Фото: Игор Бансколиев

Секако, против природата не можеме ништо, меѓутоа секогаш може да се преземе нешто дополнително против оние што намерно ја затнуваат атмосферската канализација. Речиси секое маало во Скопје има жители што ги метат сувите лисја од пред своите врати и ги туркаат кон атмосферската канализација, со што самите си ги предизвикуваат проблемите

Затнатата атмосферска канализација ни прави реки низ улиците и чепови во сливниците и шахтите

Есенската сага продолжува низ скопските улици. Паднатите лисја сѐ уште се најголемиот проблем периодов, особено со новонајавените интензивни врнежи од дожд, за кои некои метеоролози дури предупредија дека може да бидат интензивни и да предизвикаат поплавувања. Токму оттука почнуваат и голготите. Затрупаната атмосферска канализација повторно е најчестата слика што може да види низ скопските улици, како потсетник за тоа што сѐ би можело да ни се случи.

ЗАТНАТА АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА

Старо-новите проблеми во македонската метропола никако да заминат во историјата. Се нижат само броевите, меѓутоа секоја година приказната е иста. Во есенските денови, проследени со големи врнежи од дожд, најголем проблем се паднатите лисја на улиците, а особено затрупаната атмосферска канализација.
Секако, против природата не можеме ништо, меѓутоа секогаш може да се преземе нешто дополнително против оние што намерно ја затнуваат атмосферската канализација. Речиси секое маало во Скопје има жители што метат сувите лисја од пред своите врати и ги туркаат кон атмосферската канализација, со што самите си ги предизвикуваат проблемите.
А, секако, кога ќе дојде до поголеми проблеми, токму тие се првите што реагираат и бараат одговорност од надлежните.
И нашите соговорници го потврдуваат тоа. Велат дека старо-новата вештина, насловена „натрупај лисја над канализацијата колку можеш повеќе, за да не е твој проблем“, никако да се искорени.
– Живеам во Железара. Оној што бил кај нас знае дека кај нас има многу листопадни дрвја. Многумина од соседите се вистински соработници со комуналното општинско претпријатие и сами си ги метат лисјата пред врата. Ги собираат на купчиња, а вработените во претпријатието само поминуваат и ги собираат и покрај тоа што ги метат преостанатите. Но имаме и такви што си прават купови баш над сливниците и над атмосферската канализација, која, за жал, потоа мора некој да ја одзатнува за да има капацитет и да ја реализира својата функција. Во неколку наврати реагирав, бидејќи ги знам соседите, меѓутоа велат дека не им е воопшто грижа, тоа не се нивни лисја и немаат тие никаква обврска со тоа – вели Сашо, жител на Железара.
Ништо подобро не е ниту во другите скопски населби. Оние што живеат на повисоко велат дури дека токму поради таквото однесување на поединци, низ улиците течат реки надолу, кон пониските населени места.
– Кај нас во Радишани има многу зеленило и токму овој период некои од луѓето целиот отпад од паднатите лисја само го туркаат кон канализацијата. Кога ќе заврне, наместо водата да влезе во атмосферската канализација, таа си тече како река надолу, кон Бутел, па малку да има некоја „дупка“ целата се полни со вода – вели Верче Манева, жителка на Радишани.

И ОД ВОДОВОД ПОТВРДУВААТ И АПЕЛИРААТ, НО И НЕГОДУВААТ КОН НЕОДГОВОРНИТЕ ГРАЃАНИ

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ потврдуваат дека со зголемувањето на количеството на паднатите лисја од дрвјата се зголемуваат и нивните проблеми со затнати сливници и решетки на атмосферската канализација.
– Во овој период, и покрај зголемените напори на нашите вработени, секој поголем дожд, кој обично е проследен и со ветар, предизвикува непријатности во сообраќајот и кај граѓаните поради неможноста на атмосферската канализација да ја прими надојдената дождовница. Екипите на ЈП „Водовод и канализација “ – Скопје редовно и во континуитет се на терен за проверка и расчистување на сливниците и шахтите, за нормална функционалност на атмосферската канализација – велат од водоводното претпријатие.
Оттаму додаваат дека, во согласност со временските услови и најавите за временската прогноза, се спроведуваат дополнителни, вонредни акции за проверка на сливниците и шахтите, повторно за нормална функционалност на атмосферската канализација на целата територија на градот Скопје.
– Апелираме и до граѓаните, насобраните лисја да не ги туркаат кон сливниците, туку да ги одложуваат на соодветно место, па дури и да ги користат за правење природно ѓубриво (компост) – потенцираат оттаму.