Според академик Катица Ќулавкова, иницијативите, всушност веќе функционални проекти за паралелни етнички институции, се меч со две сечила за македонското општество и држава. Мечот со две сечила значи избор од две зла: не е добро ако се спречуваат, лошо е ако се игнорираат овие процеси. Ваквите иницијативи за паралелни етнички институции само покажуваат дека албанското малцинство не само што е исклучително добро интегрирано во македонското општество туку, уште повеќе, како интегрален дел од македонското општество прави постапки и проекти што не се во согласност со унитарниот карактер на македонската држава
Феноменот на етничкиот паралелизам при создавање институции ја нагризува унитарноста на Македонија
Соочувањето и прифаќањето на македонското општество со ситуацијата за унапредување на правата и поголема интегрираност на малцинствата во институциите и процесите на државата, преку рамковниот договор од 2001 година, дваесетина години подоцна се чини дека го навестува предизвикот на справување со друга крајност – создавање своевидни паралелни институции со етнички предзнак. На оваа реалност во економијата, преку постоењето на Стопанската комора на северозападна Македонија, во која членуваат фирми на стопанственици Албанци, универзитети во Македонија главно наменети за студенти и професори Албанци, веќе почнува да се конкретизира идејата за албанска академија на науките и уметностите. Всушност, веќе е одлучено да се изберат и промовираат првите девет академици како дописни членови на оваа албанска академија. Искажана е надеж дека албанскиот политички фактор во републичкото собрание, во блиска иднина ќе подготви предлог-закон со кој Албанците ќе имаат своја јавна институција иста како МАНУ, „која ја финансираат сите граѓани, а во која има само еден процент Албанци“. За реализацијата на оваа идеја за албанска академија во Македонија известуваат медиумите на албански јазик во земјава.
МАНУ не може никако да има свој пандан во Македонија
Во август годинава, кога во Тетово беше основано Академското здружение за наука и уметност на Албанците, беше порачано дека на тој начин „се остварува долгогодишниот сон за албанскиот јазик, култура и цивилизација“. Тоа „здружение“ сега е веќе „преобразено“ во Албанска академија на науките и уметностите во Македонија.
За многумина е индикативно тоа што активирањето на идејата за оваа албанска академија во Македонија временски се совпаѓа со новата гласност на албанскиот политички фактор за менување во Уставот на формулацијата „јазикот што го говорат 20 отсто од населението“.
– Ваквите иницијативи, всушност веќе функционални проекти за паралелни етнички институции, се меч со две сечила за македонското општество и држава, на кои од 2001 година им се наметнати предизвиците за справување со интерпретациите на рамковниот договор на албанските политички партии во Македонија. Мечот со две сечила значи избор од две зла: не е добро ако се спречуваат, лошо е ако се игнорираат овие процеси. Ваквите иницијативи за паралелни етнички институции само покажуваат дека албанското малцинство не само што е задоволително интегрирано во македонското општество, туку и дека всушност не се согласуваат со тоа дека сите заедно треба да создаваме унитарна држава и нација. Преку квазитолкувања на Уставот, рамковниот договор (и другите договори), албанското малцинство ја остварува својата цел за ексклузивност во македонската државност, преку етнификација, додека не се распадне државата како предуслов за некое нејзино ново преформатирање, според нивните исконски етнички желби – вели академик Катица Ќулавкова.
МАНУ е национален бастион на науката и уметноста и нема никакви предрасуди за етничката припадност на членството
Конкретно, за формирањето албански пандан во Македонија на Македонската академија на науките и уметностите, академик Ќулавкова вели дека во МАНУ нема и никогаш немало националистичко расположение во однос на етничката припадност на кандидатите за академици. Според неа, МАНУ е институција отворена за личности докажани во научната и уметничката сфера, без никакви предрасуди за нивната етничка припадност.
– Фактот за постоење на научно-образовни институции според етнички принцип е реалност во Македонија што не може да се пренебрегне, ниту да се оспори. Но од тие, така легитимирани институции немало инцијатива за кандидирање кандидати од нивната научна средина за членови на МАНУ. Ако има кандидатура за членови од овие институции, секако ќе биде земена предвид и разгледувана, а одлуката за прием ќе се носи според тоа дали тие кандидати ги задоволуваат научните и уметничките критериуми, односно стандарди за титулата академик, а не според етнички критериуми. При последниот прием на академици во МАНУ, ако имало одбиени кандидати Албанци, имало уште повеќе одбиени кандидати Македонци. Проблемот во ова прашање е што се сака да се наметне етничката позитивна дискриминација, како критериум за прием во МАНУ – вели академик Ќулавкова.
Политичкиот аналитичар и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, дел од причините за етничкиот паралелизам на институциите во Македонија, во својата последна колумна за „Нова Македонија“ го согледува во „тивката“ политика на партијата ДУИ, која инсистира да го расцепи граѓанството во Македонија, да се создаде целосно одвоена албанска јавност и да се спречи постоењето на островчиња на споделено граѓанство во Македонија што ги надминува етничките поделби.
– Во Македонија суштината на проблемот се македонско-албанските односи. Македонците, како најмногубројни, но и како припадници на заедница што е дискриминирана во сите области на Балканскиот Полуостров, каде што живее со векови, како самоникната заедница, се уплашени дека е можно да дојде до дестабилизација на државата поради определени сецесионистички барања кај етничките Албанци. Овој процес е вовед во нова војна за граници внатре во Македонија, затоа што никој не е способен да исцрта праведна граница помеѓу Македонците и Албанците што ќе ги размрси заплетканите македонско-албански јазли низ Балканскиот Полуостров. Овие стравови кај Македонците се дополнително влошени затоа што најмоќна партија помеѓу македонските Албанци повеќе од две децении е ДУИ, партија предводена од Али Ахмети, поранешен воен командант на отворено сецесионистичката ОНА, која не крие дека тие рамковниот договор од 2001 година го читаат федералистички. Исто така, целокупниот институционален проект на ДУИ е стремежот за „лазечка федерализација“ на Македонија, па тие системски работат за да оневозможат барем една институција во Македонија да функционира интегративно. Не само тоа туку ДУИ инсистира да го расцепи граѓанството во Македонија, да се создаде целосно одвоена албанска јавност и да се спречи постоењето на островчиња на споделено граѓанство во Македонија што ги надминува етничките поделби. Врвот на лошите политики на ДУИ кон заедничката држава е нивната пламена поддршка за Преспанскиот договор, за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и за предлогот Ковачевски – Петков, попознат како „француски предлог“, каде што со помош на нивните пратеници беа надгласани Македонците, со што се скрши еден од клучните принципи на рамковниот договор и на пристојните меѓуетнички односи во Македонија… Единствено демократско решение за македонската уставна загатка е враќање кон принципот на граѓански устав, проширување на јавниот простор каде што живееме како интегрирано граѓанство и меритократски систем за влез и напредување во јавниот сектор, со полно уважување на принципите за правична и еднаква застапеност, како и со полно уважување на правата, самобитноста и културата на секоја етничка заедница во Македонија – пишува Ивица Боцевски.