Блокадите на патиштата што почнаа на 10 декември во општините на северот на Косово се присутни и денес

Вниманието на балканската, но и на пошироката меѓународна јавност веќе извесен период е насочено кон Косово. Во Косово тлее безбедносно жариште и полека, но сигурно се развива во посериозен безбедносно-политички конфликт, што е неопходно да се мониторира и од страна на меѓународната заедница и од интернационалните сили што се распоредени на територијата на Косово, заради справување со можна ескалација. Што точно се случува таму, какви се перспективите за развој кон потежок локален конфликт и колкава е веројатноста тој да се прелее во Македонија?

Неколку клучни аспекти од актуелната ситуација во Косово и колкава е веројатноста да се прелее кризата во Македонија

Од 10 декември, локалните Срби подигнаа неколку барикади во општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток на северот на Косово и блокираа неколку патишта. Блокадите се присутни и денес. И претходните денови беа забележани голем број инциденти во регионот, а косовската полиција го зголеми присуството поради тензиите што се јавија по апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Токму неговото апсење ги предизвика Србите да ги блокираат патиштата во знак на протест. Реакција на другата страна беше доаѓањето на косовската полиција во регионот околу Косовска Митровица. Тоа, пак, дополнително ги вознемири граѓаните од српска националност. Граничните премини Брњак и Јариње се затворени и преку нив не може да се помине ниту со возила ниту пеш.
Во едночасовно обраќање до јавноста, српскиот претседател Александар Вучиќ најави нова правна борба за поставување војска во северниот дел на Косово со барање за дозвола од КФОР. Услов за деескалација на ситуацијата во Косово е формирање заедница на српски општини, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој во телефонскиот разговор со потпретседателот на италијанската влада и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, истакнал дека за да се зачуваат мирот и стабилноста, како и за враќање на Србите во институциите во Приштина, „потребно е да се исполни еден мал и едноставен услов, а тоа е почитување на Бриселскиот договор“, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
– Тоа значи дека треба да се формира заедницата на српските општини, на што Приштина се обврза со потпишувањето пред речиси десет години, а сѐ друго е производ на едностраните одлуки и потези на Приштина – изјавил Вучиќ во разговорот со Тајани.

Меѓународната заедница повикува на договор

Ваквата тензична ситуација ги предизвика претставниците на меѓународната заедница да се активираат до максимум на релацијата Белград – Приштина, во обид да се најде мирољубиво решение. Во Приштина пристигна специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, кој имаше состанок со косовскиот премиер Албин Курти, по што изјави дека е најдобро барикадите на северот на Косово да се отстранат со политички договор.
Во решавање на ситуацијата е вклучен и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, кој изјави дека на состанокот со Курти навел дека очекува да се работи на имплементација на договорот за формирање заедница на српски општини. Во врска со изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Белград денеска ќе побара од мисијата КФОР одобрение за враќање на српските сили во Косово, Ескобар за Радио Слободна Европа изјави дека САД „категорично ја отфрлаат таквата можност“.
– Ние воопшто не го поддржуваме тоа. Исто така, ќе нагласам, Косово има силни безбедносни гаранции од САД, кои се манифестираат со учество во КФОР – рече Ескобар на вториот ден од неговата посета на Приштина.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Алијансата внимателно ја следи ситуацијата на северот на Косово. Тој додаде дека КФОР има клучна улога во стабилизирањето на ситуацијата.
– НАТО е многу фокусирано на Косово, на Западен Балкан. Имаме долга историја, помогнавме да се запрат две етнички војни. Прво во Босна и Херцеговина, а подоцна и во Косово. Се разбира, ние сѐ уште сме присутни таму, силите на КФОР опфаќаат повеќе од 4.000 војници и играат клучна улога во стабилизирањето на ситуацијата. Нашите сили се способни и подготвени. Тие ја следат ситуацијата многу внимателно – рече тој.
Како што додаде, НАТО и ЕУ тесно соработуваат. Столтенберг повика на намалување на тензиите.
– Мојата порака до двете страни е да се воздржат од понатамошна ескалација и провокативна реторика. Ги повикувам да ги намалат тензиите во Косово – рече Столтенберг.

