Младите математичари од Македонија, кои се закитија со медали на 63. Интернационална математичка олимпијада

И покрај сите тешкотии и премрежиња со кои се соочува државата, Македонија секогаш имала и има свои докажани чеда што ја враќаат надежта дека работите
може да се придвижат на подобро

ПРИМЕРИ ШТО ГИ ВРАЌААТ ВЕРБАТА И НАДЕЖТА ВО ПОДОБРО УТРЕ

Измина уште една тешка година во која Македонија се соочи со голем број предизвици. Општата апатија што завладеа во македонското општество, засилена со војната во Украина, која ги вивна цените до небо, длабоката поделеност внатре, широкораспространетата корупција се само дел од причините зошто секој граѓанин се буди и заспива со мислата дали ќе нѐ биде или не. Но, и покрај сите овие премрежиња, секако има и одредени блескави моменти што ја враќаат надежта дека оваа земја отсекогаш знаела да изнедри луѓе што со своето знаење, работа и посветеност можат да ги придвижат работите кон подобро.
А приказната дека можеме од Македонија да направиме поубаво место за живеење секогаш започнува од најмладите, од генерациите пред кои стои иднината на оваа земја.
Токму изминатата година македонската јавност имаше можност да се запознае со малиот Македон Димитровски од Тетово, детето што и во своето име ги носи македонското достоинство и гордост, идентетскиот код, за да покаже и докаже пред сите кои сме и колку можеме. Тој со само седум и пол години освои три златни медали на светски натпревари по математика, кревајќи ја буквално целата јавност на нозе. Малиот Македон е генијалец кому математиката му е толку лесна, што без никаков проблем решава задачи тешки и за возрасни математичари. Покрај тоа, има големи познавања од други области, говори и брои на неколку јазици, меѓу кои и на кинески. Неговиот коефициент на интелигенција во овој момент е 135, со прогноза да надмине и 150 и да биде во врвот на најпаметните луѓе во светот. Природата го надарила со ум, а задача на државата е да не го испушта овој исклучително вреден бисер, со чие знаење земјата може да оди само напред.
Математиката е наука што бара посебна надареност и логика, па, така, слични успеси како Македон нижат и други млади математичари од Македонија, кои освоија два сребрени и два бронзени медали, како и пофалници на 63. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2022). Никола Спировски, Дамјан Давков, Блаже Суклевски, Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ и Јасна Илиева се закитија со медали и пофалници. Сите тие во себе носат огромен интелектуален потенцијал, кој утре може да се искористи за општествени цели, што ќе значат напредок и развој на државата.
Секако, има и други сфери каде што сè повеќе доаѓа до израз интелектуалниот потенцијал што го поседува Македонија.

Во тој контекст не треба да ја заборавиме младата велешанка Ања Николова, првата Македонка што ги заврши магистерските студии за менаџмент за заштита на природната средина на престижниот американски универзитет „Јејл“. Оваа млада девојка, иако е постојано во движење и неизбежна гостинка на многу светски конференции за заштита на природната средина, несебично го става на располагање сиот свој интелектуален капацитет да ѝ помогне на својата земја како подобро да се подготви и справи со предизвиците што ги носат климатските промени, загадувањето на природната средина, да се креираат економии што би ја ослободиле земјата од пластика и слично. Таа веќе има сериозно портфолио зад себе, говорејќи на настани пред голем број светски политичари, влијателни личности и бизнисмени, кои со големо внимание ги следат нејзините говори и идеи за тоа како светот да стане поубаво место за живеење. И додека не запираат надворешните обиди за идентитетско обезличување на Македонците, кај нас има луѓе што со научни аргументи се спротивставуваат на овие трендови и ја докажуваат вистината што некој надвор не сака да ја чуе, вистината дека сме посебен народ, со свој јазик, историја и култура.
Генетичарот Димитар Џундев ѝ беше малку познат во македонската јавност, човек што студирал на повеќе елитни универзитети, сите рангирани во првите 100 најдобри универзитети во светот. На универзитетот „Шефилд“ во Велика Британија работел со дел од најдобрите научници во светот.
– Иако имав многу понуди да работам и творам во некоја од европските земји, со искрена надеж и амбиција да ѝ помогнам на мојата татковина во овие тешки историски времиња, јас одлучив да се вратам во Македонија. Затоа што тоа е моја должност и чувствувам дека Македонија ме повикува, како член на македонската интелигенција се чувствувам одговорно и повикано да направам сѐ што е во моја моќ да ѝ помогнам и да ја променам Македонија. Се вратив затоа што сакам овде, во Македонија, да изградам светски позната компанија, со која ќе се гордее секој Македонец – порача Џундев.
И не само на генетски план, тој борбата за македонизмот ја демонстрира и на правно поле, каде што низ лавиринтите на македонскиот судски систем се избори терминот „Македонија“ да остане во името на здружение во кое и самиот членува.
Во делот на уметноста треба да се спомене работата на познатиот македонски пијанист Симон Трпчески, кој покажа како вистински преку уметноста се сакаат и се промовираат сопствената земја и својот народ.

Проектот „Македонисимо“, што во превод значи „многу македонско“, ја рашири македонската песна низ светот. Фрагменти од „Македонисимо“ се емитуваа во авионите на германската авиокомпанија „Луфтханза“, па луѓе од целиот свет, на сите светски континенти, можеа да се запознаат со македонскиот ритам и мелодија. Трпчески неизмерно ја сака својата земја и тоа го покажува така што меѓу многубројните светски настапи, секогаш е тука за својот народ, да одржи бесплатни концерти и во најзафрлените места во државата, покажувајќи колку сите луѓе се важни и колку е важна меѓусебната сплотеност.
А таа сплотеност и хуманизам на свој начин ги демонстрира Борче Стаменов со иницијативата „Донирај компјутер“. Овој човек повеќе од шест години се занимава со граѓански активизам, во кој се вклучени 2.000 поединци, 50 компании-соработници, над 30 здруженија што соработуваат со него. Започна со донирање 20 половни компјутери на социјално загрозени семејства од Кавадарци, по што следуваше креирање фејсбук-страница, која стана главна комуникациска алатка како за тие што сакаат да донираат, така и за оние што сакаат да се пријават да добијат компјутер. Со неговиот ангажман, денес многу социјално загрозени лица го добија својот прв компјутер, а тоа особено дојде до израз за време на пандемијата, кога компјутерот беше главната алатка за онлајн наставата, а многу сиромашни семејства не можеа да си го дозволат.
Сите овие примери, но и редица други говорат дека во оваа земја има исклучителни луѓе што си ја сакаат својата земја и сакаат на свој начин да придонесат за нејзината иднина и за сите оние што живеат во неа.
Едно е сигурно, луѓе, знаење, потенцијал имаме, клучно е да го негуваме и да го зачуваме она што го имаме за да не го загубиме. Само така ќе ја изградиме европска Македонија како достојно и посакувано место за живење.