Фото: Општина Штип

Како што тоа го прават и други врвни светски фестивали и „Макфест“ одлучи малку да го смени правецот, да регрутира нова публика, а како тоа ќе се одрази, ќе покаже времето

Штип вчера и завчера дишеше во знакот на 37. издание на реномираниот фестивал на забавна музика „Макфест 2022“. Иако е време на криза, локалната самоуправа најде сили и средства да го одржи ова фестивалско издание, кое и покрај неколку новитети, кои за првпат се случуваат на фестивалската сцена, сепак го одржа континуитетот на една од најдолговечните и најуспешни музички манифестации во земјава.

И покрај бројните измени што ги доживеа за овие 37 години, „Макфест“ и овојпат создаде „бранови на македонската музика“, како што е слоганот на фестивалот. Конечно се врати каде што и започна, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, кој сè уште, за жал, не е целосно реновиран, но, како што рекоа учесниците на годинашното фестивалско издание, сè уште ги чува спомените и песните од некои претходни ѕвездени изданија.

Да, памети „Макфест“ златни денови, но и лоши денови, но зарем, не е најважно тоа што тој сè уште трае, во континуитет 37 години, и сè уште е сцена на која млади имиња на македонската музика го започнуваат својот пат до ѕвздите, а оние веќе докажаните, постојано се враќаат во Штип, каде, како што велат, доживеале незаборавни мигови во својата музичка кариера.

Сепак, песните, сè она што долги години го движи напред „Макфест“ и тие се паметат, а се надеваме и од годинашното издание барем десетина мелoдии ќе го положат тестот на времето. Од годинава, иако немаше награди и фестивалот беше од ревијален каерактер, се врати наградата за најслушана песна, која ќе биде доделена в година.

Од новините, немањето награди за многумина беше пријатно, но за некои учесници и непријатно изненадување, бидејќи, како што велат, исчезнала возбудата, но органзаторите, локалната самоуправа на градот Штип, одбивајќи ги понuдените 4.000 евра од Министерството за култура како смешни, издвоија 100.000 евра од својата каса, но и со помош на бројни компании, за да ги платат откупените песни од авторските тимови, бидејќи на објавениот конкурс беа примени само 4 песни, како и да ги исплатат најреномираните македонски пејачи кои се одѕваа на поканата да се појават на макфестовската сцена.

Меѓународна димензија на „Макфест“ му даде учеството на познатиот балкански пејач Ален Исламовиќ, кој настапи во ревијалниот дел и ја испеа песната „Судњи дан“.

– Со Ален стапивме за пет минути во контакт, а мислам дека за уште пократко време ја прифати нашата понуда да учествува на фестивалот. Сите добро знаеме колку значи неговото име за југословенската поп-рок сцена и поради тоа ни претставува чест и привилегија што ќе биде дел од 37-то издание на фестивалот. Ален издава и нов албум и мислам дека го побаравме во вистинско време. Првиот сингл од албумот тој ќе го промовира токму на „Макфест“ – изјави уметничкиот директор на фестивалот, Роберт Саздов.

Тој во реализацијата на фестивалот имаше огромна помош од музичкиот директор, член на Уметничкиот совет и одговорен за звукот на фестивалот и што уште не, Јован Јованов, кој специјално за оваа пригода дојде од Канада, каде веќе десетина години гради успешна кариера.

– Мислам дека за кратко време подготвивме добар фестивал, музички разновиден, настапија актуелни, докажани пејачи, но им дадовме шанса и на нови, млади таленти. Драго ми е што годинава учесниците беа фокусирани на песната и настапот, а не на победата. Воведувањето ревијален карактер им даде голема слобода на учесниците од креативен аспект – ни рече Јован Јованов.

А сè да функционира како што треба изминатите два дена, свој придонес даде и директорот Александар Арсовски.

Освен во Домот „Ацо Шопов“, познатото макфестовско расположение се чувствуваше во целиот град, а уште на генералната проба децата ја наполнија салата и надвор чекаа да се фотографираат со Ламбе Алабаковски, Тамара, Андреа, Виктор Апостоловски, штипјанецот Дејан Тасев, со членовите на „Два бона“, со Пајак и Лара…, кои се доста популарни меѓу младите генерации.

Е токму тоа, тој спој и желбата да се фати чекор со ново време е една од најважните карактеристики на годинашното издание. Но, не беа сите задоволни. Зошто ги нема познатите шлагери и хитовски рефрени, веднаш реагираа луѓето на социјалните мрежи?

