Во Украина, луѓето се држат до нивните редовни рутини и ритуали најдобро што можат, што често може да изгледа надреално бидејќи обичното се судира со необичното
Дали почитувањето на секојдневните рутини е пркос и храброст?
Во време на конфликт важна е безбедноста. Луѓето во Украина се држат до нивните редовни рутини и ритуали најдобро што можат, што често може да изгледа надреално бидејќи обичното се судира со необичното. Кога во февруари беа истрелани почетните истрели на руската инвазија на Украина, со проектили што ги разнесоа двата главни аеродроми во Киев и некои други цели во главниот град на Украина, рано утрото граѓаните беа упатени кон градот за да го започнат својот работен ден. Во денешно време, дел од почитувањето на рутината е чин на пркос, но и решеност да не се даде ни педа. Дел од тоа е храброст. Меѓутоа, животот мора да продолжи.
Понекогаш Украинците ги слушаат предупредувањата за воздушни напади и бараат засолниште. Понекогаш не го прават тоа, без разлика дали тоа е од став за безгрижност или од едноумна одлука да не скршнат од курсот на секојдневието поради нешто толку здодевно како конфликт. Украинците, исто така, додаваат нови задолженија во нивните секојдневни рутини за да се справат со прекините на струја и водоснабдување. Кога има вода, на пример, тие внимаваат да ги наполнат кадите, за кога ќе ја снема, да можат да ја имаат на дофат за хигиенски потреби и општо за нормално функционирање.
Може да изгледа апокалиптично ноќе во Киев, кога уличните светла се исклучени и само неколку згради опремени со генератори нудат единствени точки на светлина. Жителите сè уште одат во ресторани и барови, но во многу намален број. И во ноќите по ракетните напади, улиците се морничаво празни и многу малку граѓани излегуваат надвор.
Како опстојуваат сопствениците на мали бизниси?
Јулија, 33-годишна сопственичка на мал вински бар „Винсанто“ во Киев, кој го купила само неколку месеци пред почетокот на конфликтот, е оптимистка. Таа вели дека иако се смета дека ништо нема да функционира, сепак граѓаните сè уште се трудат да биде нормално. Јулија ги отвора вратите на својот локал, без разлика на случувањата. Ноќта по ракетниот напад, таа седела и пиела вино со три девојки со кои пораснала во мало гратче во близината на Лустк во северозападна Украина. Обезбедувањето на странска стока е најголемата главоболка за трговците на мало, според Катја, една од девојките и сопственичка на таков бизнис. Таа вели дека откако трговците на мало ќе ги направат своите порачки, испораката може да потрае два месеца. Но во реалноста треба да се размисла во тримесечни циклуси, а потоа проблемот доаѓа со цените. Бидејќи украинската инфлација е околу 25 отсто, а европската во просек околу 10 отсто, нето-цените може да доведат до сериозни загуби.
Плаќањето за производите, исто така, е друг проблем. Во првите неколку месеци од конфликтот, странските продавачи сакаа претплата и не нудеа кредитни линии, а малите и средните претпријатија (МСП) беа ограничени на готовина. Сега, врвните брендови им дозволуваат на поголемите трговци на мало да платат неколку недели по нарачката и понекогаш и до еден месец, но бизнисите сè уште се соочуваат со притисок.
Владина поддршка за бизнисите
Сепак, Владата се обидува да помогне. Малите и средните претпријатија сочинуваа 60 отсто од економијата пред инвазијата, а Јулија Свириденко, првата заменик-премиерка и министерка за економија на Украина, рече дека Владата направила многу и ќе направи повеќе за да се обиде да ги подобри тешкотиите. Таа изјави дека по иницијатива на претседателот, документацијата била поедноставена, регулативите биле олеснети, а некои даноци биле укинати за индивидуалните претприемачи. За бизнисите што не можат да платат поради конфликтот, даноците се одложени, а бирократијата, исто така, е скратена. Наместо обемот на документи потребни за дозволи и лиценци, сега е доволна едноставна самопотврда.
Владата им помага на малите бизниси да имаат пристап до финансии во партнерство и со банките во земјата, нудејќи заеми со каматни стапки под пазарните. Претходно оваа година, Владата претстави грантови за микрофинансирање до 170 евра за основање мали бизниси. Свириденко порача дека клучен услов бил бизнисот да вработи најмалку двајца работници. Досега се примени 10.000 апликации, а 2.000 од нив се одобрени од банките во партнерство со Владата.
Силен дигитален сектор
Има и некои други светли точки во оваа економија, која е намалена за 35 отсто оваа година, при што високо ценетиот и претприемачки ИТ-сектор во Украина е на пат да забележи изненадувачка стапка на раст од 13 отсто. Дигиталната отпорност на земјата е неверојатна од самиот почеток. Дури и со ракетните напади и војната што беснее на истокот и на југот од земјата, електронската трговија се одвива речиси без прекини. Во повеќето воени зони, готовината е највредна и потребни се голем куп долари или евра за функционирање, но овде, кредитните и контактните картички, услугата на „Епл пеј“ и другите мобилни услуги за плаќање продолжуваат да работат. Еден супермаркет дури и воведе систем за самонаплата среде конфликт.
Во меѓувреме, Владата, исто така, продолжи со својата прединвазиска визија за дигитална држава, со дигитализацијата на административните услуги, нудејќи низа портали за електронска идентификација и притоа процесот брзо се развива. Водечката дигитална програма се нарекува „Дија“, што е кратенка од „државата и јас“. Лансиран пред конфликтот, повеќе од една третина од населението сега се регистрираше на порталот што претставува едношалтерски систем за низа јавни услуги и паричник за дигитални верзии на официјални документи. „Дија“ се покажа како непроценлива за време на конфликтот. Владата го користи системот за да плаќа социјални бенефиции за оние што живеат директно на првите линии од конфликтот или се во градовите и во селата опколени од Русија.