Сега е особено важно во земјава да се покаже политичка зрелост и цврсто да се истапи со ставот дека Уставот не е желботека да си дозволува секој да го менува и да го креира кога сака и како сака. Уште поголем проблем е што потребата за какви било уставни измени не се дискутира низ една поширока општествена дебата, туку се наметнува како задолжителна. Ако дериват на Преспанската спогодба беше промена на преамбулата, повторно поради нечии етнички условувања, сега Договорот со Бугарија ќе произведе нови деривати за кои никој не знае како ќе се одразат врз функционирањето на државата, нејзиниот карактер и врз државното уредување и управување. Можеби најдобро го знаат тоа поединци во албанскиот политички корпус
Растат апетитите за други дополнителни и нови промени на македонскиот устав
Притисоците за вметнување на Бугарите во Уставот ги разбудија апетитите на некои експоненти во земјава, кои евентуалното гласање за уставни измени го гледаат како добра можност за пазарење и условување со дополнителни промени по нивен модел во највисокиот правен акт во земјава.
Уставни измени што ќе ја демонтираат унитарноста на Македонија
Повеќе од јасно е дека токму ваквите неаргументирани барања за промена на Уставот директно произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Токму тие сега ја даваат шансата за отворање на Уставот и веќе, според искажувањата на повеќе уставноправни експерти и соговорници, „не им се гледа крајот на желбите на секој оној што смета дека може да профитира од целата ситуација“.
Многу позагрижувачки е доколку барањата за дополнителни уставни измени се нечија тенденција диригирана од одредени центри, во чиј прилог е Македонија во основа да го смени карактерот на државноста и на државното уредување и управување, поточно да стане дисфункционална држава што тешко ќе може да се одржи.
Затоа и предлозите за дополнителните уставни измени што деновиве се лиферуваат во јавноста повеќе од очигледно е дека се претходно подготвени во странски опскурни кујни, а поединци само чекаат поволен момент кога да го обелоденат тоа и што е уште поважно, и да го остварат.
Практично ако се направат сите уставни измени што се поставени како услов да се гласа за внесување на Бугарите во Уставот, тогаш Македонија ќе биде демонтирана како држава и со тоа ќе се отвори можноста за остварување на аспирациите на одредени центри, кои никогаш не се откажале од сопствените хегемонистички, но и големодржавни апетити, не само бугарски.
Сега е особено важно во земјава да се покаже политичка зрелост и цврсто да се истапи со ставот дека Уставот не е желботека да си дозволува секој да го менува и да го креира кога сака и како сака. Уште поголем проблем е што потребата за какви било уставни измени не се дискутира низ една поширока општествена дебата, туку се наметнува како уцена.
Ако дериват на Преспанската спогодба беше промена на преамбулата, повторно поради нечии етнички условувања, сега Договорот со Бугарија ќе произведе нови деривати за кои никој не знае како ќе се одразат врз функционирањето на државата.
Симптоматично е што голем дел од тие нови барања се содржани во една платформа подготвена во една соседна земја, со која беа означени контурите за демонтажа на македонската држава. Токму сега со овие уставни измени што се бараат ќе се одврти последната завртка на механизмот што значи унитарна Македонија.
Премногу индикативно, за да биде случајно, е испорачувањето нови и нови барања за уставни измени
Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека сегашното актуализирање на уставните измени е добро осмислена тактика од некои центри, а токму Договорот со Бугарија овозможи да се удри во најсветите столбови на македонската држава.
– Тие експоненти што деновиве се огласија со условување со дополнителни уставни промени за да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот, тоа го прават секогаш кога е густо и кога државата треба да направи нови отстапки. Така беше и со Преспанскиот договор. За мене е премногу индикативно, за да биде случајно што токму сега се испорачуваат нови барања за уставни измени. Сето тоа е добро осмислено некаде, со некаква намера, според нечија тактика, така што лично не сум голем оптимист дека оваа работа може да излезе на добро по Македонија ако поминат овие барања – вели Јањатов.
Неговото мислење е дека станува збор за класично демонтирање на државата ваква каква што е.
– Очигледно тоа успешно го прават, а, за жал, има кај нас луѓе што се фаќаат на нивните мамки и целата работа поминува. Целта е да се удри по тоа што беше најцврсто во Македонија, државноста, АСНОМ, независноста… Сега лека-полека сето тоа се губи за некакви ефемерни цели, а сето тоа затскриено зад параванот на некакви европски вредности. Кои се тие европски вредности што ниту самата Европа не ги почитува – нагласува Јањатов.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека Пандорината кутија се отвори со Преспанскиот договор, а продолжи со Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, продуцирајќи деривати со кои целосно се разбива унитарниот карактер на државата.
– Тркалото тргна. Сега на сите им пораснаа апетитите и веќе од Македонци и други дојдовме до Македонци и Албанци, и наместо да се претвораме во граѓанска држава, ние се претвораме во држава на Македонци, Албанци и други народи, во кои, ако утре се појават и Абориџини и нив ќе треба да ги ставиме во Уставот. Фактички со ова што се бара, всушност, малцинството ќе има неограничени права – вели Пекевски.
Според него, уценувањата доаѓаат од луѓе што не ја сметаат Македонија за своја држава и повеќе работат во насока како да ја задржат моќта и да продолжат да владеат со мнозинството.
– Тие условувања, барања и уцени никогаш нема да запрат. Треба да ни биде јасно дека ние полека го губиме својот идентитет. Во суштина, оние што постојано уценуваат со уставни измени, всушност, не ја доживуваат Македонија како своја држава. Со ова што го бараат сега, фактички ќе имаат неограничени права, поточно малцинството ќе продолжи да управува со мнозинството, исто како да сме во Руанда – заклучува Пекевски.