Сепак, како што тоа го прават и други врвни светски фестивали и „Макфест“ одлучи малку да го смени правецот, да регрутира нова публика, а како тоа ќе се одрази, ќе покаже времето.

– Промените секогаш се добредојдени, кога е креативноста во прашање. Гледајќи што се случува во Штип деновиве, и со каква енергија пулсира, мислам дека фестивалот „Макфест“ направи добар потег, што им ги подотвори вратите и на младите, кои не го помнат времето на големите фестивалски хитови, но сега имаат свои омилени музички ѕвезди, кои еве, овојпат ги донесовме во Штип – вели познатиот музичар Филип Стевановски, член на Фестивалскиот совет.

Оваа година за првпат во Штип, „Макфест“ беше збогатен со уште еден придружен настан на плоштадот Слобода, во името на виното и музиката, на кој во живо штипјани на големи екрани, ги проследија двете фестивалски вечери, а потоа следуваа изведби на најголемите хитови испеани во Штип. На овој несекојдневен настан се потсетивме на: „Кога те нема“ од Хелена Благне, „Таму кај што си“ од Ристо Самарџиев, „Осамен“ од Трајче Манев, „Виолина и гитара“ од Дуле и Коки, сѐ до „Никогаш не вели никогаш“ од Антонија Гиговска, „Тажна љубов, среќна песна“ од Тамара и многу други незаборавни мелодии.

Дел од вечните макфестовски теми слушнавме и од Ристо Самарџиев, најнаградуван автор и интерпретатор на „Макфест“, а преку танцова точка на некои од хитовите не потсетија и водителите Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски, на кои, како што велат, овој фестивал им е во срцето.

Мартинијан Kириловски / Фото: Приватна архива

– „Макфест“ во мојата кариера е доста важен, сум го водел досега четири пати, два пати со и два пати без Марјана. Тој е можност за бегање од реланоста во мојот свет, зашто тука имам можност да се забавувам со штипската публика, која многупати докажала дека знае да препознае добра песна и добра енргија. Оваа година ми е драго што многу работи се сменија, на пример, што нема тепачки за награди. Настапија еминентни автори и изведувачи, но и млади, актуелни ѕвезди, всушност споено е исксутвото со новото актуелно. Тука се „Два Бона“ и Пајак, кои што младите многу добро ги знаат. Инаку, моја макфестовска омилена тема е „Морска ѕвездо“ на Тоше Проески, како и „Моја гитара“ на „Банкрот блуз бенд“, па со Марјана се потрудивме малку и да заиграме на сцената во нивниот ритам – ни рече Димитар Атанасовски.

Меѓу презентерите ги видовме и: Лила Стојановска, Миланка Рашиќ, која меѓу бројните манифестации и фестивали што ги водела, била водителка и на „Макфест“ и познатиот ракометен голман Борко Ристовски.

Игор Џамбазов, заедно со гитаристите Игор Атанасоски -Харе и Александар Таушанов, во петокот нè потсети на своите најголеми хитови, меѓу кои секако е и макфестовската „Време за плачење“, што ја испеа со присутните во салата.

Двете фестивалски вечери директно ги пренесуваше Македонската телевизија, и според реакциите, втората вечер, во саботата, звучеше многу поквалитетно и подобро.

А на првата настапија 12 млади имиња, но меѓу нив имаше и постари пејачи, кои веќе настапиле на „Макфест“, како на пример Александар и „Балкан бенд“, чија песна веднаш отскокна со својот квалитет и изведба. Од сите нив, беа избрани шестмина, кои ги видовме и синоќа, за што одлучија гласовите на членовите на Уметничкиот совет на фестивалот и гласовите на публиката во салата. За најдобар дебитант е избрана Благица Ѕунѕуровска – Блеа, која ја пееше песната „Рај“, на младиот Филип Неделковски, а за текстот се погрижи самата.

