Денешниот самит во Тирана се одржува една година по оној во Брдо, две години по оној во Загреб и четири години по самитот во Софија, при што на сите беше истакната европската перспектива на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Но што всушност донесоа досегашните самити? Дали тие само го потврдија она што веќе сите го знаат, дека ЕУ само ветува, но не остварува

ДЕНЕСКА НОВ СОСТАНОК
ЕУ – ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ТИРАНА

Самитот ЕУ – Западен Балкан денеска се одржува во Тирана, првпат во земја што не е членка на ЕУ, а на кој Унијата сака уште еднаш да ја потврди посветеноста кон Западен Балкан, додека земјите од регионот очекуваат од Европа конкретна потврда дали процесот на проширување е запрен на подолг рок или, пак, новите проширувања остануваат дофатлива цел во поблиска иднина.
На денешниот самит во главниот град на Албанија македонската владина делегација ќе биде предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој покрај учеството на сесиите што ќе бидат дел од самитот, ќе оствари и повеќе билатерални средби со премиери на држави-членки на ЕУ.
– Овој самит се случува во нова констелација на односите, поради фактот што ние ги почнавме преговорите. Ќе има четири земји од регионот што преговараат со ЕУ во однос на кандидатскиот статус. Веќе полека се консолидира прашањето дека не само ЕУ туку и земјите од Западен Балкан немаат алтернатива во однос на тој процес – изјави во пресрет на самитот шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Денешниот самит во Тирана се одржува една година по оној во Брдо, две години по оној во Загреб и четири години по самитот во Софија, при што на сите беше истакната европската перспектива на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, но без конкретна временска рамка или некаков акциски план кога би се остварило тоа.
По решавањето на спорот за името со Грција, сите очи во регионот беа вперени кон Брисел и одлуката да започнат пристапните преговори со Македонија по повеќедецениската грчка блокада. Но наместо почеток на преговорите, нова блокада, овој пат од страна на францускиот претседател Макрон, кој токму во тој момент најде замерки на преговарачката методологија. Потоа следуваше бугарското вето за Македонија и едноставно земјите од Западен Балкан загубија секаква верба во доследноста на ЕУ да ги цени земјите според нивниот реален напредок и постигнувања, но и според жртвите што ги дале за да ја остварат европската цел. Тоа го зголеми евроскептицизмот, така што и денешниот самит ЕУ – Западен Балкан е во фонот на растечкиот евроскептицизам меѓу луѓето во регионот, кои не очекуваат ништо ново, а уште помалку дека Унијата конечно ќе го стави проширувањето како приоритет.

Единствен ваков самит на кој беше испратена моќна порака од страна на ЕУ кон Западен Балкан беше во 2003 година, на самитот во Солун. Тогаш беше усвоена „Солунската агенда за Западен Балкан“, со која Европскиот совет им даде ветување на народите од Балкан дека нивната иднина е во ЕУ. Оттогаш уште долги години не се одржа самит ЕУ – Западен Балкан, а од ветувањата од Солун полза видоа само Бугарија, Романија и Хрватска, кои се последните земји што се зачленија во Унијата, првите во 2007-та, а Хрватска во 2013 година.
Во меѓувреме беа потребни 15 години да се одржи нов состанок на високо ниво меѓу ЕУ и Западен Балкан, кој се случи за време на бугарското претседавање со Унијата, во 2018 година, во Софија. На тој самит беше усвоена декларација што требаше да ја потврди „европската перспектива“ на регионот, но на која не се потпишаа лидерите од Западен Балкан поради земјите што не го признаваат Косово, што на некој начин не му даде никаков легитимитет на усвоениот документ.
Во 2020 година се одржа ваков самит во Загреб, на кој беше усвоена декларацијата со која се потврдува дека регионот е составен дел на Европа и геостратегиски приоритет за Европската Унија.
Една година подоцна следуваше состанок од сличен формат во октомври 2021 година во Брдо кај Крањ, во Словенија, кога повторно земјите од регионот не добија одговор на клучното прашање дали и кога ќе има нови проширувања. Предлогот на словенечкото претседателство со ЕУ за давање некаква временска рамка за членство на шесте земји беше веднаш отфрлен.
Она што е повеќе од јасно, вакви настани (како самитите ЕУ – Западен Балкан) ниту се историски ниту, пак, ќе донесат некаква бенефиција за граѓаните, бидејќи тие се само редовна практика на Брисел да покаже некаква активност тука во регионот, а врвното достигнување секогаш била констатацијата на европските бирократи дека во завршните декларации бил вметнат зборот „проширување“. Тоа е моменталното ниво на амбиција што Брисел го покажува кон регионот на Западен Балкан.
Генерално гледано, сите овие самити, по солунскиот, само го потврдија она што го знаат веќе сите, дека ЕУ само ветува, но не остварува. Истовремено, тоа покажува и дека Унијата станува сè понефункционална и дека членството во ЕУ за балканските надежи е само неостварлив сон. С.Т.