Издавачката куќа „Сказнувалка“ го организира првото издание на фестивалот на приказни за деца и млади „Крошна“. Фестивалот е замислен како патека на приказните, со едночасовни настани на неколку места посветени на книжевноста за млади, инспирирани од делата што ја сочинуваат новата едиција на издавачката куќа, „Кожурец“.
– Со фестивалот „Крошна“ сакаме да воведеме нови форми на промоција што поактивно ќе ги вклучуваат младите читатели. Централен концепт е концептот на раскажување приказни, промовирање литературни дела преку раскажување. Од неодамна, раскажувањето приказни оживеа во дигитален формат и доби голема популарност меѓу кураторите на музеите и во секторот за културно наследство воопшто. Ние сме повеќе од уверени дека раскажувањето може да се користи со еднаков успех во популаризацијата на книжевните дела. Од друга страна, идејата ни е и да ја зајакнеме соработката со различни чинители и сочинители што се дел од книжевната економија (книжарници, театри, писателки и писатели, книжевни преведувачи), па и економијата на културата воопшто (визуелни уметници и музичари). На тој начин се поддржуваме меѓусебно, но и создадеме мал волшебен свет што би дејствувал како привлечна сила за заедницата, особено за младите – истакнува Искра Димковска.
Од „Сказнувалка“ дополнуваат дека ни требаат млади што читаат, ѝ требаат на заедницата, му требаат на општеството, „си“ требаат себеси.
– Длабоко веруваме во трансформативната моќ на читањето, на текстуалните, па и на визуелните пораки. Читањето уште од најмала возраст ни отвора врати кон побогат живот, нè поттикнува да станеме покреативни и сочувствителни, да се развиваме и интелектуално и хумано. Нашата мисија е да придонесеме за развојот и интелектуалното богатство на децата преку текстови (и илустрации) што ќе им ги разбудат имагинацијата и уметничкиот сензибилитет, што ќе им ја поттикнат емпатијата, ќе им понудат поинакви перспективи и ќе им помогнат да изградат автентични замисли и ставови – посочуваат од „Сказнувалка“.
Фестивалот е дел од проектот „За оние по нас“, во рамките на програмата „Креативна Европа“. Во рамките на проектот се издадени пет квалитетни наслови за млади – „Магла“ од Марта Палацези, „Мрежа“ од Сара Алегрини, „Писма до некого и до никој друг“ од Тон Телехен, „Кој сакаш да бидеш?“ од Карло Фрабети и „Пишувачите на писма“ од Беатрис Осес.
– Книгите се со одличен превод, наслови што зборуваат со автентичен глас преку главните ликови, третираат теми привлечни за младите, истовремено промовирајќи толеранција, пријателство и солидарност. Преку нив се обидуваме да создадеме и/или развиеме навики за читање кај адолесцентите, да создадеме нова генерација страсни читатели и да промовираме и стимулираме критичко размислување – изјавуваат организаторите на „Крошна“.
С.Ј.