Во првата половина на 19 век, Зографскиот манастир имал извонредна улога во манифестацијата и заштитата на македонската култура и јазик. Ова е особено видливо во покровителствувањето на македонските училишта, како и во активностите од кои произлегле првите печатени книги на македонски народен говор, односно на македонски јазик
Манастирот „Свети Ѓорѓи Зограф“, познат и како Зографски манастир, од Света Гора, е еден од најзначајните верски и културни центри на Македонците низ вековите. Според Сводната зографска грамота, како и според пишувањата на Стефан Светогорецот, манастирот бил основан од тројца браќа, благородници што потекнувале од градот Охрид, Арон, Мојсеј и Иван, во 919 година. Во османлискиот период, особено по укинувањето на Охридската архиепископија, кога македонскиот народ немал сопствени институции, манастирите и црквите биле поткрепа во негување на македонската култура, наспроти влијанијата на исламската и грчката култура. Црквите и манастирите биле единствените културни и народни јадра околу кои се сплотило македонското христијанско население. Манастирите и црквите биле центарот и тежиштето на културно-народниот живот, смислата на нивите погледи и мислења за светот околу нив.
Националното будење на македонскиот народ врз основа на културните, јазичните, етничките и историските особености на Македонија започнува кон крајот на 18 век, историски процес што е заокружен со конституирањето на македонската држава и афирмацијата на македонската нација на 2 август 1944 година. Во текот на овој процес, врз основа на веќе оформените македонски етнички, културни и јазични особености, започнува македонското културно и национално будење, кое е забележливо преку изградбата на новите цркви, возобновувањето на манастирите, првите книги на македонски народен говор, појавата на црковно-училишните општини, активностите против грчкото културно влијание, изразено во борбата против Цариградска патријаршија и барањето за самостојна македонска црква.
Во споменатиот период, особено во првата половина на 19 век, Зографскиот манастир имал извонредна улога во манифестацијата и заштитатa на македонската култура и јазик. Ова е особено видливо во покровителствувањето на македонските училишта, како и во активностите од кои произлегле првите печатени книги на македонски народен говор, односно на македонски јазик.
Првите световни училишта во Македонија биле приватни, а еден дел од нив бил раководен и финансиран од монасите што биле испратени од Зографскиот манастир. Монасите од „Свети Ѓорѓи Зограф“, покрај како покровители на образованието, се пројавиле и како афирматори и заштитници на македонскиот јазик, а ова е особено видливо во активностите на хаџи Павел Божигропски од селото Кониково и на Партеније Зографски од Галичник.
Хаџи Павел Божигропски му бил протосингел на ерусалимскиот патријарх Кирил со седиште во Солун. Во 60-тите години на 19 век го поттикнувал македонското население во Ениџевардарско, Воденско и во Гевгелиско да отвора сопствени училишта. Познатата Солунска гимназија, која подоцна ќе се оформи како македонско интелектуално и политичко јадро, била отворена во 1867/68 година од страна на Славка Динкова и Павел Божигропски. Покрај покровителствувањето на образованието, Павел Божигропски се пројавува и како афирматор на македонскиот народен говор, односно македонскиот јазик. Тој во 1852 година го напечатил „Неделното евангелие“ (познато како Кониковско евангелие), во печатницата на Киријак Држилович во Солун, а во 1865 година „Апостолот“, во цариградската печатница на Александар Егзарх. Освен тоа, од грчки на својот македонскиот ениџервардарски говор го превел делото „Неделни евангелиски читања“.
Од споменатите, особено е значајно Кониковското евангелие, кое беше откриено од фински истражувачи во 2003 година во манастирот „Аја Катерина“, на планината Синај. Она што го прави уникатен овој ракопис е неговата двојазичност и фактот дека и грчкиот и словенскиот текст го претставуваат идиомот, а не јазикот на црквата. Словенскиот дел е најстариот познат текст со најголема должина, кој директно ги прикажува словенските дијалекти на Македонија, односно македонскиот народен говор.
