Фото: Пекселс

Автор: Д-р Васко Даниловски, невролог, ЈЗУ Општа болница- Кичево

Синдромот на немирни нозе (Restless Legs Syndrome – RLS ) е сензомоторно невролошко заболување кое значајно го нарушува процесот на спиење. Се карактеризира со непријатно чувство во нозете и неконтролирана потреба за нивно придвижување при мирување, со желба да се ослободи од тие непријатни сензации кои се разликуваат по интензитет од лесни чувства на дискомфорт до интензивни болни сензации.
Специфична одлика на ова заболување е појавата на тегобите при лежење, односно подолго мирување. Така ова пореметување го засега и го пореметува спиењето, односно сонот на пациентот, што долгорочно го исцрпува и омалаксува пациентот. Пациентите со овој синдром се жалат дека не можат да се сконцентрираат, имаат нарушена меморија, не можат да ги извршуваат секојдневните професионални и домашни обврски.
Тегобите се поретки во текот на денот, а поизразени навечер, особено при почетокот на сонот. Рано наутро, повеќето пациенти немаат тегоби, па затоа тогаш единствено имаат поквалитетен сон.
Интензитетот на тегобите е различен кај пациентите доведувајќи до различен степен на пореметување на сонот. Лесните случаи се карактеризираат со ретки периодични појави на тегоби, без особени нарушувања на сонот. Умерените случаи имаат тегоби еднаш до два пати неделно, со отежнато заспивање. Тешките случаи имаат тегоби повеќе од два пати неделно, со тешки нарушувања на сонот и дневните активности.
Проценките се дека од ова заболување страдаат околу 12 % од популацијата. Бројот на регистрирани случаи е мал како резултат на недоволно дијагностицирање и погрешна дијагноза како инсомнија, стрес или артритис.
Болеста се јавува подеднакво кај двата пола, на било која возраст. Потешките симптоматски форми на болеста се јавуваат почесто на средна возраст.

Фото: Приватна архива

Етиологија

Причините за синдромот на немирни нозе во најголемиот број на случаи се непознати поради што се означува и како идиопатски синдром. Кај 50% од пациентите постои позитивна фамилијарна анамнеза за синдром на немирни нозе, што укажува на одредена генетска причина.
Постојат и секундарни форми на синдром на немирни нозе:
– кај пациенти со ниско серумско железо (ниска концетрација на феритин) односно анемија. Со корекција на нивото на железо се повлекуваат и симптомите.
– при хронична бубрежна слабост, шеќерна болест, Паркинсонова болест, периферна невропатија …
– При бременост, особено во текот на последното тромесечје
– синдромот на немирни нозе може да биде провоцирана и од некои лекови како: лекови против повраќање (prochlorperazine, metoclopramide), антиепилептици (phenytoin, droperidol), антипсихотици, антиалергици и др.
Исто така, кофеинот, алкохолот и никотинот може да провоцираат тегоби кај индивидуи кои имаат склоност за појава на синдром на немирни нозе.

Дијагноза

Меѓународната Група за синдром на немирни нозе (International Restless Legs Syndrome Study Group) има поставено четири критериуми за дијагноза:
(1) желба да се помрднат нозете, поврзана со парестезија или дизестезија
(2) појава на тегоби и нивно влошување при мирување, а кои се губат при активност
(3)постојана моторна подвижност
(4) ноќно влошување на симптомите.
При дијагноза потребно е да се направат неколку лабораториски иследувања со цел да се открие постоење на анемија, шеќерна болест, бубрежна слабост… Може да се направи ЕЕГ (други причини за пореметување на сонот), електромиографија (периферна невропатија) и др.

Фото: Пекселс

Третман

Кај секундарните форми на синдром на немирни нозе основно е да се лекува примарното заболување (анемија, периферна невропатија, шеќерна болест …).
Кај идиопатската форма лекувањето е насочено кон смирување на тегобите.
Се препорачува одреден хигиено-диетески режим на живеење и тоа намален внес на алкохол, кафе и никотин, а зголемен внес на магнезиум, железо и фолна киселина. Правилен и редовен временски циклус на спиење, со продолжено утринско спиење (често тегобите ги нема наутро). Кај некои пациенти се препорачуваат физички вежби, а се препорачува и масажа на нозете. Овие препораки можат да ги намалат тегобите, но генерално не и да се изгубат.

Фармаколошката терапија се состои во:
1. Агонисти и прекурзори на допамин – лекови од прв избор
2. Бензодиазепини – за лесен и умерен синдром на немирни нозе, може да обезбедат подобар сон, но истовремено и поголема дневна поспаност.
3. Опиоиди – (Codeine, Propoxyphene, Oxycodone) ја намалуваат болката и прават релаксација.
4. Антиконвулзиви – ги намалуваат сензорните пореметувања.
Ниту еден лек не е подеднакво ефикасен кај сите пациенти, поради што пристапот е индивидуален. Продолженото земање на еден лек обично води кон намален ефект со тек на време, поради што е потребно периодично зголемување на дозата или промена на терапијата.

Прогноза

Генерално болеста е доживотна, со постепена прогресија на тегобите, но и со периоди на ремисија. Со правилна терапија тегобите може значајно да се намалат и да се продолжи периодот на квалитетен сон.