Што вели Резолуцијата 1244?

По претседателот Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ изјави дека Србија е блиску до донесување одлука да побара враќање на илјада војници во Косово според Резолуцијата 1244. Во своите изјави, официјален Белград се повикува на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, па тоа го актуализираше уште еднаш овој документ.
Резолуцијата 1244 беше усвоена на 10 јуни 1999 година од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации. Со неа беше одобрено меѓународното, воено и цивилно присуство во тогашна СР Југославија, формирањето на Привремената административна мисија на ОН во Косово (УНМИК), а Косово беше ставено под мандат на ОН. Во Резолуцијата 1244, на која се повикува Белград, се наведува дека на договорениот број југословенски и српски персонал ќе им биде дозволено да се вратат и да вршат одредени функции. Потоа детално се наведува кои се тие функции – поврзување со меѓународната цивилна мисија и меѓународно-безбедносно присуство, расчистување мински полиња, одржување присуство на местата на српското културно наследство и на главните гранични премини.
Српската полиција и југословенската војска се повлекоа од Косово во летото 1999 година по потпишувањето на Кумановскиот договор, со кој заврши бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија. Оттогаш, КФОР, мировната мисија на НАТО, е распореден во Косово.

Д-Р ЈАНЕВ: СРБИТЕ ТРЕБА ДА ЈА РАСКИНАТ КУМАНОВСКАТА СПОГОДБА

Во врска со ова прашање, се консултиравме со универзитетскиот професор Игор Јанев, меѓународен експерт по меѓународно право, од Белград. Неговото мислење е дека српската влада може еднострано да го раскине Кумановскиот договор, ако сака да реализира враќање на српските безбедносни сили во Косово, а од формален меѓународноправен аспект, тоа да биде чист, легален потег.
– Со цел да ги спречи прогонот и страдањето на српското население во Косово, кое, како што тврдат српските власти, се подготвува веќе подолг период, Белград планира денеска да упати официјално барање до КФОР да овозможи влез на 1.000 војници од Србија во Косово, како што формално е предвидено со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН. Анекс 2. (т.е. „Договорот од Куманово“ (1999)) од оваа резолуција на Советот за безбедност (со која инаку се потврдува „суверенитетот“ на Србија) лимитира присуство на српските безбедносни сили во Косово, така што тие сили не можат да влезат без одобрение на КФОР. Овој договор е основен правен инструмент со кој на Србија ѝ е забрането да интервенира на територијата на Косово.
Јас оваа година понудив решение за српската опција за „влез на српската армија во Косово и Метохија“, која е објавена во повеќе светски списанија со импакт-фактор, вклучувајќи и во САД. Анализирајќи го Договорот од Куманово (1999), кој ѝ ги врзува рацете на Србија (во поглед на воената интервенција), најпрво заклучив дека договорот е направен во 1999 г. под изнуда и притисок, бидејќи да не го потпишаа Србите, НАТО-интервенцијата немаше да запре. Таквите договори склучени под притисок, изнуда и закана од војна (интервенција) правно се ништовни и раскинливи, според членот 52. од Виенската конвенција за договорното право од 1969 г.
Второ, доколку таков договор, кој е анекс 2 од спомената Резолуцијата 1244 на СБ на ОН, се раскине еднострано од српска страна (со дипломатско раскинувачко писмо), со тој дипломатски чекор не се поништува самиот основен текст од резолуцијата. Таа останува во сила.
Имено, сѐ што треба да направи Србија е да го раскине Кумановскиот договор и потоа следниот ден може да ги прати своите безбедносни сили во Косово, без наведените ограничувања. Во практика, според Бриселскиот договор, во кој е предвидено дека има најширока административна автономија на северот на Косово (заедница на српски општини – ЗСО), веројатно е дека српската воена интервенција, по раскинување на Кумановскиот договор, би била лимитирана само на овој дел од Косово. Кога се работи за одговор на НАТО и на земјите од Западот, тие не би можеле веднаш да реагираат на новата ситуација (според нив, опишана како „поништена капитулација“), туку би морале за своето воено интервенирање да побараат донесување нова резолуција на Советот за безбедност на ООН, со која би се овозможило ваквото воено интервенирање против Србија – вели професорот Јанев.
Во врска со евентуалниот негативен одговор, односно ако КФОР не го прифати барањето за враќање на српските сили во Косово, Јанев има соодветно толкување.
– Во таков случај, поради неисполнување на обврските од Кумановскиот договор, Србија треба да го раскине еднострано овој воено-технички договор. Ова се прави со раскинувачка нота до друга страна – договорничка. Овој потег ќе им овозможи на Србите враќање на српската армија и на полицијата во Косово. Едноставно кажано, за Србите, „лекот“ за екстремната состојба е раскинување на Договорот од Куманово, бидејќи овој акт е основниот документ што им ги врзува рацете на Србија и српската армија.
Овде треба да се нагласи уште еден битен момент. Имено, Резолуцијата 1244 на СБ на ООН, освен меѓународните сили, не предвидува присуство на други воени сили во Косово, како што се на пример постојните Безбедносни сили на Косово. Ако Резолуцијата 1244 е повредена во безбедносниот сегмент и постои реална закана за српското население, тогаш за Србија постои и егзистенцијалната потреба од раскинувањето на Договорот на Куманово. Истиот договор е раскинлив и доколку се кршат нормите на јус когенс, односно повикувајќи се на членот 53 (императивното право) од Виенската конвенција за договорното право (1969), т.е. нормите што се поврзани со основните човекови права, особено геноцидот во обид, егзодусот со цел етничкото чистење – заклучува Јанев.


