Откупна награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“
Не можев веќе да издржам. Беше лето, училиштен распуст, розите во полн цвет, вишните, речиси зрели, мамат. Требаше да бидам надвор, да си играм „домаќинки и гости“ со другарките, или да го усовршувам возењето велосипед или да правам нешто еднакво важно. Но – како животот да ми зависеше од тоа – јас бев залепена за малиот црно-бел телевизор во најтесната собичка во нашиот дом, онаа што отсекогаш ја знаев како „соба на татко ми“, иако јас поминував подолго време во неа од татко ми и моето биро со зелена ламинирана површина зафаќаше барем четвртина од нејзиниот простор. (Четири години подоцна, по смртта на татко ми, собичката стана ексклузивно моја, но во тој новодобиен статус на нејзин сопственик, немаше радост.)
Таа седмица брат ми, 16 години постар од мене, луд по сè што на кој било начин е поврзано со науката и вљубен во целиот универзум, до последната негова неоткриена ѕвезда и зрнце вселенска прашина, ја окупира собата без никаква борба. Инвазијата мора да се случила во текот на ноќта, додека сум спиела, зашто инаку ќе дадев отпор со сите расположливи средства, вклучувајќи го тука и маневарот што беше мој заштитен знак: удирање клоца во задник.
Таксират! Кога се разбудив, моето биро беше прекриено со весници, а подот потонат под нивото на морето, притиснат од товарот на книгите на руски, германски и српско-хрватски јазик, на теми за кои ама баш ништо не знаев. Откако паметам, нашиот дом беше исполнет со книги, повеќето на брат ми. Книги пристигнуваа дневно: во актовката на брат ми, по пошта, во рацете на пријатели штотуку вратени од некаде каде што виреат само дебели книги. Штом еднаш се вселеа кај нас, книгите имаа обичај да се појавуваат ненадејно на неочекувани и понекогаш незгодни места: во оставата, под перница, во орманчето за чевли, врз клозетското казанче, под некоја од нашите мачки… Мајка ми само одмавнуваше со главата, но литературата знае да биде тврдоглава и книгите продолжија да се појавуваат насекаде. Особено во последните десетина дена.
Речиси во исто време, брат ми беше опседнат од исклучително здодевен вид на демони, кои го тераа да зборува непрекинато, да прави десетици скици, да ни покажува и објаснува формули неразбирливи за нашите збунети мозоци. Го нервираше мојата неинформираност, но најмногу од сè го ужаснуваше моето незнаење, манифестирано низ празни погледи и пелтечливи одговори на неговите прашања за материјалот кој штотуку ми го објаснил. Како и нашата мајка, брат ми беше убеден дека од моментот кога некој ќе прозборува – во мојот случај на осуммесечна возраст – мора да се почне со сериозно образование. Тој беше одговорен за развивање на моите математички способности и пренесување знаења од природните науки и филозофијата. Мајка ми, пак, презеде на себе да ме воведе во литературата, музиката, уметностите и калиграфијата. За рамнотежа, единствениот императив на татко ми беше да ме заштити од каква било непријатност, што практично значеше дека никој не смее да упати кон мене ниту збор ниту гест што би можел да се протолкува како неодобрување, па нека е и најблаго. Бидејќи беше на работа по цел ден, не можеше постојано да патролира и да ги прекорува другите за нивното однесување кон неговата принцеза, па затоа секоја вечер ќе ме прашаше дали некој со нешто ме вознемирил во текот на денот. За волја на вистината, јас бев тивко и чувствително дете, што лесно се вознемируваше од многу нешта, но никогаш не му се жалев на татко ми. Беше полесно сама да се справам со „проблемите“ одошто да го гледам како се измачува поради страшните неправди што ми биле нанесени.
Но да не застранувам.
Беше тоа, по сите мерила, чудна седмица. Радиото беше пуштено по цел ден и не ми беше дозволено да зборувам додека вестите беа во тек. Татко ми престана да носи документи со сметки од работа, мајка ми беше позамислена од вообичаено, а демоните никако да ја олабават стегата врз брат ми. Тие тројцата, како маѓепсани, ќе се собереа пред 35-сантиметарското телевизорче и ќе го голтаа секој збор од вестите. Јас не морав да слушам многу внимателно, бидејќи брат ми и онака ќе ми објаснеше, по што мајка ми ќе го преведеше неговото објаснување на разбирлив јазик. Ноќе ќе се качев на каучот во дневната соба и ќе ѕурев низ прозорецот во небото, сè додека мајка ми не помодреше од викање дека ми е време за спиење. На екранот видов како полетува ракета и, иако брат ми рече дека е тоа невозможно, се надевав дека ќе успеам да ја видам над крошните на вишните во дворот. Попусто. Само Месечината висеше од гранка, токму како мајка ми да исекла резен од пита кашкавал од Шара. Сеедно колку ќе пресечеш од неа, секој месец се обновуваше во цела пита. На големо олеснување на брат ми, јас веќе знаев дека Месечината не е кашкавал, но поетското влијание на мајка ми врз мене беше неоспорно.
И така, пристигна неделата и атмосферата дома стана опипливо наелектризирана. Го избегнував брат ми на секој можен начин, oд страв oд електричен удар. Тој беше како топка плазма (ништо чудно – Никола Тесла му беше идол); трескавично чекореше од соба во соба, забрзуваше за потоа ненадејно да застане за да препрочита некој напис или да ги слушне најновите вести на радио.
Спасението пристигна таа ноќ во форма на џиновски скок за човештвото и уште поголем за мене. Ноќта на 20 јули 1969 ја пречекав Месечината во нашиот дом и во мојот живот. Таа веќе не беше само жолчка на небото, туку дел од нас. Се почувствував важно, како и јас да сум летала со ракета, дури ми се чинеше дека можам да ја видам нашата куќарка некаде од многу високо. Светот стана посветол и поголем, но неговата застрашувачка огромност беше некако поподатлива. Но, најважно, првпат во мојот живот почнав да го разбирам брат ми.
Емилија Тодорова