Откако се дозна дека во последното коло на Лотарија на Македонија, жител на Кичево ја добил највисоката премија – околу 500.000 евра, оваа информација е главна тема за жителите на овој град. Со тоа почна и лицитацијата – кој е среќниот добитник. За сега единствено познато е дека ливчето со 7 погодоци било уплатено на уплатно место „Детелинка“ на улицата „Борис Кидрич“.
„Детелинка“ е киоск во кој со години наназад работи Аце Кочоски. И тука не би имало ништо чудно ако не се знае дека токму во киоскот на Аце, во последните три „паднале“ големи добивки како седумка за 200.000 евра, станови, авотомобили и цел куп помали добивки.
-Најпријатно сум изненаден од синоќешната вест дека мој сограѓанин ја добил премијата на Лотарија на Македонија во износ од 500.000 евра. Уште повеќе сум задоволен што ливчето е уплатено во мојот киоск во понеделникот во 16.14 часот. И оваа награда потврди дека јас им носам среќа на моите сограѓани, бидејќи во изминатите три години во мојот киоск беше уплатено ливчето со највисоката награда од 200.000 евра, а во два наврати на истото продажно место на инстанат грепки беа изгребани двособен стан во Скопје и еден автомобил, а да не ги набројувам и добиените помали награди – ни раскажа Аце Кочоски, вработен во „Детелинка“, кого вчера цел ден го барале медиумите за да добијат информација кој е среќниот добитник на оваа премија.
А тоа кој е добитникот, за сега, се сведува само на шпекулации. Кичевчани неофицијално велат дека станува збор за нивни сограѓанин – пензионер.