Од веќе докажаните пејачки и авторски имиња, настапија: Тамара Тодевска, која се претстави со „Замижи“, песна на веќе докажаниот тандем Билбилов-Џамбазов, Ламбе Алабаковски ја исполни „Оди си“, на Иван Јованов, за која самиот го напиша текстот, Мартинијан Кириловски овојпат беше „Крал и слуга“ (муз. Иле Спасов, текст Тајзи), Викторија Лоба пееше „За нас“ (муз.Ана Пандевска, текст В.Лоба), штипјанецот Дејан Тасев, сите ги разигра со „Ајде признај“ (музика Дарко Тасев, текст Кристијан Габровски), Виктор Апостоловски сврте „Нова страна“, во истоимената песна, чиј автор е самиот тој, а Андреа со песната „Телепатија“ на А. Масевски, сите ги воодушеви со својата изведба… Сепак, најголем аплауз добија Дарко и „Како браќа“ кои доста сугетсивно ја исполнија песната „Јас доаѓам“ на Кире Јакимов, која е одраз на неизвесното време во кое живееме.

Сите исполнители на сцената ги придружуваа танчери, а настапите беа надополнети и со соодветни светлосни ефекти.

Да се надеваме дека, сега кога „Макфест“ повторно се врати дома, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, локалната самоуправа, ќе се потруди в година, да ни понуди уште подобар фестивал, со соодветни награди, но и со учество на познати домашни и пејачки имиња од странство, чии песни ќе бидат дел од животот на генерациите што доаѓаат.


Рекоа за „Макфест 2022“

Александар Масевски: Досега сум учествувал неколку пати на „Макфест“ и сметам дека оваа традиција треба да продолжи и да го задржи високиот рејтинг што го има. Фестивалот им помогнал на многу млади луѓе кои се на почетокот на својата кариера, а така треба да биде и во иднина. Со задоволство со Андреа ја прифатиме поканата од организаторите да дојдеме во Штип. Ова ќе биде прв нејзин официјален настап на домашна музичка сцена, но и добра промоција на новата песна „Телепатија“, која носи доза на мистичност во себе.

Александар Масевски / Фото: М.Т.

Андреа Коевска: Убаво се чувствувам во Штип, енергијата е многу убава и во градот и на макфестовската сцена, каде искрено, почувствував голема возбуда. Пробите минаа одлично, се запознав со многу колеги. Мислам дека фестивалот беше убав и за гледање и за слушање, а јас дадов сè од себе песната „Телепатија“ да прозвучи моќно. Аплаузот што го добив беше најголема награда за мене.

Андреа Коевска / Фото: Продукција „Масевски“

Ламбе Алабаковски: Кога ми се јави Јован Јованов и ме праша дали ќе учествувам на годинашниот „Макфест“, веднаш прифатив кога слушнав дека фестивалот ќе биде од ревијален карактер. Убаво е да има вакви фестивали, да се создаваат нови песни, да се дружиме. Песната „Оди си“ ја напиша Иван Јованов и уште од првото слушање ме освои. А Домот „Ацо Шопов“ има мирис на минатото на овој фестивал, чиј дел сум и јас. Во секој случај пријатно е да си тука во Штип деновиве, да се дружиме со колегите, а запознав и многу нови, млади луѓе, кои се на почетокот на кариерата, што ми е особено драго.

Ламбе Алабаковски со младите штипјанчиња / Фото: М.Т.

Мартинијан Кириловски: Овојпат пеам песна насловена „Крал и слуга“, на Илија Спасов, а текстот е на мојот сограѓанин Тајзи. Во мојот репертоар имам повеќе макфесовски теми и размислувам да издадам и це-де. Инаку, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, секогаш има добра енергија, некој позитивен дух. Оваа сала, едноставно, живее за „Макфест“ и јас секогаш тука се чувствувам како дома.

Алксандар Тасевски – „Балкан Бенд: Не сум прв пат на „Макфест“, тука бев и со „Браво бенд“ во 2008 година. Овојпат макфестовската тема „После нас“ е плод на соработка со Елвир Макиќ, ние сме стари пријатели и соработници. Уште при првото слушање, оваа прекрасна балада ме освои, а мислам дека убаво прозвуче и на фестивалската сцена. За мене „Макфест“ е најдобриот фестивал кај нас и е убаво искуство за мене.

Александар Тасевски / Фото: М.Т.

Дејан Тасев: Јас го сакам „Макфест“, на кој учествувам по седми пат, и верувам дека нема штипјанец што не мисли како мене. Секогаш сум тука и со задоволство сум дел од фестивалот, како и годинава. Прв пат нема награди, сите малку не изненади тој факт, но се надевам дека тоа е привремено решение на организаторите. Настапив со песната „Ајде признај“, на Дарко Тасев и Кристијан Габроски , која е со брз ритам, бидејќи годинава целиот фестивал звучи така, поенергично, а сцената ја делам со младиот гитарист Божидар Јорданов и со млади танчерки.