. Манипуалативно е тоа што им се наметнува одговорност на граѓаните од страна на политичарите за тоа што ги избрале. Но граѓаните немаат одговорност за тоа што политичарите носат одлуки спротивни на тоа што ветувале, односно што ги излажале граѓаните. Нам, во Македонија, во новата година не ни е потребна надеж, туку акција и наоѓање начин како да ги оствариме нашите човекови права! Не смееме веќе да дозволуваме политиката да функционира преку лажни ветувања, па ниту да го краде новогодишниот дух – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.