Фото: Игор Бансколиев

Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој

Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (2)

Скопје е пример на град каде што е присутна нееднаква распределба на социјалната и комуналната инфраструктура, опременоста на населбите со неопходната инфраструктура, маргинализација на некои од социјалните групи, но и други феномени што упатуваат на состојби на поделен град во однос на социјалната и етничката припадност

На периферијата на градот никнаа голем број бесправно изградени населби, во кои се смести значителен дел од вкупното население што се доселува. Тоа е карактеристика на сите земји што поинтензивно тргнаа во процесот на урбанизација. Македонија во тој поглед не е исклучок и реално го потврдува тоа правило, a градот Скопје е типичен пример за урбанизација од таков тип.
Имено, станува збор за хиперурбанизација, коja се манифестира со масовно преселување на десетици и стотици илјади рурални мигранти во градовите, во кои владеат непогодни услови за живеење, понекогаш и без елементарна опрема, вода, струја, здравствена заштита. Во нив се формираат живеалишта што се резултат на една несоодветна економија што е карактеристична не само за градот туку и за целокупното општество. Порастот на градот најчесто е пренагласен и во никој случај не кореспондира со развојот на економијата, која резултира со несоодветна урбанизација.
Кога говориме за Скопје, во изминатиот половина век, до израз дојде сѐ што е карактеристика на тој тип на урбанизација, карактеристичен за недоволно развиена земја. Тоа впрочем го покажуваат и статистичките податоци за демографскиот пораст на градот во поземјотресниот период. Приливот на селското население е детерминиран и од процесите на пауперизација. На периферијата на поголемите градови, Скопје е пример за тоа, се формираа десетици приградски населби, кои личат на градови од неразвиените земји, познати како сламови, нехигиенски населби, фавели и слично. Трансформацијата на овие населби е процес што упатува на сложеноста на урбанизацијата во насока на подобрување на квалитетот на животот. Кај нас овие населби се нарекуваа со различни имиња, меѓу кои најчесто се употребуваат имињата „нехигиенски населби, диво изградени населби, сламови“ и слично. За жал, Скопје се најде во оваа група на градови што генерираат тешки последици во нивниот развој и се товар за заедницата во целина, за негово нормално функционирање се потребни огромни средства.
Најголем дел од приградската зона на Скопје е формиран во првите две децении по земјотресот (1963 год.), а последните две децении продолжува со интервенции, доградби, надградби и слични интервенции, кои доведуваат до понатамошно влошување на состојбата на урбанистички план, инфраструктурата, колективната опрема, слободните простори и слично. Потребни се сериозни плански интервенции за да се подобри квалитетот на животот.

Овие квартови (кои се распослани речиси во сите делови од градот) се сублимација на сѐ што со себе ја носи нееднаквоста во сите сфери од животот на човекот, на социјален, економски и културен план. Тие претставуваат најкарактеристичен израз на општествените противречности, присутни се во сите периоди од развојот на градот. Тие се производ на општествено-економските услови, на поделеноста на општеството на класи и на нерамномерната распределба на урбаните придобивки, но и на отсуство на плански пристап и рационална контрола на процесите на урбанизација.
Истражувањето на „сиромашните квартови“ во големите градови покажува дека тие стануваат неподносливи за живот тогаш кога се претвораат во средина на „култура на сиромаштијата“ и преминуваат во погодно тло за криминал, порок, и кога формираат луѓе изгубени за себе и за општеството.
Големиот прилив на население во градот создаде расчекор меѓу демографските, од една страна, и просторно-физичките и функционалните компоненти на урбанизацијата, од друга страна. Кај нормалниот тип на урбанизација е присутна релативна согласност меѓу основните компоненти, а кај хиперурбанизацијата, која е карактеристична за Скопје, присутни се дисхармонија и нерационалност.
Скопје е типичен пример на хиперурбанизирана урбана средина, со видливи последици во негативна смисла, кои главно се одразуваат во квалитетот на животот, особено кај сиромашните слоеви, кои се речиси една третина од вкупниот број на жители на градот.
Последиците од овој тип урбанизација се видливи во просторот на градот, пред сѐ, се формираа два спротивставени пола на развојот: центар и периферија. Центарот како средиште, каде што се сконцентрирани речиси сите материјални и културни вредности на градот и регионот, и периферијата како деградиран простор. И во тој поглед Скопје го потврдува правилото на строгата поделеност.
Фактот што само во неколку најголеми градови (вклучувајќи го и Скопје) се сконцентрирани над 80 отсто од сите производствени капацитети, недвосмислено ја потенцира ирационалноста на концептот на урбанизацијата, која објективно создава услови за интензивни миграции од неразвиените региони и селски средини кон неколку градски центри, во нашиот случај кон Скопје.

За процесите на урбанизацијата е карактеристично и тоа што отсуствуваат т.н. преодни форми на населби меѓу градот и селото. Во суштина се формираат два јасно формирани типа, село и град, односно еден голем град, кој апсорбира 40 отсто од градското население и четвртина од вкупното население, и неколку градови со средна големина. Во таа смисла можеме да говориме за Скопје и остатокот на Република Северна Македонија (Скопје и македонската пустина). Преодните форми меѓу градот и селото т.н. „рурални гратчиња“ или „урбани села“ или „центри на заедници на села“ изостанаа во плановите на општествено-економскиот развој, што негативно се одрази врз целокупниот развој на општеството. Интензивниот процес на деаграризација, во услови на делумно или потполно запоставување на изградбата на неопходната инфраструктура на селото, само го поттикнува механичкиот прилив во градовите. За жал, процесот на концентрација продолжи и по 1990-тите години, во периодот на транзиција, и не само кон Скопје туку и кон неколку поголеми градови.
Планирањето на развојот на Скопје треба да ја согледа потребата од позначајни интервенции на периферните делови од градот и оние делови каде што може реално да се насочи понатамошниот развој на градот, во насока на станбена изградба и дислокација на некои функции што се лоцирани во централното подрачје.

Илија Ацески

(продолжува)