Германската и француската амбасада денеска на германските гробишта во Прилеп го одбележаа Денот на примирјето од Првата светска војна (“Commémoration du 11 novembre 1918”) и Денот на народна жалост („Volkstrauertag“). Цвеќиња освен амбасадите на Република Франција и на Сојузна Република Германија на спомен
обележјето на германските гробишта денеска положија и претставници од Собранието, од Општина Прилеп, од МНР и од повеќе амбасади во земјава.

При тоа беше посочено дека се одбележува споменот за сите мртви, ранети, исчезнати и раселени лица, за жртвите на насилство и ранети лица од сите војни и сите народи.

– Им оддаваме почит на загинатите. Чествуваме заедно со Франција затоа што помирувањето значи за нас, темелот е на денешната Европа и треба да се надградува. Сите заедно сполетени треба да работиме за заедничка ЕУ и да се оди европскиот пат –
изјави Ото Граф, заменик шеф на мисијата од германската амбасада, при тоа посочувајќи дека во рамките на ЕУ има недоразбирања, но оти Германија се залага споровите да се решаваат на подобар начин.

Првата светска војна заврши на 11 ноември 1918 година. Позната е како Големата војна и се смета за една од најсмртоносните конфликти во историјата. Се проценува дека биле мобилизирани повеќе од 70 милиони лица, вклучувајќи и 60 милиони Европејци, а загинале повеќе од девет милиони борци и седум милиони цивили. На германските гробишта во Прилеп секоја година се одбележува Денот на примирјето.
Ка.М.