Предложениот Буџет за 2023 година е во согласност со златното правило во јавните финансии – капиталните расходи се повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата на буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари, при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот, рече министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го дополнетиот предлог-буџет на Република Македонија за 2023 година на почетокот од денешната собраниска седница.
Предлог-буџетот за 2023 година, посочува министерот, е реален, ги лоцира приоритетите и алоцира соодветно средствата на граѓаните и фирмите. Во текот на 2023 година планирано е континуирано подобрување на системот за планирање на Буџетот, преку подобра контрола на трошоците и преземање на одредени предлог мерки на приходната и расходната страна.
– Вкупните приходи на Буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 282,1 милијарди денари и истите се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или 42,7 милијарди денари, појасни Бесими.
Проекциите за приходите на Буџетот за 2023 година се базираат на следните претпоставки – реализација на приходите во тековната 2022 година, очекувања за економскиот раст и подобрување на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи.
– За остварување на проекциите на приходите планирани се мерки и активности во насока на подобрување на постојната даночна регулатива; намалување на даночната евазија; воведување на напредни технологии; модернизација и автоматизација на работните процеси; зајакнување на капацитетите на институциите за прибирање на приходи; зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи; како и зајакнување на институционалната координација, наведе Бесими.
Вкупните даночни приходи, кои ги опфаќаат приходите по основ на данокот на добивка, данокот на личен доход, данокот на додадена вредност, акцизите, увозните давачки и другите даночни приходи и сопствените приходи на буџетските корисници, во Буџетот за 2023 година се проектирани во износ од 162,6 милијарди денари, што, како што рече, е за 13,6 отсто над износот на приходи планиран со Буџетот за 2022 година. Истите учествуваат со 17,7 проценти во БДП за 2023 година, што е приближно еднакво на учеството во претходната година.
– Најголем пораст е проектиран кај приходите од данокот на додадена вредност кои со Буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 78,5 милијарди денари, а што се должи на очекуваниот пораст на финалната потрошувачка и пролонгираните инфлаторни движења во економијата. Приходите по основ на данокот на додадена вредност учествуваат со 48,3 отсто во вкупните даночни приходи за 2023 година и со 8,5 проценти во БДП, изјави министерот.
Додаде дека вкупните расходи во Буџетот за 2023 година, се планирани во износ од 324,8 милијарди денари, или за 36,3 милијарди денари повисоки во однос на Буџетот за 2022 година.
– Проекциите на расходите на Буџетот за наредната година се подготвени врз основа на следните претпоставки – усогласеност на проекцијата на приходите со планираните движења во економијата, обезбедување на фискална консолидација, економско заздравување и забрзан раст, редовно и непречено извршување на сите законски обврски, континуитет во спроведување на дисциплинирана буџетска политика и зајакната контрола на јавните трошења, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции и иновативност на домашните компании и приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и друго, образложи Бесими.
Тековните расходи за 2023 година се планирани во износ од 276,1 милијарди денари или за 7,7 отсто повеќе во однос на 2022 година, се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор.
– Целта на предлог-уџетот за 2023 година е да помогне во ублажувањето на последиците од енергетската криза, да обезбеди непречено финансирање на евроатлантските интеграции, исполнување на НАТО стандардите, но и да постави основа за економско заздравување и да обезбеди забрзување на економскиот раст. Овој Предлог-буџетот е дизајниран за исполнување на определбата за фискална консолидација и обезбедување на фискална одржливост – додаде Бесими.
Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 48,8 милијарди денари или за околу 51,8 отсто повисоко во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Планираното ниво на капитални расходи за 2023 година учествува со 5,3 проценти од БДП.
Проектираниот дефицит за 2023 година во износ од 42,7 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 36,5 милијарди денари и домашен долг во износ од 15,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски во текот на дискусијата на пленарната седница истакна дека „овој предлог-буџет е историски највисок, нереален, надуен балон којшто е во прашање кога ќе експлодира“.
– Најголемиот буџет досега што во една реченица би се опишал како буџет за склучување на договори во четири очи – нагласи Стојановски.