„Косово добива признавање според меѓународното право, односно ќе добие и членство во Советот на Европа“, што за многумина е еднакво на прием во Обединетите нации. Ова е суштината на најновата верзија на француско-германскиот предлог за решение на косовското прашање
Македонија имаше француско-бугарски предлог, Србија сега има француско-германски
Дипломатски кругови во Белград брифираат дека се повторува сценариото за спорот Македонија -Бугарија, се пресликува на спорот Србија – Косово, имено дека Франција силно притисна со свои предлог-решенија и кон меѓународната заедница и кон Македонија, а сега и кон Србија, наметнувајќи решение што е далеку од балансирано, кое е асиметрично и кое е од исклучителна корист на едната страна. Со францускиот предлог се занемарени и меѓународното право и јус когенс, а и резолуциите на ООН, во последниот случај со Србија и Резолуцијата 1244. Според дипломатски извори, работата се чини и овој пат е пред завршен чин.
Дека предлогот во најголема мера е скроен по желба на Косово зборува и податокот дека за возврат Србија ја добива Заедницата на српските општини (ЗСО). Практично, Србија е губитник, бидејќи Заедницата требаше да се формира многу поодамна, но досега се наоѓаа неброени пречки за реализација на договорот. Овој пат е одбран вистинскиот момент за да се реализира ЗСО, но за возврат добивката на Косово е несразмерно поголема и само зборува за несразмерниот однос кон двете страни во спорот од страна на предлагачите на ваквото решение за надминување на горливото прашање.
Гледано од страна, но и од аспект на земја што веќе имала искуство со предлог што доаѓа од Франција, дефинитивно се потврдуваат сознанијата дека Франција сака да се наметне на Балканот како фактор што има големо влијание во решавањето на спорните прашања.
Интересно е да се види дека и во случајов со Косово, повторно медиумите користат извори од неименувани дипломатски кругови. Пренесено на поразбирлив јазик, вакви вести вообичаено доаѓаат со забелешка „дипломатски кругови“, кога одредени дипломати брифираат група новинари одбрани токму преку нив да биде пласирана веста како пробен балон, а потоа внимателно се наслушнуваат реакциите на јавноста и се анализираат внимателно, за да се повлече конечниот потег. Така што, и споменатиот предлог ниту е случаен ниту е плод на нечија фантазија, туку дипломатите ги користат вообичаените канали на комуникација со јавноста за ситуации кога сакаат да влијаат на некои крупни одлуки.
Последнава верзија е само уште една во низата
Внимателните проследувачи на состојбите во регионов ќе забележат дека во последните неколку месеци под ознаката „доверливо“ се појавија неколку верзии на овој француско-германски предлог за конечно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Содржината остана недостапна за јавноста, освен информацијата од лидерите на Европската Унија дека документот е доставен до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и до премиерот на Косово, Албин Курти.
За разлика од претседателот на Србија, премиерот на Косово немал толку значајни забелешки на предлогот, пишува белградски „Данас“. Меѓу другото, Курти нагласи дека според таа агенда, конечниот договор треба да биде потпишан најдоцна до март следната година, што, според неговото толкување, би значело и меѓусебно признавање на Косово и Србија.
Дипломатски извори на „Данас“ велат дека е извесно дека во тој документ нема „награда“ за полноправно членство на двете земји во ЕУ, но и дека секако има дополнителни пари, фондови и таканаречени „пушеви“ или стимулации што би требало да ги одоброволат двете страни. Се разбира, вакви стимулации се користат во ситуации кога отспротива имате тврди, непопустливи соговорници, кои на тој начин успеваат да извлечат одредени погодности за својата преговарачка страна. Ако отспротива имате молчаливи кимоглавци, тогаш тие само потпишуваат што ќе им се понуди, а привилегии добива само другата страна, која знае добро да се испазари.
Според истите извори, во документот на француско-германскиот предлог е променета првичната идеја за формирање заедница на српски општини и тоа нема да биде заедницата предвидена во Бриселскиот договор.
Наводно, Александар Вучиќ има само неколку недели да се изјасни за овој предлог.
Договор што не обврзува никого, туку е само „упатство за употреба“
Бриферите додаваат и дека планираниот правно-обврзувачки договор ќе се сведе на обврзувачко упатство и секако нема да биде историски документ, кој ќе биде пресвртница во изградбата на долгоочекуваниот траен мир меѓу двете општества.
– Дека ситуацијата е ваква говори и фактот што Вучиќ и Курти не само што не ги подготвуваат своите општества за ваков историски чекор туку го прават спротивното, ги антагонизираат односите, носат провокативни одлуки и го игнорираат спроведувањето на веќе постигнатите договори, со што сугерираат дека дури и под притисок да ги стават потписите на таков документ, неговата одржливост ќе биде во најмала рака дискутабилна – објаснуваат дипломатските извори.
На крајот, тие го толкуваат и предвидуваат исходот, одговорноста за долгите преговори е на ЕУ и нејзините земји-членки, кои постојано го поткопуваат сопствениот легитимитет со одложување на носењето на конечното решение и неодлучноста во однос на популистичките режими во Белград и Приштина.