Проблемите со хигиената во сезоната на приготвување зимница се повторуваат секоја годинаa / Фото: Игор Бансколиев

До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број меѓусоседски „критики“, предизвикани токму од приготвувањето на зимницата од не толку совесни граѓани. Во реакциите се вели дека некои од нив во ќумбињата горат разни отпадоци и лакирани остатоци од мебел, а непотребниот остаток од зимниците го исфрлаат на улица или во атмосферската канализација

Храната приготвена во домашни услови за зимата во согласност со рецептите на бабите, но културата треба да е во чекор со 21 век

Секој почеток на есента, традиционално, го означува и почетокот на приготвувањето на познатата вкусна храна, приготвена во домашни услови, која трпи неколкумесечно домашно складирање во текот на зимските месеци, не губејќи од својот вкус и квалитет. Всушност, зимницата е нешто по што се препознатливи нашите градови и села, создавајќи силен печат на традиционалната домашна, македонска кујна. Раздвижени луѓе на сите страни, кои ги обиколуваат пазарите, во надеж дека ќе се снабдат со свежи, поевтини и поквалитетни производи за приготвување на зимницата, а истовремено со тоа се подготвуваат импровизираните огништа за неколкудневниот ритуал за приготвување на надалеку познатите ајвар, пинџур, лутеница и други специјалитети.
За жал, оваа процедура, која се повторува од година на година, повторно ја исфрла на површина и некултурата кај добар дел од нашите граѓани, која се манифестира токму при приготвувањето на зимницата. А како што е традицијата на производство на зимница, во пакетот се традиција и други главоболки, неодминливо, секоја сезона… Фрлени отпадоци од приготвувањето на зимницата во атмосферската канализација, семки по улиците, црн чад и ужасен мирис предизвикан од разните „материјали“ што се горат во ќумбињата на кои се приготвува зимницата се само дел од проблемите со кои се соочуваат граѓаните и општинските власти, но и некои од јавните претпријатија.

ГОДИНИТЕ МИНУВААТ, КУЛТУРАТА ОСТАНУВА ИСТА

Мирисот на ајвар, печени пиперки, модри патлиџани и други јадења што се препознатливи за македонската традиционална зимска трпеза, и деновиве на големо се чувствува во метрополата. Иако традицијата полека но сигурно одумира, дел поради тоа што нѐ зафати голема криза, која ги крена цените на сите производи до нереални височини, дел поради тоа што младите генерации немаат време да им се посветат на зимниците, сепак, оние што сакаат домашно приготвена зимница чекаа да паднат колку-толку цените на потребните овошја и зеленчуци, па периодов го започнаа приготвувањето на зимниците.
И секако дека традицијата не би требало да замре, меѓутоа само во оние случаи кога зимницата се приготвува со почитување на правилата и прописите, без загадување на околината и без фрлање на ѓубрето онаму каде што не му е место.
До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број меѓусоседски „критики“, предизвикани токму од приготвувањето на зимницата од не толку совесни граѓани.
Па, така, во реакциите се вели дека некои од нив во ќумбињата горат разни отпадоци и лакирани остатоци од мебел, ѓубрето од зимниците го исфрлаат на улица или во атмосферската канализација.
– Треба да се разбере дека денес живееме во малку поинакво време од она пред 20 и повеќе години. За разлика од минатото, денес фрлањето ѓубре на недозволени места е казниво. Секој има обврска да си одржува чисто пред вратата, пред дворот, има обврска да си собира лисја, да си чисти снег… Значи, ако тоа е обврска на граѓаните, не може некој да си приготвува ајвар, а лушпите и семките од пиперките да си ги мие со црево од сопствениот двор, исфрлајќи ги надвор на главните улици. Тоа е случај и во Бутел и во Чаир, каде што јас најчесто гравитирам, бидејќи моите родители се во Чаир, а јас живеам во Бутел.
Дополнително, доста голем проблем е тоа што во обидот да заштедат дрва, горат буквално сѐ што ќе им се најде при рака – гуми, лакирани остатоци од мебел, пластични шишиња, и со тоа нѐ трујат нас во околината. Мирисот е интензивен, мириса навистина силно и тешко – вели Анета Димитровска.
Според неа, секој треба да си прави зимница во согласност со можностите, но, од друга страна, тоа не би требало да значи дека секој може да прави што сака, а особено не на штета на другите граѓани.
– Атмосферската канализација од септември постојано има лушпи од пиперки и модри патлиџани, соседите си ја отвараат уличната шахта и истураат буквално сѐ. Правеле компот, мармалад или нешто друго, остатоците си ги истураат во канализацијата. Па, кога ќе надојдат поројни дождови, се чудат зошто водата ни стои на улица и зошто атмосферската канализација е затната. Колку и да е органски отпадот, се знае дека ѓубрето не е за во канализација, туку за во канта за отпадоци – вели таа.

СТАРО-НОВИ ПРОБЛЕМИ

Проблемите за надлежните секоја сезона се исти. Изминатите години, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ постојано апелира до граѓаните да го фрлаат отпадот на места соодветни за тоа, бидејќи со фрлањето отпад во атмосферската и фекалната канализација предизвикуваат проблем во целата канализациска мрежа, ризикуваат да ја затнат, па при поројни дождови таа нема да биде функционална и нема да ја собира надојдената вода.
Судејќи според минатите сезони, традиционално во овој период од годината и градските инспектори теренски ги опоменуваат граѓаните, а секако отворена е и опцијата за санкции доколку сериозно се прекрши Законот за јавна чистота.
Во согласност со законот, казната за овој прекршок изнесува 50 евра во денарска противвредност.

[email protected]