И покрај тоа што земјата се бори со висока инфлација и зголемени трошоци за енергија, во Грција сепак постои еден економски сегмент што продолжува да расте со забрзано темпо
Пристаништето Пиреја, кое е во мнозинска сопственост на Кина, во првите девет месеци од годината забележа скок од 28 отсто во однос на приходите. Кинескиот амбасадор во Атина изјави дека ова се должи на блиските релации меѓу двете држави.
Почнувајќи од бродови за крстосување, па сè до товарни и контејнерски, најголемото пристаниште во Грција континуирано бележи раст во сообраќајот и во вкупните приходи. И покрај тоа што земјата излезе од пандемијата и веднаш влезе во енергетска криза, пристаништето Пиреја бележи само позитивни резултати.
Поморскиот аналитичар Џорџ Ксирадакис истакна дека додека цели светски економии се соочуваат со огромни проблеми во енергетскиот сектор, но исто така земајќи ги предвид и украинскиот конфликт и несигурната страна на европскиот потрошувачки капацитет, растот од 30 отсто не е само задоволувачки туку во извесна смисла тој е и еден вид изненадување.
Како прв и најголем европски проект на Кина во рамките на „Иницијативата за појас и пат“, во првите три квартали од годината, пристаништето Пиреја забележа пораст во приходите од 28 отсто на годишно ниво, со вкупна сума од 146 милиони, во споредба со минатогодишните 113 милиони долари. Во меѓувреме, бродскиот и патничкиот сообраќај продолжуваат да напредуваат, при што пристаништето бележи речиси 90 отсто поголема посета од туристи што доаѓаат со бродови за крстосување и пораст од над 200 отсто во однос на патници.
Постои реална надеж дека овој тренд ќе продолжи, откако грчките власти го одобрија генералниот план за пристаништето, давајќи зелено светло за изградбата на хотели, нови патнички и товарни терминали, како и транспорт во рамките на пристанишната област. Некои го оспоруваат планот, прашувајќи се колку зелени навистина може да бидат сите тие проекти, но одреден број експерти се согласни дека генералниот план може да се покаже како „зелен поттик“ за ова подрачје. Значењето на зелените иницијативи е приоритет и за главниот кинески претставник во земјата, кој кажа дека е важно сојузниците да соработуваат на ова поле.
Актуелниот кинески амбасадор во Атина, Сијао Јунџенг, порача дека Кина и Грција би можеле да ја зајакнат својата соработка во однос на сродните полиња на интерес. Исто така, одредени кинески компании изразиле интерес за учество во грчките проекти за зелени острови и во моментов изведуваат студии за оправданост.
Грција е првата членка на Европската Унија што се пријави да биде партнер во „Иницијативата за појас и пат“, а пристаништето Пиреја стана водечки кинески проект на територијата на европскиот континент. Со приходи што постојно растат, сега предизвикот не лежи само во тоа да се поврзат Азија и Европа и да се зајакне грчката економија туку ваквата реализација да оди паралелно со сè позасилено „позеленување“ на овој профитабилен центар.