Вучиќ понуди шест документи

Српскиот претседател Александар Вучиќ на својот инстаграм-профил се огласи во врска со апликацијата за членство на Косово во ЕУ.
– Почитувани граѓани на Србија, веќе знаете дека ги замолив нашите западни партнери да ми кажат кој од петте важни документи сакаат да го почитуваат: Кумановскиот договор, Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244, Бриселскиот или Вашингтонскиот договор. Дојдовме до шестиот, многу важен документ на ЕУ, од 2003 година, познатиот Солунски документ за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. И токму во светло на поднесувањето на апликацијата за членство во ЕУ, на т.н. Косово, моето прашање е дали ќе ги почитуваат документите што сами ги донеле, па и историските од Солун, бидејќи точката 5 од Солунскиот документ вели дека целосно ја поддржува имплементацијата на Резолуцијата 1244, односно кој од овие шест документи сакате да ги почитувате и ние апсолутно ќе се согласиме – праша српскиот претседател Александар Вучиќ.


Нацев: Нема посериозни безбедносни закани за Македонија

Аналитичарот доц. д-р Александар Нацев вели дека засега нема посериозни безбедносни закани за нашата земја по најновиот развој на настаните во Косово.
– Заострувањето на и онака веќе тензичната ситуација во Косово треба внимателно да се следи од страна на нашите безбедносни органи. Се работи за сериозна ситуација, која мора да се мониторира и од страна на меѓународната заедница и интернационалните сили што се распоредени на територијата на Косово, а верувам дека тоа е нешто што сигурно се прави, а веројатно дополнително се работи и на прибирање информации и заднински подготовки за справување со можна ескалација. Во моментов не гледам сè уште сериозна закана од прелевање на овие комплексни состојби на македонска територија, но повторувам дека нашиот безбедносен систем треба да биде максимално буден и добро информиран за понатамошните случувања – вели Нацев.