Најновите нацрт-правила на Европската Унија за емисија на издувни гасови нема многу да придонесат за чистење на градскиот смог
Европската комисија реши побавно да ги спроведува еколошките норми
Кога станува збор за намалување на загадувањето предизвикано од автомобили, Европската комисија не излегува со брзи решенија. Извршните власти во Европската Унија (ЕУ) работат на амбициозен план до 2035 година да почне да функционира забраната за продажба на нови автомобили што имаат мотор со внатрешно согорување и емитираат јаглерод диоксид. Најновата ревизија на правилата за емисии на издувни гасови без јаглерод диоксид, наречена „Еуро 7“, Комисијата ја претстави на 9 ноември.
Новиот технички анекс јасно покажува дека новите стандарди нема да бидат построги од актуелните норми „еуро 6“ за автомобилите на бензин. Со други зборови, тоа значи дека производителите на автомобили во текот на оваа деценија нема да мораат да инвестираат во иновации што би можеле да го намалат загадувањето со издувни гасови.
Индустриските претставници велат дека се информирани дека автомобилските производители од јули 2025 година ќе мора да работат во согласност со новите стандарди. Претходно компаниите побараа период од четири години за нивно воведување, па иако новите правила не носат некои големи промени, тие ќе бидат финализирани кратко време пред да стапат во сила, така што кратките рокови најверојатно, сепак, ќе предизвикаат одредени поплаки од индустријалците. Автомобилските производители тврдат дека потребните вложувања во нови мотори и технологија би претставувале огромен трошок и би го одвратиле вниманието од трансформацијата на нивните производствени линии во правец на електрични возила.
Правилата на „Еуро 7“ ќе бидат проширени, освен издувните гасови како загадувачи на воздухот, ќе биде вклучено и загадувањето, кое е резултат на честичките од автомобилските сопирачки, што би важело и за електричните возила, но, според документот до кој дојде „Политико“, овие нови стандарди нема да бидат имплементирани сè до 2035 година.
Автомобилското загадување се одразува на здравјето
Активистите во кампањите за чист воздух сакаат Комисијата во рамките на оваа ревизија да воведе многу построги правила за производителите на автомобили, укажувајќи на постоењето на ендемични нивоа на токсично загадување во градовите низ Европа, од кои голем процент отпаѓа токму на сообраќајните емисии.
Според Европската агенција за животна средина, во 2019 година, приближно 307.000 случаи на предвремена смрт биле поврзани со хронична изложеност на штетни честички, додека други 40.400 случи биле поврзани со хронична изложеност на азот диоксид. И едните и другите биле предизвикани од патниот транспорт. Советодавниот панел на Европската комисија заклучи дека би можело да се воведат построги стандарди за јаглеродните емисии, но во услови на зголемена инфлација и криза во синџирот на снабдување, Комисијата реши да биде толерантна кон автомобилската индустрија.
Извршните власти на ЕУ работат на „Еуро 7“ уште од крајот на 2018 година и веќе неколкупати досега го одложуваа неговото официјално објавување, имајќи предвид и дека го затворија посебното овластување во однос на постигнувањето јаглеродна неутралност, чија цел е Унијата да се насочи кон исполнување на своите климатски цели.