Кон изложбата „Сè што ни е заедничко“ во Музејот на современата уметност
Изложбата „Сè што ни е заедничко“ поставена во Музејот на современата уметност се наметна како соодветна основа за развивање расправа околу можностите за видливоста на маргинализираните уметнички заедници во рамките на општонормираните гледишта околу современата ликовна продукција. Одвојувањето на оваа идентитетска категорија преку еден наменски предодреден изложбен концепт ќе посведочи токму за синкретизмот што постои во самата идеја за видливоста, аргументативно од повеќе различни аспекти. Без преголема амбиција да се теоретизира околу ова прашање, се чини погодно да подвлечеме некои потрадиционални начини на размислување, бидејќи самото прашање околу еднаквоста е традиционално на некој начин и евидентно не ја одминува логиката на континуираните размисли околу достапноста на т.н. маргинализирана уметност во рамките на јавната сфера. Имено, рано во дваесеттиот век, Ернст Блох, во својата книга за „утопијата“ запишува дека „применетиот звук го прави секој настан поакутен, продорен, сензуален“, така и звукот што доаѓа од оваа позиција на институционалните сензориуми, акутно, пробивно и сензуално ги допира прашањата за еднаквоста како актуелност и неодложност.
Како се наметнува прашањето околу видливоста? Ако современите општества се изградени според принципите на демократското право на глас, според принципите на еднаквоста на секој поединец/група во сложените етнички, оттука и мултинационални целини, тогаш неговото/нивното вклучување во диспозитивите што најгласно и најслободно го изразуваат правото на уметничкиот глас во рамките на големите изложби, организирани во државните институции како што се музеите, би требало да биде еднаква за сите општествени групи.
Промовирањето на уметноста и културата преку врамената концепција на „Западен Балкан“ финансиски поддржана од Европската Унија, континуирано демонстрира дека на маргинализираните заедници, не само на Ромите туку и на другите „маргинализирани“ од „врамениот“ регион – Балканот, им е неопходна „моќна“ институционална поддршка за да се постигне некаков степен на видливост во светот на уметноста.
Од друга страна, пак, смислата за заедничкиот простор, се чини, не треба повеќе да се бара преку моделот на вклучување, туку преку моделот на „споделување“, јасно издвоено во прологот на кураторскиот концепт за оваа изложба. „Споделувањето“ како поим ја подвлекува концепцијата дека, пред дејството, пред чинот на пристапување „кон“, постои цела една линија на инертност во однос на логиката на еднаквоста. Оттука и прашањето дали поттикот што доаѓа од „големите“ создаватели на наративите за „видливост“ е навистина „поттикнувачки“ или, пак, дополнително ја нагласува моќта на посредување на таа видливост, евидентно неиндуцирана кога станува збор за индивидуални, па оттука и колективни процени за она што треба да биде предмет на „актуелност“ и она што треба „активистички“ да дејствува во доменот на јавната сфера, пред публиката, пред стручната јавност и другите читатели на уметноста.
Едно од повпечатливите дела на оваа изложба е на британскиот уметник Дилејн ле Бас, насловено „Универзална декларација за човекови права“, како издвоен пример за релевантно и ангажирано соопштување на предметот на интерес на авторот. Ова дело е одличен егземплар за можностите на современиот израз, за испишаните тврдења на уметноста, независно од врамениот контекст, протегајќи се подалеку од каков било конституиран наратив. Преку ова дело ја согледуваме релевантноста на уметничкиот глас и неговите звучни вредности, а преку изборот на посредникот на концептот, темите стануваат читливи, повикуваат на продолжено размислување и понатамошно откривање на пораките што оваа уметничка синтагма имала намера да ги загатне и пренесе. Оттука „вклучувањето“ како чин што ангажира, не би требало да биде основна премиса врз чија основа уметниците „стануваат застапени“ во рамките на поголемите изложбени контексти, туку тоа би требало да биде авторството, релевантноста на целокупниот „уметнички начин“ на посредување на тематската определба. И другите две дела на Ле Бас, „Страв-пролет“ и „Оштетена стока дел II (Лицемерие)“, говорат за исклучителна вештина во избраниот медиум – платно со варијации на изведени техники и за длабока промисленост околу начинот на концептуализација на темите, поврзани со доминантниот наратив на ромската заедница.
Серијата на фотографии на Нихад Нино Пушија именува „Таму долу каде што духот се среќава со коската“, започната во 1992/95, претставува документарен запис на војната во Босна, направена на различните места низ кои авторот минува и е еден вид „травелог“ на уметникот што постојано го менува своето престојувалиште сѐ до последната станица во Берлин. Македонскиот уметник Дурмиш Ќазим самоуверено работи во неколку техники, изработувајќи различни варијации со наративен предзнак на ромската традиција и алегоризирани слики на секојдневниот живот. Албанскиот уметник Сеад Казанџиу е застапен со видеодокументација од мултимедијален чин, во кој самиот уметник се преобразува во фигура покриена со кал, или „модел на Ром“, кој би можел еднакво да партиципира во легитимните и демократски процеси на една држава. Уметникот Ден Тарнер е застапен со видеото „Гламур“ и просторната инсталација „Семиња на промени“, како пример за суптилно кодирани мисловни продолжувања, поврзани со историските навики на ромската заедница на различни места во Европа, концепција врамена во еден од (пре)доминантните наративи поврзани со екологијата. Видеоинсталацијата „(Надвор од) ќор-сокак“ на Емилија Ригова говори за еден автентичен ликовен пристап, нудејќи го концептот на метафорично претставено „неподвижно тело“ од шумите за време на Втората светска војна.
Настрана од реалните состојби со кои се соочува ромската заедница речиси во сите општествени сфери, и покрај неприкосновената борба за вклученост во повеќе културни стратуми, иницирана и застапувана од самите уметници, уметничкиот колектив „Рома Џем Сешн“ составен од Мустафа Асан, Мо Динер и Милена Петровиќ, покажа дека овие уметници поседуваат исклучителна перцепција за материјата на современоста, за изборот на ликовните синтагми во ова нивно претставување. Делото „Отворена ромска култура“ е посветено на 50-годишнината на Советскиот ромски конгрес од 1971, како почеток на една културно-уметничка „револуција“ што се стреми за застапеност на нивните идеи и визии. Избраниот ликовен јазик на овие автори и самиот партиципативен перформанс изведен на денот на отворањето на изложбата говорат преку граматиката на активизмот, на ангажираниот одговор на повикот што доаѓа како упатен, не само од идејата за „вклучување“ туку од идејата за еднаква релевантност во рамките на доминантните текови на развојната линија на уметноста.
Уметниците, тука издвоени како уметници од ромската заедница (некои од нив – индивидуално застапени на голем број светски изложби), покажаа дека говорот на уметноста, самата артикулација низ различни медиуми, го одредува степенот на чујноста, додека видливоста на уметноста, сѐ уште е условена од изборот и „начинот“ на претставување.
Натали Рајчиновска Павлеска