Вие сте надеж за стотина илјади фирми на Балканот и вашата одговорност е на највисоко можно ниво. Многупати досега направивте преседани на штета на малите земји и нивните надежи. Повлечете вистински потези, одржете го бизнисот на Западен Балкан и отворете перспективи, порачува Бранко Азески, првиот човек на Стопанската комора на Македонија. На иста бранова должина се и редица други истакнати стопанственици, економисти и аналитичари од регионот. Близината и поранешните економски врски во земјите од регионот се предности што треба да се искористат во зголемувањето на регионалната соработка во услови на кризни периоди. Но овој процес треба да биде силно поддржан од европските лидери, порачуваат тие
СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ И ЕКОНОМИСТИТЕ СО ДИРЕКТНА ПОРАКА ДО ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ
Актуелната енергетска криза и последиците од војната во Украина влијаеја и на промена на надворешнотрговската размена во земјите од регионот, кои сѐ повеќе гледаат можности за поголема економска регионална соработка. Податоците на националните статистички заводи покажуваат дека регионалните пазари подобро се поврзуваат, а има некои промени во досегашната надворешна размена меѓу соседните земји од Балканот. Германија, која многу години беше прв трговски партнер за Босна и Херцеговина, сега приматот ѝ го препушти на Италија, а сѐ подобри позиции заземаат и Хрватска и Србија. Хрватска е најголем извозен пазар за фирмите од БиХ, со покриеност на увозот со извозот од 97 отсто. Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, овој трговски исчекор е постигнат поради зголемените цени на производите што се извезуваат од БиХ, а кои се дефицитарни во соседните земји Хрватска и Србија, како што се електричната енергија, јагленот, алуминиумот и производите од металската индустрија. Извозот од БиХ во Црна Гора и во Македонија, исто така, бележи растечки тренд. Во првите девет месеци годинава има раст во извозот во Црна Гора за 52 отсто и во Македонија за 42 отсто, во споредба со истиот период лани.
За Србија, БиХ е трет извозен пазар. Во периодот јануари-август, српските компании го дуплирале увозот од Црна Гора, а зголемувањето на увозот од БиХ за 54,6 отсто, од Хрватска за 30,3 отсто, од Македонија за 29,3 отсто и од Унгарија за 101 отсто. Црна Гора бележи зголемување на извозот во сите земји од ЦЕФТА, кои повеќето се нејзини соседни и блиски земји. На Хрватска, од земјите што не се членки на Европската Унија, најголеми трговски партнери ѝ се БиХ и Србија, кои се на прво и на трето место на листата на надворешни трговски партнери.
Близината и поранешните економски врски и јазичната поврзаност во земјите од регионот се предности што треба да се искористат во зголемувањето на регионалната соработка во услови на кризни периоди, како што се пандемијата, војните или нарушените синџири за снабдување, смета Марио Холзнер, извршен директор на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
– Индикативно е дека деновиве се води расправа за условите за префрлање на деловните операции во соседни земји (ниер-шоринг) или постигнување партнерство на повеќе земји што делат исти вредности и практикуваат политики што поттикнуваат бизниси во рамките на тоа партнерство (френд-шоринг) за разлика од деловните соработки со подалечни земји (оф шоринг). Значи, ова може да биде шанса за регионалните економии, кои досега беа заобиколени за привлекување директни странски инвестиции од блиските индустриски центри. Западен Балкан би можела да биде еден таков регион – вели Холзнер.
Тој го истакнува значењето на различните регионални иницијативи во креирањето нови пазарни односи меѓу земјите.
– Берлинскиот процес досега беше мошне слаба замена за пристапување во Европската Унија и не ги исполни почетните цели. Тоа што е најважно, не го поттурна Западен Балкан во процесот на проширување. Тоа треба да се испорача брзо за да биде одржлив процесот. Брзото вклучување на Западен Балкан во единствениот пазар на Унијата и негово вклучување во системите на трансфер на ЕУ би претставувало значаен чекор напред, дури и пред целосното пристапување. Но засега тоа е само обична утопија – заклучува Холзнер.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, исто така, потсетува дека насоките на Европската Унија се за создавање регионален пазар на Западен Балкан, кој интегрирано треба да се поврзе со Европската Унија преку Европската економска заедница (ЕЕЗ). Патување со лични карти низ целиот регион на Западен Балкан, признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина и по стоматологија и на архитектите во рамките на регионот, во формат што ќе ги отстрани пречките на националното законодавство, поедноставување на процесот на нострификација на дипломите за високо образование во сите шест земји на Западен Балкан, како и најава за укинување на визниот режим меѓу Косово и Босна и Херцеговина се спогодбите што ќе се потпишат на самитот на лидерите на ЕУ со Западен Балкан. Претседателот на комората, Бранко Азески, смета дека е добро што овој самит повторно се врати во Берлин, бидејќи таму се донесуваат конкретни заклучоци што потоа имаат и резултати.
– Конечно оваа недела самитот на лидерите на ЕУ со Западен Балкан, таканаречен Берлински процес, се враќа во Берлин (3.11.2022 година). Изгубивме седум години вртејќи по европските метрополи, како да не знаеме дека одлуките се носат во Берлин. Затоа, минатата година на први ноември 2021 година, под наслов „ЕУ и ние – Бугарија и тие“, јасно истакнавме барање да се врати Берлинскиот процес во Берлин, затоа што, како што беше тргнал, ќе завршеше во Ла Валета (Малта). А враќањето во Берлин веднаш донесе конкретни резултати – вели Азески.
Според него, европските лидери мора да разберат дека на балканскиот бизнис му е преку глава да биде понижуван, условуван и одложуван.
– Доста ни е од редицата камиони и од границите на секој чекор (јасните перспективи до 2030, 2040, 2050, 2060). Она што ние како бизнис треба да го направиме е највнимателно да ги прочитаме пораките и да ги прифатиме реалните забелешки, забрзувајќи ги процесите на економски развој, затоа што очигледно е дека сами не можеме да се справиме со овие предизвици и тој дел од патот мора да го поминеме под менторство на Европската комисија – вели Азески. М.Ј.