Во овој контекст треба да се спомене и активноста на Партеније Зографски, еден од најистакнатите македонски културни и црковни дејци во 19 век, а наедно и прв македонски митрополит. Неговата дејност, а наедно и дејноста на веќе споменатиот хаџи Павел Божигропски, била насочена против грчкото културно влијание во Македонија, кое било ширено преку Цариградската патријаршија. Партеније Зографски како владика презел редица мерки во полза на народното дело. Се залагал за создавање училишта во македонските села, а започнал и со отстранување на грчкиот јазик од употреба во црквите и во училиштата. Партеније Зографски бил кукушко-полјански (дојрански) владика до 1867 година, бидејќи бил отстранет од Цариградската патријаршија поради неговото антифанариотско дејствување.
Партеније Зографски е автор на многубројни дела во кои се акцентираат особеностите на македонскиот народен говор, дела што станале основа на граматиката на македонскиот јазик. Пред појавата на Партениј Зографски во училиштата се предавале само грчката и старословенската граматика, а тој настојува македонскиот народен говор да биде составен дел од образованието во Македонија.
Во делото „Мисли за болгарскиот јазик“ од 1858 година, Партеније Зографски многу јасно ги прикажува особеностите на македонскиот јазик.
– Македонското наречје не толко не требет и не может да бидет исклјучено от обштијот писмениј јазик, но добро ќа беше ако оно сја примаше за главна негова основа; по таја причина што оно е по полнозвучно, по плавно и по стројно, и в много отношенија по полно и по богато. Претставители на тоа наречје се југозападните страни на Македонија. Првата и најголемата разлика, што суштествуват по меѓу двете наречја, состоит, според нашето мнение, в различното им произносување или словоударение: Така Македонското наречје обикновено лјубит да ударат в начало на словата, а напротив другото на конец, така што в првото наречје вие никој пат не можете да сретните слово с ударение на последнијот слог, кога напротив тоа посленото в повеќето слова ударат на окончанието. Овде Македонското наречје се сблизуват со Србското – нагласува Партеније Зографски во споменатото дело.
Според Партеније Зографски, во македонскиот народен говор може да се сретнат и следните особености: „1) Оно не трпит следујуштите шипјашти букви Ж и Ш пред Д и Т, и в таков случај последните или се умјагчавает или сохранувает тврдото свое произношение. 2) Буквата А секога имат полно и јасно произношение, а не, како в другото наречје, стривнето и полугласно. 3) Е и О ни в каков случај не си изменувает своето произношение, како в другото наречје, првата на И а другата на У. 4) Ъ и Ь сочувале своет полугласје там, где и во другото наречје, и толко в едно поднаречје се превратиле во полногласна О, како: Корст, Цорков, Ворт, полн, Ворт, Торга и проч. на место: Кьрст, Цьрков, Вьрт и проч. 5. Ѣ секога, без исклјучение, се произносит како чисто Е, и никога не звучит како Ѧ, како што стават в другото наречје. Ако да не беше тоа разногласие в произношението оваа буква можеше совршено да се изметнет от новоболгарската писменост. Сега на прв пот мие ја оставаме на страна, до где видиме и разсудиме по добре за нејзината судба. 6. Х или со сем се остават како на пример: ода, убаво, оро, арно, пишеа или одеа, стоеа и пр, на место хода, хубаво, ходеха, стоеха и пр. или се произносит како ф: пишеф, читав, праф, фала, фрла на место: пишех, прах, хвала и пр. или наконец како в: уво, бьлва и пр. наместо ухо, бьлха. Правила за тоа ќа се изложат во грамматиката.
7. Членовите од местоименијата ов и он, за които некога подробно бехме писале и пак имаме да пишими за спровргнеме некои ложни мненија, што суштествувает за них. 8. Склоненијата на собствените имјани поуцелеле в Македонското наречје, отколи в другото, како имаме да видиме в грамматиката. 9. Средните имиња, што кончавает на ле и ре и сите ималителни в множествено число кончавает на иња, а не на ета, како: поле полиња, море мориња, момче, момчиња, книже книжиња. 10. Третото единствено лице в настојаштето време в изјавително наклонение сохрануват старото окончание т. 11. Третото множествено лице на тоа исто време имат различно, според биде-ст и глаголи-ст и поднаречјето, окончание, заштото не е овде место да излагаме подробно правила за тоа нешто.“