Во новата стратегија за реформа на јавната администрација, која го опфаќа периодот од 2023 до 2030 година, се утврдени четири приоритетни области и во секоја од нив прецизно се детектирани и целите што треба да се постигнат. Според експертите, стратегијата сама по себе нема да доведе до реформа на администрацијата доколку некој не почне да го реализира тоа што е ставено на хартија
Презентиран новиот нацрт-документ за реформа на јавната администрација
Еден од клучните проблеми пред кои е исправена Македонија на својот пат кон Европската Унија е реформата на јавната администрација, која и покрај многубројните најави сите овие години вистински никогаш не се реализира, без оглед што официјален Брисел постојано повикуваше на тоа.
Се нижеа разни кампањи, стратегии, декларативни ветувања, но во практика ниту една влада досега не собра храброст да се зафати со вистинско реформирање на администрацијата бидејќи се плашеше дека тоа ќе се одрази врз рејтингот и неминовно ќе води кон пораз на следните избори.
Во меѓувреме, наместо администрацијата да се реформира и преполови, таа почна со секој изборен циклус дополнително да се пумпа со нов партиски кадар, за да достигне официјална бројка над 130 илјади, а неофицијално административците по разни основи стигнуваат и до 200 илјади.
За мала држава како што е Македонија, ваква бројка претставува сериозно оптоварување на буџетот по основа на плати и придонеси за огромниот број административни службеници, така што наместо за капитални инвестиции, државата сè почесто почна да се задолжува за да исплаќа плати на тромавата и згора на тоа неефикасна администрација.
И не само што реагираше ЕУ туку реакции стигнаа и од други меѓународни институции, како ММФ и Светска банка, кои отворено ја предупредија државата дека доколку не ја реформира и скрати администрацијата, таа ќе стане финансиски неодржлива.
Главни приоритети и цели во стратегијата
За да не се случи ова непосакувано сценарио, истовремено и државата пред Европа да покаже дека има некаков план како да ја реформира администрацијата, Министерството за информатичко општество и администрација неодамна ја презентираше новата нацрт-стратегија за реформа на јавната администрација (2023-2030 година) и отвори јавна дискусија за содржината во стратегијата.
– Свесни сме за важноста на реформата на јавната администрација, која во согласност со новата методологија за пристапни преговори со ЕУ, за првпат конкретно се дефинира како област опфатена со процесот и е дел од првиот кластер – основи, кој е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина – истакна министерот Адмирим Алити, притоа додавајќи дека во следниот период ќе се дискутира со сите засегнати страни, посебно со граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
Визијата на новата стратегија за реформа на јавната администрација (2023-2030 година) е деполитизирана, ефикасна, ефективна и отчетна јавна администрација што обезбедува квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и за бизнис-заедницата. Работата на јавната администрација се темели на европските начела и вредности и придонесува кон одржлив економски раст, владеење на правото, социјална кохезија и благосостојба.
Во рамките на документот за реформа на јавната администрација се утврдени четири приоритетни области, во секоја од нив прецизно се детектирани и целите што треба да се постигнат.
Креирање политики и координација е првата приоритетна област во која ќе биде посветено посебно внимание на ефективно, ефикасно и инклузивно креирани политики, при што двете цели кон кои ќе се тежнее ќе бидат воспоставување конзистентен и функционален систем за креирање политики и донесување закони, како и зголемена транспарентност, инклузивност и партиципативност во процесот на креирање политики и подготовка на закони.
Втората приоритетна област во рамките на стратегијата се јавната служба и управувањето со човечките ресурси, а општата цел што се сака да се постигне и на што инсистираат македонската јавност и ЕУ е департизирана, професионална и стручна јавна администрација, што досега не беше случај.
– Со објективни критериуми и постапки на отворен натпревар за избор на најдобриот кандидат, спроведени од професионалци во администрацијата што поседуваат висок степен на стручност и интегритет ќе се направи брана од политичкото влијание – се наведува во стратегијата.
Пет посебни цели се опфатени за да се реализираат приоритетите во втората област, како деполитизација на јавната администрација, нејзина професионализација, обезбедување квалитет и стручност на административците, воспоставување унифициран и кохерентен систем на плати во јавната служба и на крајот издигање на свеста за значењето и улогата на јавната администрација во општеството.
Како трета приоритетна област во стратегијата за реформа на јавната администрација е одредено обезбедувањето одговорно, отчетно и транспарентно работење на институциите, и тоа преку кохерентна и оптимизирана државна управа, подобрена ефикасност на управните постапки, зајакнат интегритет на институциите и нивна зголемена транспарентност на државно и на локално ниво, како и создавање поволно опкружување за користење на податоците од јавниот сектор.
Четврти приоритет во овој стратегиски документ за периодот 2022-2030 година е давање услуги и ИКТ-поддршка за администрацијата, а за да може да се оствари тоа, стратегијата предвидува да се направи тоа преку дигитализирана јавна администрација. Во таа насока, посебни цели што треба да се остварат се дигитална средина за подобро работење на администрацијата и зголемен квалитет и достапност до услугите.
– Потребно е воспоставување централизирани организациски единици што континуирано ќе работат на унапредување и проширување на употребата на системите низ јавниот сектор – се констатира во стратегијата.
Стратегиите се добри, недостига политичка волја да се спроведат
Познавачите на состојбите сметаат дека стратегијата сама по себе нема да доведе до реформа на администрацијата доколку некој не почне да го реализира тоа што е ставено на хартија.
– Треба политичка волја на носителите на власта за да се спроведат овие стратегии. Сите вакви документи и стратегии беа добри, така што и оваа најнова стратегија помалку или повеќе одговара на нашите потреби, но она што е клучно таа да заживее, е исклучиво политичката волја и од страна на позицијата, но и од страна на опозицијата. Тие мора да направат компромис за да може овој документ да се спроведе како што треба – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Според него, ако нема компромис, тогаш и овој документ ќе заврши како сите досега, без реализација.
– Првата стратегија за реформа на јавната администрација датира од мај 1999 година. Следуваа и други стратегии, за јавна администрација, за локална, за правосудството, имаме да не речам илјадници, но ниту една не е спроведена оти немало политичка волја. Еднаш треба политичките партии да пресечат и да кажат дека е потребно да има департизација на административните функции, партиите да се тргнат од таму, партиските послушници да се тргнат и едноставно да почнеме да живееме како што треба – истакнува Давитковски.
Тој смета дека колку и да продолжуваме со старите практики, Европа ќе нè соочи со потребата од реформа на администрацијата и ќе притиска еднаш да се направи тоа, а не само да се носат стратегии без ефект за граѓаните.
– Секоја стратегија, вклучувајќи ја и оваа, се прави за доброто на македонските граѓани. Ние како граѓани имаме проблеми пред шалтерите каде што секојдневно нè шиканираат, а како што одминува времето за овие 30 и кусур години сè полоши и полоши се административните услуги. Тоа значи дека се нема политичка волја еднаш администрацијата да биде сервис на граѓаните што треба да биде темелен принцип, а не да биде сервис на политичките партии на власта. Кога ќе го направиме тоа, ќе можеме да очекуваме вистинска реформа – заклучува професорот Давитковски.