Орце Данчевски (лево) и Зоран Стојчевски

Нашите настапи на овие реномирани турнири (ЕКК) секогаш беа во контекст да им се даде пример на младите шахисти каде и како треба да се развиваат, вели членот на овој клуб Зоран Стојчевски

Скопскиот шаховски клуб Гамбит Асеко СЕЕ постигна историски успех на неодамнешниот Европски клупски куп (ЕКК) во шах (слично на Лига на шампиони во фудбал н.з,), освојувајќи го осмото место во конкуренција на 61 екипа. Пред почетокот, рангиран 27., со просечен рејтинг од 2.363 поени, по седум одиграни кола со освоени 10 бода (23 по табли), или четири победи, три ремија и само еден пораз, клубот заврши дури 19 места подобро од почетното рангирање! Најдобриот досегашен пласман на двократниот шампион на Македонија (2008 и 2011), Гамбит Асеко СЕЕ, беше 19-то место лани во Анталија, Турција. Успесите, секако, се заслуга и на спонзорот Асеко ССЕ, кој е со клубот веќе 11 години.

– Постигнавме огромен историски успех, кој за нашиот клуб претставува еден вид продолжување на успешните настапи во Македонската лига, а со нашата упорност и во настапите на ЕКК минатите години. Нашиот клуб се вмеша меѓу најдобрите клубови со шахисти од светска класа и со рејтинзи над 2.600 и 2.700 поени. Осмото место е круна на сето она што го оставивме досега зад нас, а поттик беше второто место на женската екипа во 2015 година. Сепак, тоа беше успех со реномирани шахистки однадвор, а ова е успех на македонскиот клуб Гамбит Асеко СЕЕ. Со него практично ја подигнавме високо летвичката за младите и талентирани шахисти што доаѓаат од нашата школа, истиот тој во иднина да го надминат. Впрочем, нашите настапи на овие реномирани турнири секогаш беа во контекст да им се даде пример на младите шахисти каде и како треба да се развиваат – вели член на УО на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Зоран Стојчевски.

Стојчевски го изнесе и својот став за тоа кој беше рецептот за успех.
– Имавме квалитетна и компактна екипа, која добро се познава, а составот на таблите беше направен според формата, но и според целта, да се добие мечот со потребните 3,5 поени. Гледавме во секое коло да играат најподготвените, фокусот беше ставен на долните табли, но повеќето поени дојдоа токму од третата (4,5 поени од можни седум) и четвртата (5,5/7) табла, а со значителен придонес и од првата табла (4/7). Секако, и на другите табли имавме успех и секогаш проработуваа во прав момент – нагласува Стојчевски, кој, патем, беше и најуспешен во својот клуб со 5,5 поени од седум можни.
Во клубот секако размислуваат и за неговата иднина.
– Нашите заложби секогаш се во контекст на мотивирање на нашите млади сили, како и подмладување на сениорскиот погон. Странци во клубот може да има, но повеќе како пример како треба да се игра за својот клуб, како и да го пренесат дополнителното знаење на младите шахисти – дециден е Стојчевски, кој е задолжен и за организација на активностите на клубот.


Данчевски: Осмото место како космичка награда

Осмото место во Европа за мене претставува еден вид космичка награда. Очекував да влеземе меѓу првите 20 екипи, но за историскиот успех ни се вклопија сите коцки, а очигледно и божицата на шахот Каиса ни беше наклонета, со задоволство вели претседателот на клубот Орце Данчевски, кој и го формирал клубот во 2006 година, за подоцна да му се приклучат ИМ Марјан Митков и ФМ Зоран Стојчевски.
Главната посветеност на клубот е сепак откривање шаховски таленти и организирање шаховски настани.
– Главен акцент во работата на клубот е посветеноста кон создавање нови шаховски таленти и организирање разни шаховски настани, сѐ со цел да го приближиме шахот до што поголем број луѓе од сите возрасти. Моментно во нашата шаховска школа има околу 30 активни деца-шахисти и се надевам дека тој број постојано ќе се зголемува. Работиме во три групи – почетници, напредни и клупски играчи. Поголемиот број деца доаѓаат од приватното основно училиште „Јахја Кемал Јуниор“, каде што шахот е воведен како редовен предмет од прво до трето одделение, а изборен од четврто до шесто. Најголем број прваци на Македонија по возрасни категории се токму од нашиот клуб. Шаховската настава во клубот ја водиме јас и Марјан Митков. А тоа што Гамбит Асеко СЕЕ го има организирано во минатите осум години, го нема направено ниту еден шаховски клуб во историјата на Македонија – констатира Данчевски.