Фото: Игор Бансколиев

И оваа Нова година ќе немаме снег. Снежните врнежи стануваат сѐ поретки во Македонија, а според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, во наредниот период нѐ очекува претежно сончево време, со речиси пролетни температури, од над 18 степени, во одредени делови од државата. Како ваквите временски промени влијаат на расположението кај граѓаните?

КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ГО НАПРАВИЈА СВОЕТО

Новогодишните празници се пред нас и многумина ги интересира какво време нѐ очекува во следните празнични денови. Иако веќе навлеговме во зимата, времето на моменти изгледа како да е пролет, со максимални дневни температури што во одредени региони се искачуваат и над 18 Целзиусови степени. Во изминативе години снежните врнежи се сѐ поретки во Македонија, а според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, во наредниот период нѐ очекува претежно сончево време. Некои од предвидувањата за времето посочуваат дека снег може да очекуваме во февруари или во март. Сончевото време, како и недостигот од снежна покривка, во овој период од година е особено необично за постарите генерации, кои се навикнати на снег и ниски температури во декември или јануари. Од друга страна, помладите генерации немаат можност да се запознаат со снежната магија и да се рекреираат на планинските места во Македонија. Сончевото време во овој период од годината е резултат на климатските промени, но останува прашањето како сончевото време и недостигот од снег влијаат врз здравјето и расположението кај луѓето. Психолозите и стручните лица посочуваат дека сончевото време може позитивно да се одрази врз психичкото здравје кај луѓето. Но истражувањата покажуваат дека луѓето се природно посреќни за време на зимските одмори и новогодишните празници. Недостигот од снежна покривка, особено во пресрет на Нова година, кај некои луѓе, особено кај постарите генерации, го намалува новогодишниот празничен дух затоа што се навикнати на снежна покрива во овој период од годината. Убавината на снежните врнежи влијание врз човечката психа, поврзувајќи нѐ со нашето детство.

Без снег недостига зимската магија

Сончевото и релативно топло време од овој период од годината е особено необично за постарите граѓани, кои се навикнати на снег. Игор Јаневски, кој живее во општината Ѓорче Петров, вели дека сончевото време во декември кај него предизвикува нелагодност, затоа што има чувство дека нешто е погрешно. Според Јаневски, во овој период од годината треба да имаме снежна покривка, а улиците треба да бидат преполни со деца, кои ќе си играат на снегот или ќе се санкаат. Јаневски исто така посочува дека децата и помладите поради сончевото време не можат да се запознаат со зимските убавини и не можат да се рекреираат со зимските спортови, како што правела неговата генерација.
– Во минатото, кога бев помлад, во овој период од годината скијав во Маврово или на Попова Шапка. Нашата генерација можеше да се дружи или да ужива во снежните убавини на повисоките планински места. Денес децата и помладите ја немаат таа можност. Точно е дека снегот на скијачките патеки се замени со вештачки, но тоа е неприродно, ја нема зимската магија – вели Јаневски.

Како влијае времето на психичкото здравје

Експертите тврдат дека зимата може да предизвика депресија кај луѓето поради недостигот од сончева светлина и ниските температури. Во текот на зимата, особено кога врне снег, луѓето можат да почувствуваат немање енергија, што психолозите можат да го протолкуваат како знак на депресија поврзана со сезонското афективно нарушување (САН).
Во повеќето случаи, симптомите на САН се појавуваат доцна наесен или во рана зима, а исчезнуваат во текот на сончевите денови напролет и налето. Чести симптоми на САН да вклучуваат: чувство на безволност или тага, губење интерес за активности, ниска енергија, проблеми со премногу спиење, тешкотии со концентрирањето, чувство на безнадежност, безвредност итн.
Затоа психолозите и стручните лица посочуваат дека сончевото време може позитивно да се одрази врз психичкото здравје кај луѓето.
– Сепак, со оглед на тоа што зимските денови се пократки и со ограничена сончева светлина, нашите тела произведуваат помалку серотонин и повеќе мелатонин. Тоа значи дека невротрансмитерот поврзан со среќата е намален во зимските месеци, додека хемикалијата поврзана со депресија и сонливост е зголемена – вели м-р Адмир Косоврасти, психолог и психотерапевт.

Зимското сонце максимално да се искористи

Жаклина Костовска, која веќе шеесетина години живее во Скопје, вели дека има одбивност кон студеното време и со соочува со слаба циркулација во рацете и нозете. Од овој аспект, таа вели дека не се жали на сончевото време, но ѝ недостига снегот, затоа што без него е невозможен новогодишниот празничен дух. Таа во овој период од годината, времето во својот дом го поминува во новогодишно украсување, како и во подготовки за пречекот на Нова година со своите блиски и семејството.
– Меѓутоа, сончевото време во овој период од годината, особено пред пречекот на Нова година и другите празници, како да го уништува празничниот дух. Атмосферата не е како во минатите години. Снегот си го прави своето – вели Жаклина Костовска
Сепак, повеќето наши соговорници се согласуваат дека сончевото време во овој период од годината, колку и да е необично, треба да се искористи и луѓето да излезат од своите домови за да посетат некои од природните убавини.
– На тој начин не само што ќе заштедат електрична енергија туку ќе можат и да се дружат со своите блиски, да се опуштат и да се ослободат од психичката напнатост од секојдневието – вели м-р Адмир Косоврасти. Д.Ст.